Македонија
(Видео) Возачот на „Дурмо турс“ не спиел, но нешто друго го деконцентрирало
На денешното рочиште за автобуската несреќа кај Ласкарци имаше вкрстено испрашување на вештакот Драган Аксентиев.
„Возачот презел дејство, но немал никаква можност да ја спречи несреќата”, рече вештакот Аксантиев.
Обвинителот Дарко Јакимовски често имаше приговори дека непотребно се троши времето за рочиштето со долги цитати од вештачењето при поставувањето прашања.
„На минатата главна расправа дадов детално појаснување на што мислиме во поглед на отсуство на внимание на возачот, но кажав и што како вешти лица сме елиминирале од тој субјективен фактор. Елиминиравме употреба на мобилен телефон од страна на возачот и елиминиравме спиење од страна на возачот, особено во развојот на незгодата во тие четири секунди. Појаснив дека она што може да му го одзеде вниманието на возачот е некое негово краткотрајно дејство како свртување на главата и горниот дел од телото кон лево кога рацете го следат тоа движење и воланот се свртува, потоа краткотрајно завртување кон лево и надолу, потоа некое дејство со левата страна, да земе некое шише или нешто и слични некои краткотрајни дејствија кои можат во дел од секунда да му го одземат вниманието на возачот, спомнав и здравствена состојба без понатаму да навлегувам во здравствената состојба, бидејќи таква анализа е во областа на медицинско вешто лице”, рече Аксентиев.
За автобуската несреќа се обвинети шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноел Трифуновски, се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, а тројца вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.
Искра Манојлоска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

