Македонија
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ продолжуваат со препукувањата околу платите на министрите и градоначалниците

И утрово ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ продoлжија со соопштенијата во кои меѓусебно се обвинуваат за високите плати на грбот на граѓаните.
Откако вчера се осврнаа на платата на министерот Оливер Спасовски, од ВМРО-ДПМНЕ утрово велат дека власта на премиерот Димитар Ковачевски намерно го осиромашила народот за да се обиде да го поткупи со 1000 денари месечно, а за себе обезбедиле дополнителни 50 евра повисоки дневници.
„Додека Ковачевски пробува да ги поткупи граѓани со 1000 денари, тој за себе и за своите функционери си обезбедува 78% повисоки плати, кои дополнително треба да пораснат после Нова година. Со други зборови Ковачевски направил за себе да зема 50 евра повисока дневница од таа која што ја земал до сега, а народот го убедува дека 1000 денари или 15 евра месечно му се доволна помош. Ковачевски очигледно водел политика целиот овој период за осиромашување на народот, со цел да се обиде потоа со 15 евра месечно да го купи“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Владејачкиот СДСМ, пак, утрово преку соопштение вели дека градоначалникот од ДПМНЕ, Бобан Стефковски зема 1.500 евра плата додека ги задолжува граѓаните на Гази Баба со нови 5 милиони евра.
„Градоначалниците на ДПМНЕ земаат 1.500 евра плата, додека удираат по џебот на граѓаните со поголеми сметки за данок на имот и до 300%, но и за ѓубретарина, вода, комуналии. Додека земаат 1.500 евра плата градоначалниците на ДПМНЕ им наплаќаат поскапи комуналии, вода и паркинг на граѓаните а такви се примерите во општините Прилеп, Гевгелија, Битола, Велес, Радовиш, Зрновци, Охрид и во други општини раководени од ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во соопштението на СДСМ.
Од оваа партија вчера објавија дека во Ѓорче Петров сметките за комунални услуги се зголемени за 300, во Бутел за 150 отсто, додека градоначалниците на ДПМНЕ земаат 1.500 евра плата, одат на ексклузивни крстарења, носат рачни часовници од 8.000 денари, порачуваат хибридни бричеви со народни пари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Без вода делови од Гази Баба и Кисела Вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска ( четврток) поради изведување на водоводен приклучок од ф – 80 мм на ул. Михаил и Евтихиј бр. 33 во населба Кисела Вода, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од ул. Михаил и Евтихиј. ( општина Кисела Вода).
Од таму со соопштение дека поради изведување на водоводен приклучок од ф – 100 мм на ул. 30 во населба Трубарево, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од населба Трубарево. ( општина Гази Баба ).