Македонија
„Влен“: Правичната застапеност добива европски печат и набегу ќе влезе во парламентот
„ВЛЕН затвора еднаш засекогаш едно од најголемите поглавја на политичката измама против Албанците: прашањето за правична и соодветна застапеност. Новиот закон за правична и соодветна застапеност е најјасен доказ дека она што две децении се користеше како слоган, алиби и алатка за политичка уцена, денес станува законски, мерлив и применлив стандард“, велат од „Влен“.
„За прв пат, правичната застапеност не останува заложник на политичката волја на владите, партиските пазарења или изборните манипулации, туку е регулирана со јасен, обврзувачки и надгледлив закон. Со овој закон, ВЛЕН ја затвора клучната алка на Охридскиот Договор.
Фактите се неоспорни: Венецијанската комисија, највисокиот европски орган за уставни и правни прашања, исто така даде позитивно мислење за истиот закон. Ова дефинитивно ја побива пропагандата на ДУИ, која со години зборуваше за застапеност, но никогаш немаше храброст, волја и политичка чесност да ја регулира со закон.
ВЛЕН го направи она што другите само го ветуваа. Денес, правичната и соодветната застапеност се трансформира во правен механизам што гарантира вистинска еднаквост, транспарентност и правда за сите граѓани, без оглед на припадноста и без партиски посредници.
Се очекува законот наскоро да влезе во собраниска процедура, а ВЛЕН ги повикува сите пратеници, без исклучок, да се вратат на разумот, одговорноста и јавниот интерес. Ова не е партиски закон, туку закон за еднаквост, закон за правда и закон за европската иднина на земјата“, соопшти „Влен“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Други ја гледаат Македонија како плен
Други ја гледаат Македонија како плен, како територија за владеење. Ние ја гледаме како дом, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во неговото обраќање на почетокот од 31. Конгрес што денеска се одржува во Скопје.
– Ние нудиме нешто друго, ниво, поинаку. Мора да понудиме засолништето од ова лудило. Нашата платформа и програма е договор со секој граѓанин. Ние нудиме економија на достоинство, економски патриотизам, економски модел во кој централна фигура е човекот и неговите потреби. Економска стратегија која се фокусира на тоа како парите кои вие ги плаќате во буџетот да се вратат повторно кај вас, преку повисоки плати, подобро образование, подобро здравство, повисоки пензии, додаде претседателот на СДСМ.
Пред присутните, Филипче подвлече дека СДСМ се залага, не само за едноставна мала плата, туку за достоинствена плата за живот.
– Систем каде што профитот не е забранет, но, алчноста е одданочена. Враќањето на парите кај граѓаните – не преку лажни мерки, туку преку системски инвестиции во секој аспект на приходите и услугите кои вие како граѓани ги добивате од државата. За младите – држава дигитален центар, а не извозник на евтина работна сила или на наши креативни млади умови. Ако може да работат за странски компании, нека работат тука. Нека работат од дома, но, во европски услови за кои ние ќе гарантираме. За пензионерите, престанок на милостината пред избори, гарантиран раст на пензиите кој ја следи инфлацијата за да не мора да бираат помеѓу лекови и храна. За работниците ќе бидиме штитот кој ќе ги брани од самоволието на газдите кои оваа сегашна власт ги штити. Нас повеќе од кога било, потребна ни е социјална држава, а таква држава може да обезбеди само СДСМ, дециден беше Филипче.
Отворениот дел од Конгресот на СДСМ заврши, сега е во тек делот што е затворен за јавноста.
Македонија
Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста од Законот за извршување
Уставниот суд на Македонија поведе постапка за оценување на уставноста на член 218 од Законот за извршување, поради сомнеж дека одредбата е нејасна, непрецизна и создава правна непредвидливост во спроведувањето на извршните постапки. Судот оцени дека постои основано прашање дали со оспорените законски решенија се ограничува можноста за ефективно остварување на паричните побарувања кон државните органи, општините и јавните претпријатија, што може да доведе до повреда на уставно загарантираните права.
