Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ именува раководители “шверцерски и незаконски“
ВМРО-ДПМНЕ ја обвини владата дека на „незаконски и шверцерски начин“ сака да протурка партиски војници кои немаат доволно компетенции да управуваат со сериозни институции. Како примери се посочуваат директорите на Службен весник, Државниот завод за статистика, Агенцијата за млади и спорт, Државниот архив и кандидатот за директор за агенцијата за државни службеници, при што се посочува дека ниту еден од нив немал приложено сертификат за задолжително познавање на јазик, а разрешувањата на претходниците се направени без претходен оглас.
За новиот директор на Агенцијата за администрација, Спасе Глигоров, се цитира член 16 став 1 од регулативата за државни службеници според кој на оваа функција не смее да биде лице кое е член на органите на политичка партија.
„ Со неговото предлагање владата на СДС го крши законот и наместо професионализација сака да спроведе груба партизација на администрацијата. Дополнително не постои никаков законски основ за отповикување на досегашниот директор согласно законот за државни службеници. Тука имаме случај кој е јасен 100 спрема нула“, тврдат од оваа партија.
Наедно се посочува дека по поканата до управниот инспекторат да реагира за според нив незаконските именувања, стигнала одлуката за разрешување на директорот на овој орган.
„Претседателот на општинската организација на СДСМ-Куманово, Мартин Костовски кој во алкохолизирана состојба нападна двајца трактористи кои беа дел од протестите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ Владата на СДСМ го “награди” и го именуваше за директор на Службен Весник, спротивно на законот.Дарко Каевски, подпретседател на СДММ, кој се фалеше колку бил пијан, вчера стана директор на Агенцијата за млади и спорт“, порачуваат од оваа партија заклучувајќи дека ова е доказ за самоволието на СДСМ и дека нивната борба не била за демократија и слобода, туку за фотељи. Според ВМРО-ДПМНЕ нивната задача ќе бидат „олеснување на државната каса, злоупотреби на овластувањата и партизација“.
„ Во оваа држава мора да важат законите. Апелираме веднаш управниот инспекторат и трудовата инспекција да реагираат на ваквите прекршувања“, повика Емилија Александрова од ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· Поради дефект на водоводна цевка со пречник од Ф-2 цол на улицата Св. Кирил и Методија 38 (на паркингот кај Трготекстил), 09:00 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Св. Кирил и Методија, општина Центар;
· Поради чистење и дезинфекција на двете комори во резервоарот за питка вода во село Бојане, во наредните 4 дена (03.03 до 06.03.2026 година) помеѓу 08:00 и 13:00 часот, можно е да има намален притисок и краткотрајни прекини на водоснабдувањето во село Бојане, општина Сарај.
Македонија
Делови од Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од стопанските објекти во Индустриската зона – Момин Поток, општина Бутел;
· од 09:00 до 15:30 часот, корисниците од ул. Јан Хус бр. 11а, општина Карпош.
Македонија
Сончево и релативно топло, максималната температура до 20 степени
Сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Во четврток се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта.

