Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата, каде што се отфрлаат и поништуваат сите аранжмани и политики на владата на Заев поврзани со мигрантите
„ВМРО-ДПМНЕ заедно со пратениците од коалицијата, поднесе до Собранието на Република Македонија, Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Поради ширењето страв и паника кај населението, од страна на СДС и грубата политичка пропаганда од страна на опозицијата, со конструкции лаги и измислици во однос на измислената тема од страна на СДС за мигрантите, ВМРО-ДПМНЕ поднесе Резолуција со која се осудува лажната кампања и манипулативното дејствување на опозициските политички партии за наводно постоење договори, политики или активности поврзани со прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови.
Со Резолуцијата се утврдува дека ниту било побарано, ниту е договорено, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови, прифатни центри или трајни форми на сместување мигранти на територијата на општините во државата и дека такви активности не се и нема да бидат дел од владините политики.
Со Резолуцијата се отфрлаат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики на поранешната влада на Зоран Заев, поврзани со создавање кампови за прием и нега на мигранти, кои беа спротивни на националните и државните интереси и ја изложуваа државата на безбедносни и општествени ризици.
Воедно се повикуваат сите политички субјекти и јавните чинители на одговорност во јавниот говор, почитување на фактите и воздржување од ширење лаги и манипулации кои можат да предизвикаат општествени тензии и да го нарушат јавниот ред и мир.
Со Резолуцијата се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови и се воспоставува јасна, недвосмислена и непроменлива државна политика против нелегалната миграција.
Со оваа Резолуција се потврдува дека Владата и Собранието никогаш нема да дозволат да се преговара за мигранти. ВМРО-ДПМНЕ се грижи за безбедноста и сигурноста на граѓаните“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алиу: Примарната цел на законот е да ги превенира штетните последици од пушењето
Новиот предлог-закон за заштита од пушењето предвидува мерки за подигнување на јавната свест и поддршка за прекин на зависноста. Пораката која ја испраќаме е дека системот им помага на пушачите да се откажат од пушењето, без притоа да бидат стигматизирани, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Предвидени се, додава, законски обврски за спроведување превентивни програми за откажување од пушењето, советувања и едукации, како и целокупна поддршка во процесот на откажување од оваа зависност.
-Зависноста од никотин претставува медицински и јавноздравствен проблем. Докажано е дека превенцијата е поефикасна и поевтина од лекувањето, така што примарната цел на овој закон не е да казнува, туку да ги превенира штетните последици од пушењето, посочува Алиу.
Воедно, како што вели, во рамки на законските одредби јасно се утврдени надлежните инспекции, санкциите за непочитување, како и улогата на локалните власти во спроведувањето на законот.
Македонија
Државата наплати данок од над 2 милиони денари од донациите за настраданите во пожарот во Кочани
Иницијативата „Супорт Кочани“ ја реализираше третата распределба на средства собрани преку заедничката наменска сметка за донации. На лица директно погодени од трагедијата во „Пулс“, распределени се вкупно 3.153.204 денари. При тоа, 123 лица добиле по 15.968 денари, а кај други 19 лица, кај секој, распределени се по 45.992 денари. На име на персонален данок (ППД) се исплатени 319.292 денари.
Ова вчера го соопштија волонтерите од „Супорт Кочани“, иницијатива формирана веднаш по катастрофалниот пожар од 16 март минатата година во кочанската дискотека „Пулс“.
Средствата од третата распределба преку заедничката наменска сметка се донации кои потекнуваат од Македонската православна епархија за Европа и од ослободена провизија од НЛБ Тутунска банка.
Со оваа распределба, процесот на директна финансиска поддршка продолжува во согласност со принципите на транспарентност, отчетност и правична распределба, порачуваат волонтерите.
Во трите распределби до сега, преку иницијативата „Супорт Кочани“, на 142 лица кои потпишале потреба за помош им се донирани во бруто износ вкупно 22.742.997 денари. Од оваа сума на име персонален данок (ПДД), исплатени се вкупно 2.274.285 денари.
Македонија
СДСМ: Орбан и Мицкоски го шират влијанието на Балканот
СДСМ со длабока загриженост ги следи најновите случувања во регионот, предупредувајќи на ширење на унгарското влијание врз клучните економски и енергетски сектори на Балканот. „Политичката и бизнис спрега на релација Орбан–Мицкоски влијае и врз Македонија“, се наведува во соопштението на партијата.
Во Давос, премиерот Мицкоски немаше средба со ниту еден висок европски или светски лидер. Видеата кои сам ги снимаше покажуваат дека имал само неколку кратки средби со партнери, меѓу кои и сопственикот на унгарската 4iG.
СДСМ укажува дека унгарската енергетска компанија MOL, блиска до Орбан, потпишала прелиминарен договор за купување на 56,15% од акциите во српската нафтена индустрија (НИС), која досега беше под контрола на рускиот Газпром. „Овој обид не е само бизнис потег, туку е дел од Орбановиот план за контрола врз енергетските ресурси во регионот“, се вели во соопштението.
Партијата посочува дека Орбан преку унгарски компании веќе инвестира во банкарскиот сектор во Србија и други области на бизнисот, а сега се фокусира и на енергетскиот сектор, вклучително планови за нафтовод меѓу Србија и Унгарија и зголемени испораки на нафта поради санкциите. Двете земји, според СДСМ, и понатаму одржуваат блиски односи со Русија, иако тоа е спротивно на политиката на ЕУ.
„ВМРО продолжува да копира модели од Фидес и СНС, злоупотребувајќи ја власта за лични и партиски интереси“, предупредуваат од СДСМ, додавајќи дека ваквите чекори ја загрозуваат европската иднина на Македонија. Партијата повикува на будност и заштита на националните интереси од странски влијанија.
„Не смее да се дозволи нашата земја да стане дел од овој круг на корупција и авторитарност. Борбата за праведна и европска Македонија продолжува!“, велат од СДСМ.

