Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Малку беше инфлацијата, владата двојно ја зголеми стапката на ДДВ за производи кои секој ден народот ги купува
Инфлацијата ги изеде пензиите, платите и стандардот на граѓаните. Од јануари 2021 година до септември 2023 година храната и пијалоците се поскапени за 45%, трошоците за домување се повисоки за 27%, транспортот за 35%, колку и услугите во рестораните, а платите и пензиите не се зголемија со истото темпо. Ова значи дека реалната вредност на платите се намалила. Бројките се неумоливи. Во 2022 година реалната плата паднала за 5%, а оваа година во септември во однос на септември лани трошоците на живот се зголемени за 6.6%, а цените на мало за 4.7%, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Спoред оваа партија, уште позастрашувачка е изјавата на самиот вицепремиер Битиќи кој призна дека во Македонија храната и основните трошоци за живот се пораснати за 46%, во споредба со Европа каде што истите поскапеле само за 11 %. Тоа значи, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, дека кај нас граѓаните 4 пати побрзо осиромашуваат во споредба со европските граѓани.
„Како да беше ова малку, па уште со одлука на власта на ДУИ и СДС се зголемуваат цените на над 1.000 други производи. Власта дури и ги мамеше граѓаните правдајќи го ова поскапување со зголемен данок за луксузни производи, за потоа да се види дека на листата се наоѓаат урда, сирење, урда, детска храна, чаеви, брашно, компоти, феферони и десетици други производи кои просечниот граѓанин секојдневно ги купува. Сега делумно ретерира под притисок на јавноста. Целта е јасна да го полнат буџетот преку двојно зголемената ставка на ДДВ за производите од оваа листа. Со тоа сакаат да го надополнат кусукот кој се појави во буџетот во првата половина на година, а кој требаше да дојде на име на ДДВ“, се истакнува во напишаната реакција.
Појаснуваат дека со други зборови, нивната неспособност да водат економија ќе ја наплаќаат на грбот на народот, за потоа парите во буџетот да ги трошат на криминални тендери и коруптивни зделки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температура до 25 степени
Времето утрово е студено со појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот, ќе биде сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време со студени утра и температури кои наместа ќе се спуштаат под нула степени. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла или ниска облачност. Дневната температура ќе биде без значителни промени.
Македонија
Не е за пиење водата во тетовските села Мерово, Луковица и Седларево, како и во прилепското село Ропотово
Регионалниот центар за управување со кризи Тетово, извести дека од Центарот за јавно здравје ЈЗУ – Тетово добиле информација дека испитаните примероци на вода за пиење од селата Мерово, Луковица и Седларево (Општина Желино) не одговара на законските и стручни прописи за бактериолошка анализа.
„Потребно е да се врши редовна дезинфекција на водата за да може да се употребува за пиење“, велат од ЦУК.
РЦУК Битола, информира дека од Центар за јавно здравје ЈЗУ – Прилеп е докажана здравствена микробиолошка неисправност на водата за пиење од регионалниот водовод (Општина Долнени) во с. Ропотово и во основното училиште на с. Ропотово.
Македонија
Се’ уште забранета водата за пиење во Струмица
Изречената забрана за пиење на водата од струмичкиот водоснабдителен систем останува на сила, соопшти Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) по резулатите од анализираните мостри земени на 18 октомври годинава во рамки на спроведениот вонреден инспекциски надзор во водоснабдителниот објект – фабрика за вода на ЈКП „Комуналец” Струмица.
Од АХВ информираа дека кај сите мостри претходно зголеменото ниво на манган е во рамки на дозволените вредности, но микробиолошки, четири од земените мостри не ги исполнуваат безбедносните критериуми поради детектирано зголемено присуство на колиформни бактерии во водата.
Целта на контролата беше увид во досегашните активности спроведени од страна на ЈКПД Комуналец од Струмица во однос на спроведувањето добра производствена и добра хигиенска пракса, како и други технички зафати во водоснабдителниот систем.
Во рамки на надзорот, земени се 6 мостри за анализа на водата од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец Струмица и тоа: една мостра од сирова вода која доаѓа од браната, сирова вода од чешма во фабриката, втора мостра на хлорирана/третирана вода за пиење од чешма во фабриката за вода, три мостри вода за пиење од мерните места одредени од ЈПКД Комуналец во нивниот мониторинг план за земање мостри вода за анализа и една мостра вода за пиење земена по случаен избор на инспекторот од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец.