Македонија
Воспоставени дипломатски односи со Јужна Африка

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, заедно со министерката за надворешни работи на Јужна Африка, Наледи Пандор, потпишаа заедничко коминике за воспоставување дипломатски односи меѓу двете земји во рамките на 78-то заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
„Воспоставувањето дипломатски односи меѓу Северна Македонија и Јужна Африка ги потврдува нашите заложби за градење пријателски односи и партнерства и со географски оддалечените земји. Отворањето ново поглавје во билатералните односи меѓу двете земји нуди дополнителни можности за развој и на економските и на бизнис-врските, како и зајакнување на соработката на мултилатерално ниво“, истакна Османи.
Чинот на официјализирање на пријателството меѓу Северна Македонија и Јужна Африка претставува добра основа за развој на соработката во голем број области, како културата, туризмот, здравството, и за градење на договорната рамка.
Јужна Африка е 182. земја со која Северна Македонија има воспоставено дипломатски односи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нов протест пред Влада, се бара правда за пациентите од Онкологија

Започнаа нови протести на граѓаните на кои се бара правда за пациентите од Онкологија. Стотина граѓани побараа правда за сите оние кои го изгубиле животот на оваа клиника.
„Протестот од Влада ќе продолжи пред зградата на Министерството за здравство, каде што ќе побараме одговорност за сите инволвирани во скандалот со Клиниката на онкологија, но и за обелоденување на информациите во врска со истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово, вклучувајќи ги лицата од Министерството за здравство, како што се претходните министри, кои влијаеле за забошотување на случаевите. Повторно нагласуваме и за тоа дека измени во Кривичниот законик нема да ги аболираат инволвираните од нивните злосторства доколку ние тоа не го дозволиме“, порачаа собраните граѓани.
Неформалната група „Протест против убиствата на Онкологија“ преку соопштение најави нов протест за денеска во 18 часот и ги повикаа граѓаните да излезат вечерва пред Владата. Протести се организираат од почетокот на месец септември, а јавноста беше згрозена од откритието на новинарите дека на Клиниката за онкологија можно е некои пациенти да не ја примале потребната терапија.
Македонија
Бектеши објави кои маркети се затворени оти не ги намалиле цените

Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека во скопскиот регион се затворени маркети на „Веро“ и „Вива фреш“ поради непочитување на владините мерки за намалување на цените на прехранбените производи.
„Не верувам дека не се објавени ланците на супермаркети кои го прекршиле законот. Им дадовме одреден рок да се усогласат мерките. Во скопскиот регион се „Веро“ и „Вива Фреш“. Осум до десет ланци супермаркети имаат маркети во секој град. И вие медиумите треба да ги објавите маркетите кои го прекршиле ова, но сигурно ургираат кај вас затоа што се рекламираат. Јас немам проблем да ги кажам. Граѓаните да бидат спокојни, овие мерки ќе бидат спроведени во целост“ рече Бектеши. по посетата на компанијата „Алма-М“.
Во саботата, според директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски, биле извршени над 50 контроли при што затворени се пет големи ланци на маркети по основ на Законот за потрошувачи, односно по основ на нечесни трговски пратки, а седум маркети се казнети поради непочитување на владината одлука.
Македонија
Вицепремиерката Грковска во работна посета на Словенија

Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, од денеска до 27 септември 2023 година ќе биде во работна посета на Република Словенија.
Во рамки на оваа посета таа ќе оствари средби со словенечката министерка за дигитална трансформација, Емилија Стојменова Дух, со министерката за правда на Република Словенија, Доминика Шварц Пипан, како и со потпретседателката на Судскиот совет д-р Уршка Кежмах.
Исто така, вицепремиерката Грковска вечерва ќе присуствува на приемот организиран од Амбасадата на Република Северна Македонија во Словенија по повод 30 годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји и отворањето на амбасадата во Љубљана, која беше првото дипломатско претставништво отворено по прогласувањето на независноста на нашата држава.