Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Пред само еден месец Заев тврдеше дека промена на Уставот значи обесчестување на Македонија
Зоран Заев недостоинствено ги погази државните и национални интереси на Република Македонија. Зоран Заев одлучи да прифати промена на уставното име, да ја проблематизира националноста и да се откаже од историјата, соопшти денеска опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму потенцираат дека Заев прифатил отстапки и обврски само за Република Македонија.
„Зоран Заев планира со просто мнозинство да изгласа во Собранието штетен договор кој подразбира менување на Уставот за што е потребно двотретинско мнозинство. Пред само еден месец, Заев тврдеше дека барањата на Грција за промена на Уставот и називите на институциите се ‘обесчестување’. Сега без срам, од владината говорница најави дека на влезот ќе го сменел написот и ќе ја преименувал во Влада на Северна Македонија“, се наведува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Заев повторно се обидува да ги манипулира граѓаните и капитулацијата во преговорите да ја прикаже како победа.
„Со овој договор Зоран Заев ги урниса темелите на државноста на Република Македонија и го загрозува долгоодишното право на самоопределување кое македонскиот народ го има стекнато. Обидувајќи се да ја излаже македонската јавност Заев изјави дека со овој договор се зацврстува македонскиот идентитет, но за тоа веднаш беше демантиран од грчкиот премиер Ципрас кој на социјалните мрежи напиша дека договорот не ја препознава македонската нација. Заев покажа дека е човек кој ниту има достоинство ниту стои на својот збор. Со години манипулираше со македонската јавност дека никогаш нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име, а за тоа дури и се колнеше во своите предци и деца“, истакнуваат од опозициската партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека само што дошол на власт Заев си го погазил сопствениот збор и покажал дека се што ќе каже е лага.
„Ваквиот капитулантски исход е резултат на неспособната и неумешна дипломатија на Зоран Заев и неговите соработници. ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поддржи капитулацијата која Зоран Заев сака да и ја донесе на Република Македонија. Договорот нема да биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ затоа што е штетен и спротивен на највисоките државни и национални интереси. ВМРО-ДПМНЕ е партија која секогаш стои на браникот и работи за државните и национални интереси и затоа нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име и ќе се спротивстави со сите демократски и правни средства на овој капитулантски договор. ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите граѓани на Република Македонија кои не се согласуваат со овие погрешни политики на Заев и СДСМ и сакаат да се спротивстават на овој капитулантски договор да ни се придружат на протесниот марш кој што ќе се одржи во Битола во недела со почеток во 13 часот“, се вели во соопштението на партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

