Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски прифатил Бугарите да ни ги пишуваат учебниците – ултиматум, не благодарам

„Власта без тронка срам ја лаже македонската јавност. Предлогот кој го претставуваат како модифицирана верзија е истиот предлог од пред неколку дена кој ги содржи сите бугарски барања. Тоа што Ковачевски наводно го одбиваше, сега со сменети „обланди“ го претставува како успех. А вистината е обратна. Македонија доживеа дипломатски неуспех“ соопштуваат денеска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со прифаќањето на Предлогот Македонија се обврзува на бугарскиот диктат кој во иднина ќе се однесува на македонските учебници, за македонската историја, споменици и историски личности и настани. Буквално ова ќе значи дека Македонија на годишно ниво ќе биде обврзана да изготвува годишни извештаи за тоа до каде е реализацијата на ваквите промени и доколку Бугарија не е задоволна, тоа ќе биде причина за нова кочница. А сите ги знаеме кои се апсурдните и антиевропски барања на Бугарија за македонските учебници, за нивните позиции дека сите револуционери се бугари, дека јазикот ни е бугарски дијалект, дека Македонија е коминтерновска творба и слични други негаторски позиции кои сега ќе станат дополнителен услов на нашиот пат“ се вели меѓудругото во соопштението на опозициката партија.
Оттаму порачуваат дека „вакви услови немала ниту една друга држава за да отпочне преговори со ЕУ. Македонија не бара ништо помалку, и ништо повеќе од тоа што другите земји го имале како услов. Ова е ултиматум и за таков ултиматум велиме НЕ БЛАГОДАРАМ. Власта на Ковачевски нема ниту визија ниту стратегија. Впрочем за фијаското кое го доживуваме доволно говорат нивните лица. Ни самите не веруваат во своите лаги“.
„Ова мора да престане. Достоинството на Македонија нема цена. Затоа се вклучуваме на иницијативите за протести и повикуваме граѓаните масовно денес на платото пред Владата во 19 часот да излезат масовно на сенароден собир на кој ќе се каже јасно НЕ на Предлогот и јасно НЕ за оваа неспособна и ненародна власт која носи понижувања и порази“ е пораката на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тренчевска: Младите ја движат државата напред, вложувањето во нив останува во нашиот фокус

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска присуствуваше на младинската конференција „Младите во ‘Отворен Балкан’ – шанси и перспективи за сигурен напредок во регионот“.
Тренчевска во своето обраќање ги истакна заложбите на Министерството што ги вклучува младинските политики што овозможуваат полесно вклучување на младите на пазарот на трудот.
„Како Влада и како Министерство за труд и социјална политика насочени сме кон системски пристап во решавање на предизвиците со кои се соочуваат младите во Република Северна Македонија во делот на вработувањето и во делот на стекнувањето вештини, кои ќе ги направат поконкурентни на пазарот на труд, како и полесно да се вработуваат“, рече Тренчевска.
Таа се осврна на политиките што ги креира Министерството за труд и социјална политика, како што се: националната стратегија за вработување 2021-2027 година, оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, воведувањето на гаранцијата за млади, Законот за практикантството, Законот за младинскиот додаток, Законот за младинското учество и младинските политики, кои даваат поддршка за вработување на младите.
„Гаранцијата за млади како дел од европските носечки иницијативи има цел да им обезбеди на младите од 15 до 29 години во период од 4 месеци од денот на евиденција во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија квалитетна понуда за вработување, континуирано образование и обука или практикантство. Република Северна Македонија е прва од земјите од Западен Балкан што ја воведе и примени гаранцијата за млади, а не е членка на Европската Унија“, изјави Тренчевска.
Македонија
МОН: Учебната година почнува на 1 септември, во тек се активности за успешен почеток

Министерството за образование и наука информира дека учебната 2022-2023 година ќе почне на 1 септември и за оваа цел веќе се усвоени и објавени календарите за организација на работата на јавните средни и на основните училишта во новата учебна година.
„МОН во соработка со Бирото за развој на образованието и другите надлежни институции и партнери интензивно работи на обезбедувањето на сите неопходни услови за успешен почеток и тек на наставата. Во тек се повеќе инвестициски активности за изградба на нови и реконструкција на постојни училишни објекти, за изградба на спортски сали, набавка на опрема за дел од училиштата, поставување 265 кабинети по природни науки во основните училишта и слично“, се вели во соопштението од Министерството.
Од таму потенцираат дека „втора година по ред продолжува етапната имплементација на најкрупната образовна реформа во основното образование, која треба значително да го унапреди квалитетот на наставата, а училиштето да стане поинтересно место за младите“.
„По воведувањето нови наставни програми за учениците од прво и четврто одделение минатата учебна година, сега нови наставни програми се подготвени и за второ и петто одделение, а во фаза на изработка се и нови учебници врз основа на постојните по сите предмети во соодветните одделенија. Постапките за одобрување на учебниците за прво, вторo, четврто и за петто одделение за кои се изготвени нови наставни програми се во разна завршна фаза на одобрување, така што при евентуално пролонгирање на постапките и по почетокот на учебната година, учениците ќе го совладуваат знаењето преку подготвени соодветни материјали додека не ги добијат новите учебници“, соопштуваат од МОН.
Македонија
Ковид-статистика: 600 позитивни на вирусот, пријавени 10 починати лица

Во осгласност со податоците од Институтот за јавно здравје, Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа направени се 1.317 теста, а регистрирани се нови 600 случаи на Ковид-19: Скопје – 229, Охрид – 46, Битола – 38, Куманово – 35, Прилеп – 30, Тетово – 26, Велес – 25, Кавадарци – 24, Струмица – 23, Гостивар – 19, Штип – 17, Радовиш – 11, Кочани – 10, Гевгелија – 9, Неготино – 8, Струга, Крива Паланка, Делчево, Берово и Дебар – по 5, Богданци и Кратово – по 4, Ресен, Крушево и Пехчево – по 3, Кичево, Виница и Пробиштип – по 2, Демир Хисар и Демир Капија – по 1.
Од вкупниот број позитивни (600), регистрирани се 134 реинфекции.
Регистрирани сe 743 оздравени пациенти, и тоа од: Скопје – 284, Битола – 56, Кавадарци – 36, Охрид – 33, Куманово – 32, Прилеп – 30, Гостивар – 29, Тетово – 26, Велес и Струга – по 23, Штип – 22, Струмица – 20, Радовиш – 16, Неготино – 15, Свети Николе – 14, Кочани и Кичево – по 12, Крива Паланка – 9, Берово – 8, Делчево – 7, Ресен – 6, Гевгелија, Богданци и Кратово – по 5, Виница и Демир Хисар – по 3, Дебар, Крушево и Демир Капија – по 2, Пехчево, Македонски Брод и Македонска Каменица – по 1.
Во текот на изминатите 24 часа пријавени се 6 починати лица, и тоа од: по 2 од Скопје (66 и 75) и од Охрид (83 и 83) и по едно од Ресен (72) и од Радовиш (72).
Сите лица се починати во болнички услови.
Во согласност со регистарот на умрени лица со дијагноза Ковид-19 од „Мој термин“, срегистрирани 4 починати лица од: Кочани (85), Струга (69), Куманово (72) и Кичево (62). Две лице се починати во болнички услови и две во домашни услови. Тие се регистрирани во периодот од 16.7. до 8.8.2022 година.
Досега во земјата се направени вкупно 2.133.045 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 333.948, бројот на оздравени пациенти е 320.449, на починати е 9.410, а бројот на активни случаи изнесува 4.089.