Македонија
„Водовод“ со нова акција за исплата на долгови без камата

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје донесе одлука за спроведување уште една акција за исплата на заостанатите долгови без камата за задоцнето плаќање.
Акцијата за наплата на долговите без камата за физички и правни лица е со определен временски рок, од 2 ноември до 15 декември годинава. По истекот на овој период, одлуката престанува да важи.
„Имајќи ја предвид социјално-економската состојба како резултат на пандемијата, повторно им излегуваме во пресрет на потребите на граѓаните. Имено, секој работен ден од 8 до 14 часот граѓаните може да се обратат во секторот за наплата за исплата на долговите до 24-месечни рати во зависност од висината на долгот“, се наведува во соопштението на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
Од таму додаваат и дека процесот за наплата ќе се одвива непречено со почитуваање на сите протоколи, со цел заштита од ширењето на коронавирусот.
„Сите корисници што доаѓаат во просториите на претпријатието треба да го одржуваат редот на чекање за влез, притоа почитувајќи го определеното растојание. При влез задолжително е носење заштитна маска, а пред влез на секој клиент ќе му се мери телесната температура. При влегување и излегување од просториите на претпријатието задолжителна е и дезинфекција на рацете. Бројот на корисници што влегуваат во просториите на претпријатието е ограничен во согласност со одредените протоколи за заштита“, стои во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Гази Баба и Карпош денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 15.00 часот, објектот на винарија Брзанов, објектите лоцирани околу винаријата, корисниците лоцирани на влезот во село Трубарево и сточниот пазар во Трубарево. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од улицата Партизанска – крак 10. (општина Карпош)
Македонија
Утрото ведро и посвежо, преку денот сончево со температура до 32 степена

Утрото ведро и посвежо, преку денот сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 14, а максималната ќе достигне од 27 до 32 степена.
Во Скопје, наутро посвежо, преку денот сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Времето во наредните денови
Во вторник и среда ќе се задржи претежно сончево и топло време за овој период од годината. Од четврток ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Дневната температура ќе биде во опаѓање.
Македонија
ЦУК: Спасувачка акција на повредено лице при превртување на теренско возило на планинскиот пат над село Јеловце

Центарот за управување со кризи денеска попладне добил пријава за едно повредено лице при превртување на теренско возило на планинскиот пат над село Јеловце, општина Врапчиште.
Веднаш за настанот биле известени полициските станици Гостивар и Галате.
„Пријавата е добиена преку Едиствениот број за итни повици. Бидејќи теренот е тешко пристапен за возило на Итна медицинска помош, по барање на директорот на ЦУК, Мухамед Али, ДОЦ достави барање до Министерството за внатрешни работи за ангажирање на хеликоптер и специјални единици (алпинисти) за спасување на повреденото лице“, информираат од ЦУК.
Оттаму додаваат дека лицето ќе биде транспортирaно до Клинички центар за укажување на понатамошна медицинска помош.