Македонија
ВМРО-ДПМНЕ добива 32 градоначалника во првиот круг, „Влен“ зад нив со победа во пет општини

ВМРО-ДПМНЕ е убедлив победник во првиот круг од локалните избори, со освоени 32 општини, покажуваат утрово податоците објавени на страната на Државната изборна комисија, според избројни 99 отсто од гласовите.
Според резултатите, кандидатите на партијата победија во општините Битола, Велес, Струмица, Штип, Охрид, Прилеп, Делчево, Радовиш, Гази Баба, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Илинден, Кавадарци, Вевчани, Свети Николе, Новаци, Берово, Бутел, Петровец, Василево, Карбинци, Зелениково, Кратово, Градско, Демир Хисар, Пехчево, Ново Село, Сопиште, Ресен, Јегуновце, Гевгелија и Босилово.
Кандидатите на коалицијата ВЛЕН („Вреди“) победија во пет општини: Чаир, Арачиново, Желино, Сарај и Теарце.
СДСМ освои три градоначалнички мандати во првиот круг, во Богданци, Крива Паланка и Кривогаштани, додека коалицијата НАИ, предводена од ДУИ, победи во Гостивар, Чашка, Липково и Пласница.
Изборите не успеаја во три општини – Центар Жупа, Врапчиште и Маврово Ростуше – поради недоволен одѕив на гласачите.
ВМРО-ДПМНЕ има убедливо водство и во Скопје, но градончалник ќе биде избран во вториот круг. Тука силите ќе ги соочат Орце Ѓеорѓиевски и Амар Мециновиќ од Левица. Според последните податоци на ДИК, Ѓеорѓиевски има 39,43 отсто, или 91.582 гласа, додека Мециновиќ освои 13,20 проценти, односно 30.659 гласа. Зад нив се кандидатот од „Вреди“, Башким Бакиу со освоени 12 отсто, 27.864 гласа, Каја Шукова од СДСМ со 11,50 отсто, односно 26.714 гласа и Скендер Реџепи од ДУИ со 26.062 гласа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ѓорѓиевски доби поддршка од Меџити и Бакиу

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, кој влезе во вториот круг од изборната трка, објави дека добил поддршка од новоизбраниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити, и од кандидатот на коалицијата ВРЕДИ, Башким Бакиу.
„Подадена рака! Денес остварив средба со новиот градоначалник на Чаир, Изет Меџити и со кандидатот за градоначалник на Скопје од Коалицијата ВРЕДИ, Башким Бакиу. Од нив добив искрена и силна поддршка за вториот круг во Скопје, поддршка која дава дополнителна енергија и мотив да продолжиме напред. Благодарам на сите кои ја препознавте визијата, дадовте доверба и избравте иднина за Скопје. Заедно ќе го направиме нашиот град повторно горд, модерен, достоинствен и отворен за сите што живеат во него. Скопје го правиме заедно. По скопски! Победата ќе биде историска!“, напиша Ѓоргиевски на „Фејсбук“.
Македонија
(Видео) Трајановски: Да покажеме дека Аеродром заслужува вистинско лидерство

Кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром од СДСМ, Александар Трајановски, им се заблагодари на граѓаните за поддршката.
„Благодарам за укажаната доверба и поддршка која ми ја дадовте во првиот круг од локалните избори. Вашиот глас е потврда дека промените за кои се залагаме во нашата програма се неопходни, и дека нашата визија за подобар Аеродром е заедничката цел која нè обединува. Ни претстои втор круг, во кој уште посилно, со уште повеќе енергија и работа на терен, ќе се бориме за иднината на нашата општина“, вели тој.
Трајановски најави дека во деновите што следуваат ќе продолжи активно да биде меѓу гласачите, затоа што, како што кажа, секој предлог е важен.
„Ве повикувам повторно, со истата решителност и верба, да се обединиме и да ја направиме промената што ја започнавме. Да покажеме дека Аеродром заслужува вистинско лидерство, отворена општина и работа во интерес на сите граѓани“, рече тој.
Македонија
Мојсова: Идниот градоначалник ќе го следам будно зошто веќе ги познавам проблемите кои го тиштат Карпош

Поминав една долга и реално неправедна борба со идеја за подобра иднина на мојата општина. Им благодарам на сите што гласаа за мене зошто веројатно ме препознаа како исполнителна и посветена кандидатка со визија и чесни намери према граѓаните и работењето на општината, вели Маја Мојсова која беше кандидатка за градоначалничка на општина Карпош од редовите на СДСМ.
„За мене беше ова едно одлично искуство и запознав прекрасни луѓе кои веројатно зачаурена во медицинскиот свет можеби никогаш немаше да ги запознаам. За жал можам да кажам дека шоуто подобро се продава и бизнис интересите се секогаш на прво место.
Им посакувам среќа во втор круг на кандидатите и се надевам дека ќе ги исполнат очекувањата на граѓаните зошто Карпош заслужува најдобро.
Идниот градоначалник ќе го следам будно зошто веќе ги познавам проблемите кои го тиштат Карпош и секако ќе го потсетувам на ветувањата кој ги дал“.