Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски и Османи да не го кријат протоколот, тој значи бугаризација на државата

Ковачевски и Османи да не го кријат протоколот, тој значи бугаризација на државата, народот е против тоа, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Владата првин рече дека ќе го објави, а сега веќе втора недела не го објавува протоколот. Предлогот што власта сака да го помине во Собранието е на штета на македонските национални интереси. Секој ден десетици илјади луѓе кажуваат ‘не’ за бугаризација и асимилација. Академската заедница, новинарите, колумнистите, сите се гласни и јасни дека предлогот што Владата сака да го турка во Собранието ги негира македонскиот јазик и идентитет“, се истакнува во соопштението од опозициската партија.
Со предлогот, појаснуваат од таму, ѝ се дава право на Бугарија и да ги пишува учебниците по историја во Македонија и да ја блокира земјата на патот кон ЕУ ако нешто не ѝ се допаѓа.
„Владата не води грижа за македонските интереси, тие само сакаат да добијат сликање во Брисел и да ја остават Македонија потоа со тон проблеми. Власта не смее да го игнорира народот. Предлогот мора да го отфрли и да не се користат пратениците од мнозинството да гласаат нешто што е на штета на Македонија“, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пецаков: Несериозно е да се остави Националната пливачка федерација со блокирана сметка

„Изразувам огромно жалење поради информацијата дека оваа година нема да се одржи Охридскиот пливачки маратон, кој е под покровителство на Претседателот на Македонија. Општина Охрид беше целосно подготвена за техничката организација затоа што маратонот е голем промотор на нашиот град во светски рамки“ напиша на Фејсбук градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
Тој смета дека „Срамната одлука за неодружување на најголемата меѓународна спортска манифестација во Македонија доаѓа во годината кога се слави 60 години од првиот вистински маратон“.
„Несериозно е да се остави Националната пливачка федерација со блокирана сметка поради лошо финансиско работење и со тоа неможност да се задржи брендот во маратонското пливање. Жалам за љубителите на водени спортови и гостите што се дојдени на одмор на охридското крајбрежје што Охрид нема да има можност да ги пречека најдобрите светски пливачи кои нема да ја почувствуваат магијата на водата во македонскиот езерски бисер“ напиша Пецаков.
Македонија
Ковачевски: Нова водоводна мрежа за Аџиевци, проект вреден близу 400.000 евра

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски денеска ја продолжува посетата на реканскиот крај во општина Маврово и Ростуше, со средба со жителите од населеното место, Аџиевци.
Аџиевци, после подолг период конечно добива нова водоводна мрежа, проект вреден блиску 400 000 евра, што е втора најголема инвестиција во Маврово и Ростуше, информираат од партијата.
„Изграден е нов локален пат со кој се поврзуваат населените места Присојница и Аџиевци во вредност од над три милиони денари. Со ова значително се олесни комуникацијата меѓу овие две населени места. Аџиевци е пример дека во тесна соработка помеѓу општината и жителите, може да се создаде поубаво и побезбедно место за живеење. Со материјали обезбедени од општината и работна акција на месното население, во Аџиевци е изграден потпорен ѕид на локалната улица, со што се обезбеди поголема сигурност при движењето на жителите“ велат од СДСМ.
“Во наредниот период, со Медат Куртовски како градоначалник, планирана е изградба на обиколен пат, уредување на спортски терен, реконструкција на училишната зграда и чистење и уредување на диви депонии. Нема посилен аргумент од исполнителноста на Медат Куртовски. Медат докажа дека работи за секое едно населено место во Маврово и Ростуше, дека не ги дели граѓаните на ваши и наши, и токму затоа на 20 август ќе ја добие поддршката од жителите на Аџиевци и цело Маврово и Ростуше” – порача Ковачевски.
Македонија
Поради топлотниот бран препораки за ослободување од работа за одредена група граѓани

Поради топлотниот бран препораки за ослободување од работните обврски на бремените жени и лицата на возраст над 60 години, децата во градинките да немаат физички активности од 11:00 до 17:00 часот, приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците и избегнување престој на отворено од 11:00 до 17:00 часот
Владата на Република Северна Македонија, денеска, преку видеоконференциска интернет комуникација ја одржа 70-та седница на која, беа донесени препораките за намалување на ризиците од високи температури, во времетраење од два дена,18-19.8.2022 година (четврток и петок).
На укажување од Министерот за здравство, дека според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи во следните два дена, територијата на целата држава ќе биде зафатена од високи температури – портокалова фаза, Владата ги донесе следните препораки:
1. Ослободување од работните обврски на најранливите групи на население, како што се бремените жени и лицата на возраст над 60 години.
2. Во установите за згрижување на децата, (градинките) да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено од 11:00 до 17:00 часот.
3. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран возраст, да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.
4. Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
5. Со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците потребно е соодветно организирање на работното време со избегнување престој на отворено од 11:00 до 17:00 часот.
Согласно овие препораки, Владата донесе заклучоци:
Државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките,
Се препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците и избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот,
Оваа мерка да биде со времетраење од два дена, до натамошно одлучување,
Работното време во градинките да се организира во периодот од 7:00 до 17:00 часот, при што да не се практикуваат физички активности и да не се изнесуваат децата на отворено по 11:00 часот.
Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот. Ова особено се однесува на градежните работници.