Македонија
Водата од два бунара во Горно Нерези небезбедна за пиење
Водата од два бунара во село Горно Нерези е небезбедна за пиење поради зголемен број бактерии, соопшти Центарот за управување со кризи.
„Од Центарот за јавно здравје – Скопје известуваат дека водата за пиење од дупчен бунар бр. 1 и дупчен бунар бр. 2 во село Горно Нерези не одговараат за пиење поради зголемен број аеробни бактерии“, стои во соопштението.
Исто така, од ЦЈЗ Скопје известуваат дека примерокот на вода за пиење земен од новиот дупчен бунар од аеродромот „Апостол Павле“ – Охрид со сурова нехлорирана вода не одговара на Правилникот за исправност на водата поради зголемена содржина железо и манган. Поради тоа, се препорачува прочистување и хлорирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: По две децении, Драчево повторно доби свое кино
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи извести дека по две децении, Драчево повторно доби свое кино.
„Особено ми е драго што иницијативата што ја започнавме пред завршувањето на мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, денес прерасна во реалност. Овој проект беше визија за враќање на културниот живот таму каде што му е местото, меѓу мојот народ. Од денес, таа визија живее“, вели градоначалникот.
„Киното ќе функционира во рамки на Домот на културата во Драчево, простор кој повторно ќе стане собиралиште на уметноста, емоцијата и заедничките доживувања.
Покрај Кисела Вода, сега и драчевчани ќе бидат дел од КИНОВЕРЗУМ и ќе имаат можност да уживаат во најновите филмски достигнувања и најголемите светски хитови, блиску до својот дом.
Филмското искуство повеќе нема да значи патување километри далеку, туку тука – дома. Културата повторно пулсира во Драчево“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улицата Христо Смирненски од бр. 19 до крајот на улицата кон булеварот Партизански Одреди, општина Центар;
· од 08:30 до 14:00 часот, Индустриските објекти на булеварот Босна и Херцеговина, (Фурна – Диме, поранешни магацини – Центро и поранешна фабрика ИГМ), општина Бутел;
· од 08:40 до 09:40 часот, корисниците од дел од улицата Козле, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, ќе дува засилен ветер од северен правец
Променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег. Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.

