Македонија
ВЛЕН: ДУИ е синоним за зло и дестабилизација
Таканаречениот Европски фронт, се обидува да сее несигурност кај граѓаните. Тоа што Фронтот наречен “европски“ беше дестабилизиран не значи дека треба да се дестабилизира државата. Тоа што се поделија, не значи дека општеството ќе се подели како нив, велат од коалицијата ВЛЕН.
„Во овие клучни моменти за иднината на државата, ги повикуваме сите политички актери кои и посакуваат добро на државата, да се обединат околу стратешките цели, а тоа се европските вредности и евроинтеграциите, а не други ретроградни дејствија. Кога ДУИ зборува за руски инфилтрации, ја потсетуваме јавноста дека оваа партија му даде пасош на прорускиот бизнисмен Онишченко, кој е на црната листа. Смешно е кога ДУИ зборува додека нејзините постапки ја демантираат. Токму оваа партија сама го отвори небото за да го донесе рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Скопје. Обидите за дестабилизација нема да поминат, ќе тече хармонија и соживот меѓу граѓаните каде сите ќе се чувствуваат еднакви. Ова го дадовме како ветување во предизборната кампања и посветено се залагаме за тоа секој ден“, се нагласува во соопштението од оваа партија.
Според ВЛЕН, „синоним за дестабилизација е Девалвирачката Унија на Институциите“.
„Им го освежуваме сеќавањето. Сите страшни настани во државата, особено за Албанците, се случија кога ДУИ беше дел од власта. Случаите “Монструм“, “Диво Наслје“, се настани кои ја затегнаа државата, но за среќа не создадоа поделеност во општеството. ДУИ е синоним за зло и за тоа Албанците ги испратија на местото каде заслужуваат да бидат, во опозиција“, оценуваат од ВЛЕН.
Албанскиот народ, како што додаваат, повеќе нема да се изманипулира.
„Правдата доаѓа, а вашите игри завршија. E ова им пречи на експонентите на ДУИ, поточно Артан Груби. Бајките и лагите кои се обидува да ги наметне во домашната јавност веќе не поминуваат, па сега се обидува да ги пренесе своите лаги во јавноста во Албанија дека по инцидентите кои се случиле, биле уапсени 17 Албанци, што апсолутно не е вистина. Потсетуваме дека 17 лица беа уапсени за палење на државното знаме и албанското знаме.
ВЛЕН гарантира: Законот е за сите и над сите. Никој нема да биде над законот, без разлика на позиција или припадност. Безбедноста е приоритет. Секој граѓанин, без разлика, заслужува да се чувствува безбеден и заштитен. Правдата е на дело. Секое кривично дело ќе се истражува, секој сторител ќе одговара и никој нема да избега од казна“, прецизираат од ВЛЕН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

