Македонија
ВМРО-ДПМНЕ по изјавата на Касами: Тетово е срцето на Македонија и никогаш нема да биде центар само на една заедница

Тетово за нас е, и секогаш ќе биде срцето на Македонија и никогаш нема да биде центар само на една заедница, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ по изјавата на Билал Касами.
„Објавата на градоначалникот Касами на неговиот Фејсбук профил оправдано предизвика бура на реакции кај Македонците.
Со оваа реакција на неговата објава ние како Општински комитет на ВМРО – ДПМНЕ Тетово сакаме да укажеме дека градоначалникот на Тетово треба да е свесен дека промоцијата на Тетово како центар на една заедница подразбира дискриминација на Македонскиот народ и сите други кои живеат во Тетово. Тоа ние нема да го дозволиме‼️
Градоначалникот Касами има мандат да ги следи трендовите на европските градови, а сите заедно сме тука да работиме и да придонесеме Тетово да прерасне во град во кој младите ќе сакаат да живеат а не град од кој си заминуваат. Културата и духот на животот во Тетово подразбираат меѓусебна соработка, почитување и градење на подобри услови за живот на сите кои живеат во Тетово.
На крајот сакаме да потенцираме дека улогата на градоначалникот е да создава подеднакви можности за сите без разлика на национална и верска припадност.
Се надеваме дека градоначалникот Касами веќе ја увидел тежината на зборовите во неговата објава и дека е свесен за негативните реакции кај неговите сограѓани Македонци“, велат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уапсен скопјанец за убиството на Жила во Чаршија, се поврзува со запалениот автомобил искористен за бегството

Скопјанец е уапсен за двојното убиство во скопската Чаршија во „Шиша бар“ кое се случи пред три месеци, дознава „Макфакс“. Ова е прво лице на кое Кривичен суд му одредило и притвор, а се поврзува со овој случај. Во исто време, преку меѓународна правна помош, се трага по извршителите. Убиени беа Јетон Кривањева викан Жила и Енес Исени, кои се поврзуваа со нарко пазарот.
Според неофицијални извори на „Макфакс“ од судот, скопјанецот се сомничи дека има поврзаност автомобилот „ауди“ со кое извршителите на убиството избегаа, па потоа беше запалено. Од упатени извори, дознаваме дека Обвинителството наредило да му се земат и папиларни линии, за да се утврди дали истите се совпаѓаат со земените од автомобилот.
„Макфакс“ се обрати и до Обвинителството, од каде очекуваме одговор колку дневен притвор му е одреден на осомничениот.
Автомобилот „ауди“ беше запален во Бутел, кратко по двојното убиство. Од него останаа регистарските таблици. Возилото било оставено кај подвозникот кој води кон Мирковци.
„Макфакс“ објави детали по масакрот во старата скопска Чаршија.
Скопје
(Видео) „Беше ставена жолта лента, но инвеститорот продолжи со градба“, Герасимовски за акцијата на градилиштето зад Универзалната сала

Градоначалникот Горан Герасимовски е дециден дека земјиштето на улицата 9 Мај зад Универзалната сала ќе се врати во првобитна состојба и нема да се гради. Тој посочи дека градежните инспектори на Општина Центар констатирале дека фирмата инвеститор не постапила според дадените насоки за да се заштитат околните објекти. Наспроти ова, тој продолжил со градба.
„Во оваа држава постојат закони и мора сите да ги почитуваат. Пред неколку месеци настана проблем од страна на фирмата што го има одобрението за градба. Јамата што требаше да се спроведе – не се спроведе. Не беше заштитена зградата. Немаше ‘шипови’ за стабилизација на целото земјиште. Наместо -2 направен е -1 кат. Беше ставена жолта лента, но инвеститорот продолжи со градба. По решението од градежниот инспектор за враќање на земјиштето во првобитна состојба, тоа се прави денеска“, рече Герасимовски.
Штетата на улицата која пропадна поради градилиштето треба да ја санира инвеститорот. Ако тоа не го направи до крајот на рокот, штетата ќе ја санираат „Улици и патишта“, а ќе се фактурира на фирмата инвеститор.
„Има неколку казни, со вкупна вредност од 12.000 вредност. Дадена е во судска постапка, таа мора да се плати“, рече Герасимовски.
Македонија
(Видео) Со полиција се затрупува градилиштето зад Универзалната сала, кое проголта дел од улицата 9 Мај

Со полициска асистенција, градоначалникот Горан Герасимовски и службите на Општина Центар отидоа да интервенираат на градилиштето зад Универзална сала, кое проголта дел од улицата „9 Мај“. Откако два месеци, фирмата која гради не постапила по насоките, тоа сега ќе го направи механизација на Општина Центар. Цело градилиште – ќе се затрупува со земја.
На градилиштето, Герасимовски и полицијата затекнаа работници кои вршеа градежни активности. Ги информираа за што се дојдени и дека ќе постапуваат. Полициските службеници им посочија дека треба да се тргнат од објектот.
„Нека земат алат што имаат и да се тргнат од објектот“, рече полицискиот службеник на еден од работниците, кој потоа му врати: „Ќе треба неколку денови за да се извади алатот“.
„Нема време, имаш половина час да го земете алатот“, му рече полицаецот.
Градоначалникот на Центар, Герасимовски, му рече на работникот дека ќе се затрупува со земја цело градилиште.
Дел од улицата 9 Мај зад Универзалната сала во Скопје се одрони и пропадна во градилиште за нова зграда. Градежната инспекција од Општина Центар, откога се одронил дел од улицата, третпат направила увид на градилиштето. И во претходните два увида инспекторите констатирале дека јамата е необезбедена. На првиот увид, заедно со општинскиот градежен инспектор и полицијата, излезе и градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, и го затворија градилиштето токму поради необезбедената градежна јама.