Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Прв стожер на стратегијата „Македонија 2030“ со четири приоритети се државната безбедност и стабилноста
„ВМРО-ДПМНЕ како државотворна и одговорна партија, носител на државноста низ изминатите години, уште еднаш ја потврди својата посветеност за развој на Македонија. На последниот партиски конгрес, покрај политички и партиски одлуки, донесе и важен државнички документ, „Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“, која претставува визија за модерна, стабилна и европски ориентирана Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Оваа Стратегија на долг рок поставува јасен правец и систем на управување, што импровизацијата ќе ја замени со институционална зрелост, со крајна цел, држава што создава економска моќ, стабилност и самодоверба.
Првиот стожер на Стратегијата Македонија 2030 е државната безбедност, која во време на сериозни геополитички промени, сајбер-напади и хибридни закани станува основа за секоја друга државна политика.
Со овој стожер, Македонија го отвора новото поглавје на државноста што ја градиме заедно, чија стратегија за државната безбедност и стабилност се темели на четири приоритети.
Првиот приоритет е модерна Армија со реални НАТО стандарди, со технолошко унапредување, современи системи на командување и развој на сајбер-одбранбени единици. Армија што навистина го штити државниот интерес.
Сајбер просторот е новото боиште на современиот свет, затоа сајбер-безбедноста е вториот приоритет на овој прв стожер од Стратегијата. За поголема сајбер-безбедност на Македонија, потребен е национален центар за дигитална отпорност, јасни протоколи и стандарди што ќе ги штитат институциите, банките и критичната инфраструктура.
Одбрана од хибридни закани и дезинформации е третиот приоритет, за што создаваме државен механизам за анализа, брза реакција и заштита на демократските процеси, без нарушување на слободата на говор, но со заштита на вистината.
Четвртиот приоритет е модерен систем за управување со кризи, кој опфаќа централен команден столб, автоматизирани процедури и регионална координација за брза, професионална и предвидлива реакција.
Само модерна држава која е отпорна и институционално заштитена може да обезбеди развој и стабилност.
Затоа безбедноста е темелот на државата и само стабилна и заштитена Македонија може да биде економски силна, институционално зрела и политички самоуверена“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Го разбираме револтот и незадоволството: СДСМ го поддржува протестот и барањата на работниците
СДСМ го поддржува протестот на работниците и Сојузот на синдикатите во борбата за достоинствени плати и зголемување на минималната плата, соопштуваат од оваа партија.
„Го разбираме револтот и незадоволството кај работниците и целосно ги поддржуваме нивните барања, за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори.
Граѓаните, работниците живеат тешко, инфлацијата и покачените цени го јадат стандардот на работниците, сиромаштијата расте а платите стојат во место.
Владата на Мицкоски нема пари за зголемување на минималната плата, пари има само за тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер преку општините за друга фирма, 9 милиони евра за тендери со двајца вработени, 1,2 милиони евра за тендери преку Пошта“.
За време на владеењето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
И како опозиција, напоменуваат, СДСМ стои зад работниците.
„СДСМ предлагаше Закон за покачување на минималната плата но власта го одби. Поднесовме законски решенија и амандмани во Собранието за покачување на платите во различни сектори, но власта и тоа го одби.
Обврска на владата е да обезбеди покачување на минималната плата наместо да увезува „економски работници“ а да извезува квалификувани кадри надвор од земјата“.
Македонија
МНР со реакција до Бугарија: Македонија останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности, Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации
Македонското Министерство за надворешни работи реагира на денешното соопштение објавено на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.
„Изразуваме жалење што оваа институција сѐ почесто се позиционира како рецензент на изјави на македонски политички претставници, наместо како партнер во суштински и европски ориентиран дијалог. Воедно, јасно нагласуваме дека ниту имаме намера, ниту потреба да бидеме дел од внатрешнополитичките или изборните процеси во Република Бугарија – ниту преку коментари, интерпретации, ниту преку вклучување во дневнополитички наративи“, се истакнува во соопштението од МНР.
Од таму со повик до бугарските институции да се водат од, како што е наведено, принципите на добрососедство, взаемна почит, предвидливост и институционална комуникација – принципи кои воедно претставуваат темелни европски вредности и стандарди.
„Затоа што Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации.
Република Северна Македонија и понатаму останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности“.
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата
Поради протест на возачите на камиони блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата, соопштуваат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

