Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски насилно ја одржува власта на апарати и со две патерици

Ковачевски и СДС ја одржуваат својата власт на сила и со насилство. Но, колку повеќе вештачки се продолжува рокот на оваа власт, толку повеќе расте антивладиното расположение кај народот. Затоа на Ковачевски му требаат патерици од Албанија и Бугарија да си ја потпре својата Влада, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ова, како што додаваат, очигледно ги фрустрира и СДС и Ковачевски, па затоа се толку нервозни.
„Веќе не знаат од очај каде попрво да вршат притисоци. Почнаа со закани и притисоци врз медиумите, а сега гледаме декa продолжија и со притисоци врз свои членови и пратеници. Сè поголем број членови и функционери на СДС гледаат дека агонијата на оваа власт може да се реши на предвремени избори и колку тоа побргу се случи, толку подобро ќе биде и за Македонија и за СДС. Таквите луѓе во СДС се под закани од посредници, но и директно од членови на подземјето. Тоа е автократското и недемократско лице на СДС и Ковачевски што го гледа јавноста. Очигледно Ковачевски страда од комплекс на ниска вредност во односот со ДУИ во власта, па затоа манифестира сила врз неговите сопартијци, кои не се согласуваат со лошите политики“, се посочува во реакцијата од опозициската партија.
Според ВМРО-ДПМНЕ, крајот на власта се ближи и никој веќе не им се плаши.
„Патериците и апаратите може да ја одржат оваа власт уште некое време, но не може да ја спасат од неизбежното – народната казна, катастрофалниот пораз и одговорноста за криминалот“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Костадиновска-Стојчевска и Агелер: Во Битола има уникатно богатство на чија заштита посветено работиме

Битола е богат град, и културно и историски. Секое делче од неа раскажува посебна приказна. Имаме уникатно богатство за чија заштита треба посветена работа“, рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која првата работна средба со амбасадорката на САД во нашата држава, Анџела Агелер, ја искористи за заедно да посетат неколку значајни локалитети и институции во Битола.
Костадиновска-Стојчевска и Агелер ги посетија археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис и Историскиот архив – Битола, а имаа и средба со пратенички и советнички од овој регион.
При посетата на локалитетот Хераклеја се запознаа со текот на активностите во рамките на проектот за конзервација и презентација на мозаици и архитектура на локалитетот, кој треба да биде финализиран до јуни годинава, а за кој беше обезбеден грант од американската амбасада во земјата.
Костадиновска-Стојчевска упати голема благодарност до амбасадорката Агелер за стратегиското пријателство меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија, за грижата и солидарноста на американскиот народ, кој преку амбасадорскот фонд во континуитет учествува во заштитата на македонските културни богатства за идните генерации што доаѓаат.
При посетата беше истакнато дека конзерваторските интервенции, кои првпат се преземаат во толку голем обем токму благодарение на овој грант, не само што ќе овозможат зачувување на овие исклучително вредни културни добра по кои е препознатлива Хераклеја туку ќе дадат и ново светло и значење на самиот локалитет.
Македонија
(Видео) Адвокатот на Лидија Димова: Не ги злоупотребила фондовите

Ексдиректорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, не ги злоупотребила фондовите. Ова го тврди нејзиниот адвокат Зоран Молчанов. Тој посочи: „Па до сега нема ниеден што пријавил оштета на тоа“, иако Обвинителството тврди дека штетата што ја направила е 20 милиони денари.
„Тезата е таква, од една страна. Меѓутоа, нема предочено спротивно од кои одредби на Законот за јавните набавки е постапено. Наспроти тоа, ние објаснивме дека целокупната процедура е запазена баш во согласност со Закон за јавните набавки цитирајќи по кои членови тоа е направено“, рече адвокатот.
Тој додава дека ОЛАФ ја затворило истрагата за Лидија Димова и посочува: „Се има интересирано, меѓутоа нема утврдено никаква неправилност во работењето“.
Лидија Димова не чувствува вина за делата злоупотреба на службената положба и овластувањето и измама на штета на европската заедница. Александар Гочев, второобвинет, призна вина за делото измама на штета на европската заедница. Со тоа судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска ја раздвои постапката за Гочев.
Обвинителката Сузана Мирческа-Кузмановска поднесе обвинителен акт против Лидија Димова, разрешената директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Александар Гочев, тогашен нејзин близок соработник, и Ана Павлиду, пензионира благајничка во институцијата. Според обвинителката, сите три лица оштетиле средства на европската заедница. Лидија Димова се гони дека со намера за друг да прибави имотна корист ја злоупотребила положбата и овластувањето, па постапила спротивно на Законот за јавните набавки и на Законот за основање Национална агенција за европски образовни програми и мобилност. Таа ангажирала соработници во Агенцијата, без да објави оглас, а меѓу нив е и ангажирањето на Зоран Златковски. Истовремено, Димова се гони и за исплаќањето издатоци за службени патувања. Обвинителката бара одговорност од Димова и за склучени договори без јавни набавки.
Македонија
Кисела Вода гради паркинг за стотина возила во населбата 11 Октомври – згради

Општина Кисела Вода почна со изградба на нови паркинзи на три локации во урбаната заедница 11 Октомври – згради.
Лоцирани на улиците Ѓорѓи Сугаре и Михаил Чаков, во непосредна близина на трим-патеката, ќе отворат можност за паркирање стотина возила и значително ќе го подобрат сообраќајот во мирување во овој дел од општината.
„Свесни сме дека организацијата на сообраќајот во мирување е од исклучително значење за квалитетот на одвивањето на целокупниот сообраќај, па затоа интензивно работиме на обезбедување локации за изградба на соодветен паркинг-простор во општина Кисела Вода. Минатата година ја затворивме со 7 нови локации за паркирање на речиси 500 возила и оваа година, во согласност со ветувањата, ќе изградиме најмалку уште толку паркинзи. Денес, почнуваме со изградба на паркинзи на три нови локации во урбаната заедница 11 Октомври – згради, кои треба да бидат готови за две седмици. Со ова, се отвораат нови 100 паркинг-места, што значи намалување на сообраќајниот метеж во овој густо населен дел на општината. Изнаоѓањето вакви и слични сообраќајни решенија ќе продолжи со несмален интензитет и во периодот што претстои“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.