Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Аферата „Диво месо“ покажа дека на Онкологија свесно бил создаван хаос за да се прават манипулации со скапата терапија
Според ВМРО-ДПМНЕ, скандалот „Диво месо“ на Клиниката за онкологија на виделина ја извади целата канцер мафија која печалела на грбот на најтешко болните во Македонија.
На Онкологија, како што велат од оваа партија, владеело хаос. „Свесно било дозволено, да нема ниту софтверски КАТО систем, ниту протоколи, ниту писмена евиденција, се со цел да се случуваат манипулации со скапата терапија. Скапата терапија без усул била набавувана од омилената веледрогерија на власта, без консултации со Фондот за здравство, со што бил трупан огромен долг на клиниката кон добавувачот. Во исто време иако биле потрошени тешки милиони, пациентите се соочувале со недостаток на лекови, терапија и термини за лекување.
Според сведоштвата на пациенти и медиуми, скапите лекови платени со народни пари „исчезнувале“ и завршувале на црниот пазар во државата и странство, а на најтешко болните им бил даван само физиолошки раствор. Овој грозоморен криминал за кој се зборува две години веќе, обвинителството нема абер да го расчисти. Јовески и Абази, ставени во скутот на власта, од петни жили се обидуваат да го развлечат случајот, да го релативизираат, гневот да го насочат кон сите здравствени работници, а не кон вистинските одговорни и на крај да го прогласат „кабелот за виновен“, се истакнува во реакцијата на опозициската партија.
Ваков криминал, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, не било возможно да се случува без знаење и одобрување од страна на раководните структури на институциите и власта.
Оценуваат дека тоа е причината поради која обвинителството молчи веќе два месеци откако отпочна предистрага која никако да премине во истрага, а уште помалку обвиненија.
„Но многу скоро ќе се промени власта и ќе се спроведе темелна и целосна истрага која одговорните ќе ги донесе пред лицето на правдата, но и оние кое ова го дозволувале и го прикривале“, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

