Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Раст на платите во образованието над 12 проценти, нови училишта, спортски сали, изградба на факултетските објекти и зголемени стипендии

„Наследството во образованието што го оставија СДС и ДУИ беше катастрофално, образованието беше во длабок минус, учениците без учебници, наставниот кадар и стручниот персонал без достоинствени примања, а образовната инфраструктура целосно запоставена. За една година Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, се започна со градење на модерен систем на образование кој ги вклучува сите чинители“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„За прв пат после 7 години, учебната година 2024-2025 се започна со испорачани учебници. И покрај краткиот рок, над еден милион примероци беа поставени на училишните клупи на првиот училишен ден.
– Испечатени над 100 нови наслови за средното стручно образование
– Изградба на 7 нови училишни објекти
– Реконструкција на 20 училишни објекти
– Изградба на 4 училишни спортски сали
– Студените добија нови згради, се одблокира изградбата на факултетските објекти на ФИНКИ и ФФК, инвестициски циклус од 2 милијарди денари.
Над 12% повисоки плати за наставниот кадар и стручниот персонал во основните и средните училишта, 14% повисоки плати на професорите на факултетите, потпишана согласност за раст на платите до 60% во следните 4 години.
Најголем влог во образованието со досега обезбедени 38 милијарди денари за образованието.
Во науката вложени се 680 милиони денари, така што во буџет за наука во 2025 година двојно повеќе во споредба со 2024 година.
Обезбедени 274 милиони денари за финансирање на иновативни научно – истражувачки проекти на јавните високообразовни и научни установи, МАНУ и компаниите кои соработуваат со академската и научната фела.
Проширен е опсегот на мерката субвенциониран студентски оброк и за сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од просечната нето минимална плата, но и за постдипломците.
Темелна реконструкција на два студентски дома во Скопје, „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“ во вредност од 17 милиони евра,
– Модернизација на универзитетот „Мајка Тереза“, во вредност од 34 милиони евра,
– Министерството за образование и наука ќе ги покрива трошоците за учество на средношколци на меѓународни научни олимпијади,
– Обезбедени 50 милиони евра за 1570 стипендии за учениците кои ќе се запишат во дуални паралелки во средните стручни училишта.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да инвестира во образованието со цел поквалитетно и модерно образование, структурирано според потребите на поединецот, пазарот на трудот и заедницата“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ поддржува отворени листи

Поддржуваме отворени листи, конечно граѓаните да ги изберат најдобрите кандидати, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„За една изборна единица ние нашиот став го кажавме, ние сме, да седнеме и да разговараме да се смени тој изборен модел, да разговараме за опцијата да има една изборна единица, со тоа што таа одлука се носи со консензус. Затоа што различни се аспектите, мислењата, на помалите и на поголемите партии кога станува збор за една изборна единица“, рече тој.
Филипче додаде дека помалите партии имаат легитимни аргументи коишто секако дека треба да се слушнат на маса.
„Посебно што сметам дека е добро, и за што сметам дека треба да има консензус е листите да бидат отворени. И кочено да се гласа за секој еден на листата без разлика на кое место на листата е. Така ќе дадеме можност, вистински, квалитетни луѓе да бидат препознаени од граѓаните и ќе влезат на соодветните места. Тоа ќе биде нешто што ќе го разговараме за следниот циклус парламентарни избори“, рече Филипче.
Македонија
Филипче: Во Берлин ги бранев македонските интереси, ја повикувам ВМРО-ДПМНЕ заедно да се бориме амандманот да не помине

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција, во одговор на новинарско прашање, посочи дека посетата во Берлин ја искористил како можност да лобира и да разговара со присутните европратеници за да остане неутралната дефиниција за македонскиот јазик – а не, како што е наведено во амандманот на извештајот на Европскиот парламент за Македонија, каде се предлага зборот „современ“ да се додаде како квалификација за македонскиот јазик.
Тој потенцираше дека со неактивноста на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, се влошува преговарачката позиција на Македонија во однос на ЕУ.
„Јас лично лобирав и во име на партијата, меѓутоа и во име на државата. Жал ми е што не гледам дека тоа го прави Владата, ниту пак ВМРО-ДПМНЕ го прави – да остане неутралната дефиниција за македонскиот јазик. Сметам дека со оваа неактивност и со сè што Владата прави, практично нашата преговарачка ситуација и позиција во рамки на ЕУ се влошуваат. И еве сега, овие работи што се наведени во извештајот, практично укажуваат и го отвораат прашањето, зошто е тоа така, и зошто Владата навистина не сака видливо да лобира тоа да не се случи“, рече Филипче.
Притоа, тој ја посочи дека констатацијата на европратениците кои биле присутни во Берлин е дека ваквите додавки во однос на македонскиот јазик се резултат на провокациите од страна на Владата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Сите констатираат една работа – дека таквите додавки на македонскиот јазик доаѓаат како резултат на провокациите што доаѓаат од нашата Влада. Тоа е сериозно влошување на нашата положба во ЕУ“, изјави Филипче.
Во одговорот на прашањето, Филипче ги повика ВМРО-ДПМНЕ да лобираат заеднички за амандманот да не помине.
„Сакам да упатам уште една директна порака,апелирам до ВМРО-ДПМНЕ заеднички да лобираме тоа да не се случи, да нема таков амандман во ЕП, туку да помине неутралната дефиниција македонски јазик, без никакви додавки. Затоа што тоа е и заслуга на политиките на нашата Влада изминативе седум години- јасен, чист македонски јазик, потпишан на македонски јазик со сите земји членки на ЕУ. Не гледам ниту една причина, освен тие провокации, зошто сега таа позиција би била загрозена“, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Утре, сончево време со температури до 38 степени

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, по должината на Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 22, а максималната ќе достигне од 31 до 38 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Во следните денови следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток и за време на викендот кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе достигне до 40°C.