Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Институциите задолжени за борба со криминалот ги кршат законите

Последните случувања на релација Русковска- Муареми покажуваат дека институциите надлежни за борба со криминалот го правеле токму спротивното. Меѓусебните обвинувања за прекршувања на законите даваат одговор зошто криминалот цвета во Македонија и зошто правосудството има само 8% доверба кај граѓаните, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Но ова воопшто и не зачудува, ако се има предвид дека врхушката на власт е корумпирана до срж, кога владата ја водеше и сеуште ја управува амнестиран криминалец, кога клучните приоритети на власта се како да наместат некој тендер или јавна набавка, кога се прават милионски криминали со физибилити студии и слични други далавери.
Да имаше правна држава до сега за стотиците скандали и афери за оваа власт ќе имаше барем десетина разрешници. Но институциите наместо да го гонат криминалот на власта, тие го прикриваа и штитеа, па дури и биле злоупотребувани за лично богатење. Секаде врие од криминал и корупција, а системот целосно се распаѓа. Власта на СДСМ и ДУИ е свесна дека пропаѓа па се фрлила во тотална кражба. Им порачуваме дека ќе одговараат за секој криминал што го сториле и за секоја злоупотреба на функцијата која ја направиле, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Град Скопје да одговори, дали Илиевски согласно закон е поставен за директор на Зоолошката градина?

Јавно објавени информации во медиуми отвораат сомнеж дали новиот В.Д. директор на Зоолошка градина, Драган Илиевски е назначен согласно узаконите, се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата прашуваат дали за оваа позиција бил распишан јавен оглас и дали Илиевски доаѓа од редот на вработените на оваа установа и кои биле критериумите што Илиевски ги испокнува за токму тој да биде назначен за вршител на должност директор на Зоолошката градина во Скопје?
Град Скопје и Данела Арсовска мора да дадат одговор на овие прашања, особено што оваа установа се најде во средиште на скандал со колење на животни на сопствениот имот.
Истовремено, за процесот на назначување треба да се вклучат и надлежните институции кои треба да проверат дали назначувањето на Илиевски е согласно законите, се вели во соопштението.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце времето на чекање за влез во државата е околу еден час. На ГП Богородица времето на чекање за излез од државата е од 30 до 40 минути. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица е отворен за сообраќај до 01.10.2022 за возила со вкупна маса до 3,5 тони.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони.
Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Денеска сончево и топло, утре попладне дожд и грмежи

Денеска времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена, а попладне на места со зголемена облачност. Ќе дува слаб до умерен, на места повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната од 32 до 39 степени. УВ=8.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност и со умерен северен ветер. Минималната температура ќе биде околу 17, а максималната ќе достигне до 37 степени.
Утре ќе дува засилен североисточен ветер, што ќе предизвика благо опаѓање на дневната температура. Од утре во попладневните и вечерните часови ќе има развој на локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.