Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Чудно е што СДС и ДУИ се против обвинителите што сами ги поставија

Чудно е што СДС и ДУИ се против обвинителите кои сами ги поставија и поради кои судството и обвинителството има сега под 2 посто доверба, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според оваа партија, нелогично е што СДС и ДУИ сега како што велат, се бунтуваат против истрагата, а на позиции во ОЈО се Гаврил Бубевски, Љупчо Коцевски и Ислам Абази, од прв до последен кадри на СДСМ и ДУИ.
„Воедно како СДС и ДУИ немаше желба за анкетна комисија за модуларната болница, за несреќата во Ласкарци, за Беса транс и Дурмо Турс, за тендерите на Стабри и профитерството на Венко Филипче.
Ние сме да има истрага за сето ова, наместо од несреќата да пробуваат да печалат политички поени“, подвлекуваат од владејачката партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јаневска: Го јакнеме финансиското образование, градиме млади подготвени за управување со финансии и за справување со ризици и измами

Финансиската едукација на младите е исклучително важна бидејќи ги подготвува за управување со финансии и планирање на буџетот, разбирање на економските процеси и препознавање на ризиците и обидите за финансиски измами. Во таа насока, повеќе надлежни институции работат на унапредување на постојниот концепт, процес во кој од клучно значење ќе бидат резултатите од истражувањето за финансиската писменост што го спроведува Бирото за развој на образованието.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на денешната панел дискусија на тема „Финансиска писменост во Македонија – состојба, предизвици и решенија“ во рамки на третиот Женски економски форум кој го организираат здруженијата „Јас Сум Жена“ и „Global Shapers Skopje Hub“ заедно со Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Јаневска рече дека финансиската едукација во основното образование кај нас е застапена преку теми во наставните програми по повеќе предмети, а постојат и слободни изборни предмети и воннаставни активности. Станува збор за интегриран пристап воведен по препорака на ОЕЦД. Во средното образование пак, односно во гимназиското и уметничкото има задолжителен предмет, а во стручното – задолжителен и изборни предмети постојат во одредени струки.
„Секој концепт може да биде и подобар и затоа Министерството за образование и наука со Министерството за финансии, Народна Банка, Македонската банкарска асоцијација и други страни тесно соработуваат, разменуваат информации, идеи и искуства за да може постепено финансиската едукација да се надградува –преку проширување на наставната материја, преку повеќе обуки на наставниот кадар и слично. Во оваа насока од особена важност ќе бидат и резултатите од истражувањето за финансиската писменост што го спроведува Бирото за развој на образованието, а кое ќе ни обезбеди податоци за идните политики“, рече министерката.
Осврнувајќи се на подготвеноста на младите да препознаваат финансиски измами, рече дека тоа се глобални предизвици кои бараат постојана адаптација, учење и заедничка регионална и меѓуинституционална соработка.
Покрај панел дискусијата посветена на финансиската писменост на која учествуваше и министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, во рамки на форумот се
одржаа и работилници на тема „Клуч за финансиски успех“ и „Сајбер ризици и заштита на личните податоци“.
Македонија
23-годишник пукал во воздух во Чаир од автомобил, приведен е

Приведено е лицето кое утрово околу 8 часот пукало со пиштол од автомобил во движење од марката „ауди“.
Според информацијата од полицијата, пукањето се случило на улицата Цветан Димов, а биле испукани неколку куршуми во воздух.
Полициски службеници го обезбедиле местото и биле пронајдени пет чаури од гасен пиштол, додека по преземени мерки, бил пронајден А.Д.(23) од Скопје, лицето кое го управувало возилото.
Со него бил извршен службен разговор, при што појаснил дека пукал од гасен пиштол “Зораки”, кој се наоѓал во неговиот дом на подрачјето на Чаир.
По насоки од јавен обвинител, пиштолот бил одземен и против лицето се поднесени соодветни поднесоци.
Македонија
Христијан Стојанов е уште едно младо момче што влезе во „Пулс“ за да спасува луѓе: „Обезбедувањето ни помогна многу“

Осумнаесетгодишниот Христијан Стојанов е уште еден херој од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој не размислувајќи за сопствениот живот влегол во оган за да спасува луѓе.
Тој е ученик во средното текстилно училиште во Штип, и за штипската телевизија „Тв Стар“ зборуваше за сето она што го доживеал ноќта на 16 март – за спасувањето животи, помошта од обезбедувачите, деновите поминати во болница и траумата со која се соочува.
Тој бил надвор од дискотеката кога го здогледал огнот. Во моментот се сетил дека неговиот братучед е внатре.
„Кога ја видовме глетката пред дискотеката, се погледнавме со мојот близок другар Давид Симонов и знаевме дека треба да влеземе внатре. Не се сеќавам како успеав да ја натопам маицата, но ја ставив на устата и влегов внатре. Се обидувавме да извадиме што повеќе луѓе. Оние кои беа живи не можеа да излезат од чадот што им ги печеше очите. Им подававме рака и ги влечевме надвор. Оние кои беа онесвестени ги носевме пред дискотеката. Имаше надвор луѓе кои што немаа храброст да влезат внатре во диското, но ги преземаа повредените пред влезот, па ги носеа на страна да пробааат да ги освестат или да ги однесат в болница“, раскажа младиот Стојанов.
Рече дека внатре имало повеќе негови познаници, но во тој момент не размислувал дали да спасува некој што го познава или не, само се трудел да спаси што повеќе луѓе.
Вели дека бројот на загинатите ќе бил уште поголем без обезбедувањето кои им помагало за сето тоа време.
„Ни кажуваа од каде да одиме да ги извлекуваме луѓето и сето тоа се правеше со нивна помош“, раскажа Стојанов.
Кога стигнал пред дискотеката, вратата повеќе не била блокирана, тоа се случувало пред да стигне.
Стојанов вели и дека му починале блиски другари кои биле при свест, но не издржале. Денови по пожарот не можел да заспие од глетките.
Тој поминал десет дена во болница во Скопје. По враќањето од „Пулс“ дома снемал воздух, а во главниот град секојдневно примал терапија, инфузии, бил постојано на кислородна поддршка. Во Скопје имало и психолог и психијатар со кои разговарале.
Стојанов по се’ е горд на себе што успеал да извади некои луѓе кои останале живи и не очекува ништо за возврат, оти, како што вели, во прашање се човечки животи.
Претходно беше споделено сведочење и од 19-годишниот Јован Костадинов, кој зборуваше за спасувачките напори, кобната ноќ во која 59 луѓе го загубија животот.