Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче ја крие фирмата во Бугарија, која е на иста адреса во Петрич со фирмите на Вице, Трајче и Бобан Заеви
Претседателската функција на Венко Филипче како да беше загарантирана во СДС од страна на Зоран Заев. Сознанија дека има поврзаност на бизнисите на Заев со Филипче, поточно на мрежата бизниси во бугарски Петрич, Струмица и Скопје, потоа сомнителните милионски бизниси и дека истите ги започнале додека двајцата беа на функции, веќе беа објавени во јавноста. Но, јавноста остана покуса за одговори, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнително Филипче откако стана пратеник не даде целосни информации во анкетниот лист доставен до Антикорупциска, поточно не ја пријавил фирмата за недвижнсти во Бугарија.
Филипче сокрил од јавноста дека откако завршил со министерсктата функција одлучил да влезе во приватен бизнис со недвижности. Во ноември 2022 година регистрирал фирма за недвижности во Петрич, Бугарија на улица Гоце Делчев 12. Фирмата за недвижности се вика Power i8 Ltd, а како единствен сопственик, воедно и управител на фирмата со дејности купување, изградба и продажба на недвижнини е Филипче, потоа се додаваат и други дејности.
На истата адреса се водат и фирми на роднините на Заев, братот и братучедите Вице, Трајче и Бобан Заеви.
Непријавувањето на фирмата во анкетниот лист која се води на иста адреса со низа на други фирми на Заеви отвора сомнеж за дејствувањето на Филипче. Се отвораат прашања како зошто не ја пријавил фирмата, што крие Филипче, дали е дел од шема на фирми кои правеле милиони?
Одговори на овие и други прашања следат на денешната прес-конференција, стои во соопштението на партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Центар и Бутел денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје известуваат дека денеска без вода ќе бидат делови од општините Центар и Бутел.
Поради дефект на улична цевка ф 2“ на улица Рајко Жинзифов бб раскрсница со улица Киро Крстевски Платник без вода ќе останат корисниците на дел од улицата Киро Крстевски Платник и дел од улицата Шумадиска во општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување на интервенцијата.
Поради дефект на огрлица од ф 250мм на улицата Македонско Косовска Бригада крак 11 бб. без вода ќе останат корисниците од комплекст Вива Фреш, касарната Илинден и улица Македонско Косовска Бригада крак 11 во општина Бутел.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на интервенцијата.
Македонија
Мурал на потпорен ѕид долг 120 метри крај реката Пена со порака за отпорност кон поплавите
Потпорниот ѕид изграден за спречување на лизгање на земјиштето во близина на ХЕЦ Пена, покрај тоа што обезбедува сигурност за возилата и пешаците, трансформиран е и во дело на уличната уметност, преку голем мурал кој пренесува порака за отпорност и единство во заедниците соочени со катастрофи.
Муралот е изработен како дел од серијата активности кои УНДП ќе ги спроведе за одбележување на меѓународниот ден за намалување на ризиците од катастрофи, 13-ти октомври.
На претставувањето на муралот нацртан по целата должина на ѕидот долг 120 метри денеска присуствуваа Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), Армен Григорјан и градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.
„Овој ѕид е одлично направен и обезбедува безбедно одвивање на сообраќајот и движење на граѓаните на Тетово кон Бањиче, популарна рекреативна дестинација. Но, беше сив и ние сакавме да го разубавиме, но и да испратиме значајна порака за отпорност и единство во заедниците соочени со ризик од катастрофи“, изјави Григорјан.
„Големо задоволство е да се биде тука со нашите партнери од УНДП, на презентацијата на овој мурал, во чија подготовка учествуваа и повеќе млади лица. Заедно спроведуваме значајни активности со кои сакаме во Полог да ја засилиме отпорноста кон поплавите и нашите заедници да ги направиме поотпорни на катастрофи“, рече Касами.
Инспирација за приказната претставена на муралот, уметниците најдоа во цртежите кои ги изработија учениците од повеќе основни училишта во Тетовско, на работилниците организирани од УНДП.
Ѕидот кој послужи како платно за уличните уметници е изграден во рамки на проектот за „Подобрување на отпорноста кон поплавите во Полошкиот регион“, финансиран од Швајцарија, кој Програмата за развој на Обединетите нации го спроведува во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините во регионот.
Македонија
Потпишан договор за европски грант, 50-тина училишта ќе добијат соларни фотоволтаични системи
Педесетина училишта во Македонија ќе ја подобрат енергетската ефикасност преку инсталирање на соларни фотоволтаични системи, за што, денеска министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и вицегувернерот на Банката за развој на Советот на Европа, Томас Бошек потпишаа договор за неповратен грант вреден 1,1 милион евра.
Училиштата ќе ја заменат енергијата базирана на фосилни горива со чиста и обновлива енергија. На овој начин, тие ќе дадат дополнителен придонес кон заштитата на животната средина, а ќе заштедат и средства кои ќе можат да се реалоцираат во унапредувањето на условите за настава.
На потпишувањето на договорот за овој проект одобрен преку Европскиот фонд за зелени општествени инвестиции, наменет за јакнење на инклузивните климатски мерки, Јаневска изрази благодарност до Банката за развој при Советот на Европа за континуираната поддршка на државата во унапредувањето на инфраструктурните услови во областа на образованието.
Министерката изрази очекувања дека соработката во насока на достигнување на европските стандарди за квалитет, ќе продолжи и во иднина.