Оспорениот член предвидува дека врз предмети и права на државата, општините и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност. Дополнително, претседателот на надлежниот суд може да утврди кои предмети се неопходни доколку странките не се согласат.
– Член 218 – (1) Врз предмети и права на Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи. (2) Кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот ќе определи претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство, ако во текот на спроведувањето на извршувањето, странките за тоа прашање не се согласат или инаку се укаже тоа како потреба, гласи членот.
Судот смета дека одредбата е нејасна и непрецизна, бидејќи не утврдува кои предмети и права се сметаат за неопходни.
-Уставниот суд во оваа фаза од постапката изрази сомнеж дека одредбата е нејасна и непрецизна. Имено, Судот смета дека со ова законско решение Законодавецот воведува генерална и нејасна забрана за извршување на предмети и права, без притоа да се воспостават правни стандарди и да се прецизира кои се предметите и правата кои се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи, стои во соопштението од Уставен.
Според судиите, ваквата формулација може да ја направи извршната постапка практично невозможна, со што правосилните пресуди остануваат само на хартија.
Од Уставен велат дека е проблематичен и вториот став од членот 218, кој му дава дискреционо право на претседателот на судот да одлучува што е неопходно за работа на должникот. Уставниот суд оцени дека овој став не може да опстои самостојно ако првиот дел од членот падне.
-Судот смета дека став 2 кој се надоврзува на став 1 сам по себе не може да опстои во правниот поредок без став 1. Покрај тоа, основано се постави прашањето за неговата содржина, според која претседателот на Судот на чие подрачје се спроведува извршувањето, да има дискреционо право да одлучи кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста, дополнуваат оттаму.
Судот изразува сомнеж дека одредбата создава правна непредвидливост и непосредно ја повредува правната сигурност на субјектот, што е во спротивност со уставното начело на владеење на правото уредено со членот 8 од Уставот. Воедно, како што велат оттаму, пред Судот основано се поставило и прашањето дека со ограничување на можноста за ефективно остварување на паричните побарувања, се задира и во уставно загарантираното право на сопственост, уредено со член 30 од Уставот.
Иницијативата за поведување постапка е поднесена од Николче Митевски, кој го оспорува првиот став. Но, врз основа на расправата, Судот одлучил по службена должност да отвори постапка и за вториот став.
Во иницијативата бил посочен и пример на работник во комунално претпријатие кој добил правосилна пресуда за неисплатени пензиски придонеси, но не можел да наплати поради ограничувањата од членот 218.
Уставниот суд најави дека при носењето на конечната одлука ќе ги земе предвид последиците што евентуалното укинување би ги имало врз државните институции и јавните претпријатија кои се предмет на извршни постапки.
-При носењето на оваа одредба Уставниот суд ќе го земе предвид правното дејство на одлуките, од евентуалното укинување или поништување и што тоа би значело за државните органи, јавните претпријатија и општините кои се соочуваат со извршувања и согласно тоа ќе цени каква ќе биде одлуката, велат од Уставен суд.
Постапката била поведена на првата седница на Уставен суд одржана на 21 јануари 2026.
Македонија
МВР утре во Куманово и Тетово ќе ги тестира камерите за проектот Безбеден град
Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека во рамки на проектот Безбеден град, утре-недела (25.01.2026) ќе се спроведуваат активности за тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди (камери) за сообраќаен надзор на подрачјето на градовите Куманово и Тетово.
Како што информираа од Министерството, ективностите ќе се реализираат во временскиот интервал од 08:00 до 20:00 часот, при што на секоја локација со поставена камера постапката ќе се изврши еднократно и ќе трае кратко, приближно од 15 до 30 минути. За време на спроведувањето на активностите на конкретната локација, сообраќајот привремено нема да се пропушта додека трае постапката, по што ќе продолжи да се одвива нормално.
Ги повикуваме граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, како и да покажат разбирање, трпение и соработка, со цел непречено и безбедно реализирање на планираните активности, информираа од МВР.

