Македонија
ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава против Талат Џафери и директорот на Службен весник
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, соопшти дека партијата денеска поднесува кривични пријави против претседателот на Собранието, Талат Џафери, Неџбели Ибраими во својство на техничка служба, и директорот на Службениот весник, Мартин Костовски, поради сомнение за злоупотреба на службената положба, при носењето на Законот за јазиците.
„Џафери не можел и не смеел да го испрати законот за објавување, а Ибраими немал никакво овластување да потпише. Костовски е одговорен бидејќи не смеел да објави указ за прогласување на закон без потпис на Претседателот“, рече Јанушев и додаде дека тројцата извршиле свесно загрозување на уставниот поредок бидејќи јасно е пропишана процедурата за прогласување на законот.
Тој го повтори партискиот став дека Законот е штетен и ќе предизвика далекусежни последици по Република Македонија. Дополнителен проблем, вели Јанушев, е што законот е донесен насилнички и недемократски. Опозицијата е децидна дека со заобиколувањето на Иванов е направен правен преседан и целосно безаконие, бидејќи уставот стриктно пропишува дека указ за прогласување на закон не може да биде спроведен без потпис на претседателот на Република Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство да се ослободи од политичките притисоци и веднаш да постапи по оваа кривична пријави со цел, како што вели Јанушев, да се елиминираат штетите по државата нанесени од страна токму на Џафери, Ибраими и Костовски.
Јанушев додаде дека во моментов во процес на подготовка е и поднесокот до Уставен суд кој во понеделник ќе биде процесуиран, а со кој ќе побараат испитување на уставноста на законот за двојазичност, но истовремено бараат и изрекување на времена мерка за стопирање на имплементацијата на законот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеороловија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

