Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС со тоа што не се изјаснува за уставни измени со одложено дејство ѝ помага на Бугарија

Според опозициската партија, СДС со тоа што не се изјаснува за уставни измени со одложено дејство и помага на Бугарија во намерата за национално обезличување и кажува дека ова не е последната уцена на патот кон ЕУ.
СДС, бараат од партијата на Мицкоски, да објасни зошто е против заштитени национални интереси и интеграција преку уставни измени со одложено дејство.
„И двата предлога кои ги даде претседателот Христијан Мицкоски значат зачувување на идентитетот и брза интеграција во ЕУ. Суштината на првиот предлог е одложената примена на уставните измени со влез на државата во ЕУ. Со тоа Бугарија од потенцијален кочничар, станува активно заинтересирана страна што побргу Македонија да влезе во Унијата. И наместо нови блокади, имаме поголема помош. Што тука кај СДС е спорно? Или спорно е што ДУИ треба да замине во опозиција?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оценуваат дека суштината на вториот предлог се гаранциите кои треба да се бараат од европските институции за Македонскиот многувековен идентитет, јазик и историја, барање средства за Македонската економија и граѓани и барање Бугарија да реализира 3 пресуди за правата на Македонците таму, овие чекори да ги поддржи партијата која би била опозиција, по наредните предвремени парламентарни избори кои треба да се случат на есен, ако се избере овој предлог.
И двата предлога, појаснуваат од ВМРО-ДПМНЕ, ја гарантираат интеграцијата, дури и ја забрзуваат, а истовремено го гарантираат идентитетот и оневозможуваат негово оспорување. Што тука е спорно за СДС и зошто не прифаќа?
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од населбата Драчево денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе остане дел од населбата Драчево.
Од 08:30 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Маркова Река во населба Драчево, општина Кисела Вода, ќе останат без струја.
Македонија
Сончево и ветровито време, температури до 38 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, по должината на Повардарието повремено засилен ветер од северен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 22, а максималната ќе достигне од 31 до 38 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Во следните денови следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток и за време на викендот кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе достигне до 40°C.