Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Заев вози скапи мотори што ги нема во имотниот лист

ВМРО-ДПМНЕ преку сооопштение обвинува дека непотизмот и корупцијата станале заштитен симбол на, како што ја нарекуваат власта, криминалниот картел. Опозицијата смета дека целта на премиерот и луѓето околу него е лично богатење, па затоа менуваат закони со кои се ослободуваат од давачки фирмите на вицепремиерот Кочо Анѓушев или на истите, како што тврдат, им се даваат милионски тендери.
„Вицепремиерот доаѓа на функција со долгови од 26 милиони евра, кои мора да ги враќа. Со секој изминат ден станува јасно како Заев вози мотори вредни десетици илјади евра што ги нема никаде во имотниот лист. Не е проблем фирмите на Заеви да купуваат екстра луксузни мотори кога власта им овозможува да купуваат имоти и компании евтино. Станува јасно зошто ги нема колоните млади што брзаат да се вратат во Македонија. Работните места во земјата се резервирани за децата на функционерите од владината коалиција. Според СДСМ, нема подобар кадар за ЕЛЕМ од ќерката на пратеникот Талат Џафери и советникот во Министерството за култура, Мирослав Грчев. Корупцијата е единствената што расте, а економијата стагнира“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Tие велат дека новите инвеститори бегаат и ја заобиколуваат Македонија, а владата прави измени и се приспособува во насока на криминално дејствување елиминирајќи ги контролните механизми за таквите постапки.
„Една од ‘реформите’ е укинувањето на Советот за јавни набавки за да се штимаат тендери по желба на власта. Односот на СДСМ кон институциите и бизнис-секторот во Република Македонија е како во најзаостанатите земји во светот. Патот по кој Владата на СДСМ ја води државата не води кон подобрување на стандардот и побогата држава. Голема е цената што ја плаќаат граѓаните за СДСМ да си игра власт во Република Македонија. Државата не е игротека, а граѓаните не се играчки на Зоран Заев“, вели ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат дека граѓаните имаат потреби, интереси и цели, кои не можат да ги остварат поради корумпираноста на власта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.