Македонија
„Влен“: Од фотографиите за „Фејсбук“ на Артан и на Бујар не се изгради ниеден пат за Албанците
„20-годишните празни ветувања на ДУИ ги претвораме во градба на вистински патишта. ДУИ речиси две децении ѝ владееше на државата, но регионите каде што живеат Албанците добија ништо. Ниту еден крупен инфраструктурен проект не беше изграден, ниту еден километар автопат кон Гостивар, Кичево, Струга, Блаце или Ќафасан. Албанците добиваа само цвеќиња, ленти и фотографии на Фејсбук со ликот на Артан и Бујар“, велат од „Влен“.
„Патишта се градеа секаде освен таму каде што живеат Албанците. Додека државата градеше кон Криви Паланка, Штип, Кочани, Радовиш, Струмица и Гевгелија, ДУИ не се интересираше за градба на патишта во западниот дел на државата.
Автопатот Скопје–Блаце беше ветуван повеќе од 20 години, а за тоа време беа неколку пати „промовирани“ два незавршени километри. Експерти за реклама и за маркетинг, никако за работа. ДУИ стана позната по церемонии без реални резултати, ленти без асфалт, ветувања без бетон. Денес реалноста е поинаква, благодарение на „Влен“. Градежна офанзива гледаме секаде низ западните региони. Од Тетово, преку Гостивар, до Кичево и Струга, булдожери, камиони и асфалтни бази сведочат дека конечно се гради и таму“, соопштува „Влен“.
„Тивко, посветено, одлучно. „Влен“ работи без помпа, но резултатите се видливи секој ден: нови траси, реконструирани делници и проекти во корист на сите граѓани.
Покрај патиштата, вложуваме преку 300 милиони во локална економија, инфраструктура, образование и зелена транзиција, затоа што развојот мора да стигне до секое село и град.
Граѓаните не забораваат. Тие гледаат кој гради, а кој позира. Срамот е на ДУИ, работата е на ВЛЕН. Додека ДУИ продолжува со празни зборови, ВЛЕН ќе продолжи со конкретни дела, затоа што фотографиите не градат патишта, туку инженери, работници и вистински проекти“, се наведува во соопштението на „Влен“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
До 5 февруари пријавување за субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 февруари 2026.
-Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата. Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, соопшти МОН.
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на линкот https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20252026-godina
-За поддршка при аплицирањето, контактирајте преку е-пошта: [email protected] Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови, информира Министерството за образование и наука.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар – Стража – Кичево
Забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Стража – Кичево се укинува од 14.30 часот, соопшти ЈП „Македонијапат“. Забраната беше воведена денеска од 9.40 часот во двата правца на патот поради врнежи од снег.
Забрана за сообрачај на камиони и автобуси од 9.20 часот е воведена за камиони и автобуси на патниот правец крак Шипковица – Попова Шапка и од 5.45 часот за тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Како што информира ЈП „Македонијапат“, врнежи од снег има во Крушево, на Попова Шапка и во Маврово и на планинските превои Стража, Пресека, Буково и Ѓавато.

