Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Власта на СДС и ДУИ станува нервозна, по медиумите, на удар се нивните членови и пратеници

„Колку повеќе се зголемува антивладиното расположение кај граѓаните, толку повеќе СДС и ДУИ стануваат нервозни. Почнаа со навреди кон политичките противници, па продолжија со етикетирања кон медиуми, за сега да почнат да се вртат и против своите членови кои им се спротивставуваат на нивните погубни политики, криминалот и корупцијата. На удар на оваа ненародна и недемократска влада се пратеници во Собранието од редовите на власта кои сметаат дека агонијата со оваа влада предводена од Ковачевски треба да престане и да се оди на избори“ се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму порачуваат „овие пратеници во Собранието трпат директни закани од типот `ќе ви се случи лошо вам и на вашите блиски ако поддржите избори`, но и индиректни преку посредници. Власта за заплашување и притисоци врз пратеници користи криминални групи кои ги користеше целиот овој период за матни бизниси и криминогени активности“.
„Власта на СДС и ДУИ не бира средства да се задржи уште некој месец на власт. Но колку повеќе насилно се однесуваат, толку повеќе граѓаните се против оваа власт. Борбата за Македонија нема цена, а криминалците и насилниците од власта ќе зажалат за заканите, притисоците и насилството кое го прават“ се вели во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Европратеникот Ковачев бара Пендаровски, Ковачевски и Спасовски да се сретнат со Бугарите во Македонија

Ги повикуваме претседателот Пендаровски, премиерот и министерот за внатрешни работи лично да ги слушнат проблемите на Бугарите во Македонија на средба со нив, порача бугарскиот европратеник Андреј Ковачев кој денеска во Европскиот парламент се сретна со претставници на здруженијата Бугарите во земјава.
Тој рече дека македонските Бугари се залагаат за што поскоро членство на Македонија во ЕУ.
„Ова е од корист за сите граѓани на РСМ, за Бугарија, за целиот регион и за Европа. Тоа е она за што работиме и затоа бугарското претседавање со Советот на ЕУ имаше за цел да ги убеди нашите партнери дека интеграцијата на Западен Балкан треба да се случи што е можно побрзо. Со војната во Украина и пропагандната војна во Бугарија и во земјите од Западен Балкан, тоа е исклучително важно, мора да се поддржат проевропските сили“, изјавил Ковачев, пренесуваат бугарските медиуми.
Бугарскиот европратеник и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук ја нагласи потребата за промена на македонскиот Устав.
„Се додека не се смени Уставот и не се вклучат сите чинители на македонското општество – Бугарите, Хрватите и Црногорците – во главниот документ на земјата, ќе биде многу тешко да се оди по патот на европеизацијата“, рече тој.
Претседателот на Граѓанско-демократскиот сојуз – Петар Колев , побара од службите да ги откријат оние кои работат на продлабочување на спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија :
„Очекувам надлежните македонски институции, како што се Агенцијата за разузнавање, претседателот на државата, кој ги контролира овие тела, да не ги дискредитира, туку да излезе со конкретни имиња – кои се овие организации и каде се финансираат“, рече тој, пренесе бнр бг.
Македонија
АВМУ: Неприфатлив недоличниот однос на министерот Бектеши кон новинарка на „Канал 5“

Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги го смета за апсолутно неприфатлив недоличниот однос на министерот за економија, Крешник Бектеши, кон новинарката на ТВ „Канал 5“, Катерина Капковска, за време на денешната прес-конференција.
„Носителите на јавни функции треба да се воздржат од изнесување лични ставови, коментари и етикетирања со кои се загрозува слободата на медиумите и може да води кон појава на самоцензура“, велат од АВМУ.
Агенцијата апелира дека е неопходно да се вложат максимални напори за обезбедување поволен амбиент за непречено работење на медиумските работници имајќи ја предвид нивната улога во отворањето прашања од јавен интерес и обезбедувањето транспарентност и одговорност на јавните органи.
Македонија
МНР: Декларацијата усвоена во бугарското собрание не соодветствува на договорената политика

Министерството за надворешни работи соопшти дека собраниската декларација за наводна „ескалација на агресивни антибугарски активности во Македонија“, усвоена денеска, на последниот ден од работата на Народното собрание на Бугарија, не соодветствува на договорената политика за унапредување на меѓусебните односи преку заемно уважување и почитување и укажува на отсуство на волја за нејзино спроведување.
„Со оглед на тајмингот на усвојување на декларацијата, таа може да оди само во прилог на провокаторите, чија цел е да предизвикаат политички активности што негативно влијаат на односите меѓу двете држави и со тоа ги минираат напорите за враќање на конструктивната патека и нега на партнерските односи. Секој чин на провокација од која било страна, случајно или намерно, во моментот станува дел од сценаријата во прилог на ескалацијата на состојбите и како таков сметаме дека е во спротивност со декларираните заложби за враќање на дипломатската агенда онаму каде што ѝ е местото, во дипломатиите на двете земји.
Во однос на содржината на декларацијата би сакале да издвоиме:
Северна Македонија во изминатиот период преку конкретни проекти и активности покажа дека посветено работи на спроведување на договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија.
Содржаните наводи за постоење системски проблеми со правата и безбедноста на етничките Бугари во Северна Македонија целосно се косат со институционално етаблираните факти од релевантни меѓународни институции, кои го следат спроведувањето на човековите права и правата на сите етнички заедници во Северна Македонија, вклучително и на бугарската.
Исто така, Министерството за надворешни работи во повеќе наврати посочи дека Законот за фондациите и здруженијата не е насочен против здружувањето на ниедна етничка заедница, туку против принципот здруженија на граѓани да носат имиња на контроверзни личности, кои претставуваат провокација не само за етничките македонци туку и за сите граѓани што живеат во Северна Македонија.
Во истиот контекст, не постои никаква оправдана основа, ниту сериозен аргумент да се поврзе работата на историската комисија со измените на Законот за здруженијата и фондациите. Таа ќе ја продолжи својата работа врз научно аргументирани и потврдени факти и нема допирна точка со условите под кои се формираат и функционираат здруженијата на граѓани и фондации.
Остануваме на ставот дека за случајот со физичкиот напад врз македонскиот државјанин Христијан Пендиков во Охрид институциите на системот реагираа соодветно, сторителите се приведени, истрагата е во тек, а преку јавни политички активности настанот го осудија највисоките претставници на државата, како што се претседателот, премиерот и Мминистерот за надворешни работи. Притоа министерот Османи оствари и итна вонредна посета на Софија за да го посети повредениот Пендиков, со што и во политичка смисла ја искажа интенцијата на државата за грижа кон сите нејзини граѓани еднакво. Оттука, многуте изјави за овој случај, сега веќе преточени и во содржината на декларацијата, ги сметаме за преувеличени и неосновани, кои на ниеден начин не соодветствуваат на реалноста“, се вели во реакцијата на МНР.
Од таму повикуваат на воздржаност од натамошни одлуки и дејства, кои сериозно им штетат на односите меѓу двете земји и нивните граѓани токму во духот на европските вредности и слободи.