Македонија
ВМРО-ДПМНЕ бара уште едни предвремени парламентарни избори
ВМРО-ДПМНЕ мора да остане со народот и да продолжи да ги брани државните и национални интереси по секоја цена, а за тоа предлагаат да се одржат нови предвремени парламентарни избори заедно со локалните, одлучено е на Централниот комитет, кој во вторник вечер одржа седница.
На состанокот се донесе заклучок со кој Извршниот Комитет и партијата треба да продолжат да се спротивставуваат на обидите за редефинирање на Македонија од мултиетничка во бинационална држава.
„Не смее да се дозволи реализација и на останатите фази од процесот кои подразбираат менување на банкнотите, воведување на албанскиот како официјален јазик, кантонизација и федерализација, но и отпочнување преговори за менување на химната, грбот и знамето како вовед во промена на името и идентитетот“, се вели во партиското соопштение.
Според Централниот комитет Македонија се наоѓа во политичка состојба во која победникот во албанскиот блок партии одлучи да не коалицира со победникот во македонскиот блок испраќајќи го во опозиција, односно одлучи да ја изигра волјата на мнозинството македонски граѓани кои гласа за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“. „Со тоа засекогаш е погазен принципот „победник со победник“ и веќе не постои вистинска причина во иднина да биде загарантирано учеството во извршната власт на партијата која би освоила мнозинство од албанските гласови“, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека уцената со која се соочува СДСМ најскапо ќе ја чини државата.
„Стравот на криминогеното раководство на СДСМ дека ќе треба да издржува казна затвор доколку не формира влада, го тера да прифаќа секакви максималистички барања на штета на државата. Затоа Зоран Заев ја прифати платформата од Тирана и презеде обврска да ги реализира на штета на државата“, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.
Затоа Централниот комитет го потврди ставот дека најдобар излез од актуелната криза е да се оди на нови, предвремени избори, кои би се одржале заедно со локалните. „Со тоа би се редуцирале трошоците, а граѓаните би добиле шанса да се произнесат околу тиранската платформа, која беше донесена после изборите како услов за формирање на влада. Централниот комитет, исто така констатираше дека помала е штетата доколку на СДСМ му се понуди поддршка за формирање на влада и покрај тоа што ги изгубија изборите. Оваа поддршка би се реализирала само со експлицитно отфрлање на тиранската платформа и нејзините елементи од страна на СДСМ“, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

