Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Заев и функционерите на СДСМ се шетаа со хеликоптерот, а резултат од патувањата беше блокада на Македонија на сите полиња
Додека СДСМ беше на власт, а Зоран Заев премиер тој низ Македонија се возеше со хеликоптер. Истото го правеше и Радмила Шекеринска како министерка за одбрана, но не остануваа покусо и другите функционери на СДСМ да го користат хеликоптерот, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ откако претходно од страна на СДСМ беше истакнато дека скандалот со луксузните патувања на Мицкоски и неговите министри, со бизнис класи и карти од речиси 20.000 евра покажало колку душмански ВМРО-ДПМНЕ ги троши народните пари.
„Функционерите на СДСМ не само што за низ Македонија го користеа хеликоптерот, се луксузираа и што вели народот за наваму натаму и со владиниот авион.
Функционерите на СДСМ не сопираа тука. Тие трошеа за низа непродуктивни патувања, патувања кои резултираа со блокирање на Македонија на секое поле.
Сега ситуацијата е сосема поинаква. Средбите се со цел и се во полза за Македонија и граѓаните. Или за овој период има околу 20 средби, а истите резултираат со отворање на патот за граѓаните и Македонија во подобра насока. Или само за овој период има три инвестиции кои ќе го зголемат стандардот.
Колку за илустрација само на Самитот на Европската политичка заедница, премиерот Христијан Мицкоски се сретна со новиот министер за надворешни работи на Велика Британија, претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, Јаков Милатовиќ, претседателот на Црна Гора, Румен Радев, претседател на Бугарија“, се потенцира во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ученикот кој беше прободен во училиште во Ченто е во болница и е во добра состојба, вели Стефковски
Ученикот кој вчера беше прободен во основно училиште во Ченто е во болница и е во добра состојба, вели градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски. Нападот го извршил поранешен ученик, а повредениот е ученик во деветто одделение.
„Со жалење и сериозна вознемиреност ја примив информацијата за немилиот настан кој се случил во училиште во Ченто, каде што еден поранешен ученик кој минатата година го завршил своето образование во ова училиште, дошол и повредил ученик од деветто одделение. Во разговор со членови на семејството на повредениот ученик информиран сум дека детето е во добра здравствена состојба и се наоѓа на болничко лекување“, објави Стефковски.
Лицето кое го извршило нападот е уапсено. Според информации во јавноста, нападот се случил во основното училиште „25 Мај“. Од МВР известија дека 15 годишник вчера со остар предмет влегол во училиштето и повредил ученик.
Стефковски го осуди нападот и вели дека насилството не може да се оправда со ништо.
„Општина Гази Баба, останува во постојана координација со надлежните институции кои превземаат мерки за целосно расчистување на случајот“, вели градоначалникот.
Македонија
Во завршна фаза е изградбата на боксерската сала во Битола
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, изврши увид на изградбата, односно завршницата на еден капитален објект за Битола.
Центарот за спорт и спортски активности е еден од шеснаесетте проекти финансирани од Владата на Македонија преку Министерството за спорт со вкупна вредност од над 43 милиони денари.
Надвор во завршна фаза е довршувањето на фасадата на објектот, а во внатрешноста на објектот се довршува подот.
Објектот е на два ката со површина од околу 930 метри квадратни. Има сала за тренинг со боксерски ринг и фитнес справи. Објектот има и соблекувални машки и женски со сопствени тоалети и бањи и тоалет за лица со посебни потреби. На источната страна се просториите за спортско качувачки клуб идентични како на боксерскиот клуб, со сала за тренинг и соблекувални.
Околината на објектот ќе биде партерно уредена и ќе има паркинг.
„Ова ќе биде место за тренинг и подготовка на битолските и македонските боксери. Битола има своја боксерска историја, а во сегашноста и свои шампиони, кои ќе добијат современи и модерни услови за нивните предизвици“, велат од Општината.
Македонија
Средба на Сиљановска-Давкова со канадските претприемачи со македонско потекло, Џон Битов помладиот и Јордан Битов
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на македонската дијаспора во Канада, меѓу кои и канадските претприемачи Џон Битов помладиот и Јордан Битов, учесници на самитот „Македонија 2025“.
Таа им се заблагодари за долгогодишниот придонес на македонската дијаспора во Канада во јакнењето на економските, образовните, научните и културните врски со матичната држава, како и во промоцијата на македонските интереси и потенцијали на меѓународен план.
Беше истакната важноста на иницијативите како „Македонија 2025“, коишто придонесуваат за поврзување на домашната бизнис-заедница со успешни професионалци и инвеститори од дијаспората, поттикнувајќи претприемништво, иновации и економски развој.
Претседателката детално ги запозна со внатрешните и надворешните политички приоритети на државата, со посебен осврт на евроинтеграциските процеси. Тие, пак, ја предочија можноста за интензивирање на канадско-македонските односи на највисоко ниво.
Соговорниците изразија подготвеност за продлабочување на севкупната соработка и меѓународната афирмација на државата.
