Македонија
Во Аеродром затворен угостителски објект од чиј кетеринг се затруле млади фудбалери на ФФМ

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) од Центарот за јавно здравје Скопје добил известување за седум деца со симптоми на акутно труење со храна кои се јавиле на преглед во „Неуромедика“ во Скопје.
Како што се наведува во соопштението, децата на возраст од 13 до 15 години, во текот на вчерашниот ден консумирале ручек и вечера во трпезарија на ФФМ, а обезбедени од кетеринг-служба на ДПТУ Форцашпед ДООЕЛ Скопје, подружница „Галакујна“ бул. Србија бр.50 Аеродром, Скопје.
Симптомите кај децата се јавиле околу 6 часот утрово и биле идентични кај сите: гадење, тежина во стомак, пролив, главоболка и вртоглавица со полесна клиничка слика.
Од вкупно 54 деца, 3 тренери, 1 доктор кои јаделе од истата храна, на тегоби се пожалиле 45 деца. Шест од децата кои не ја консумирале истата храна немаат вакви тегоби.
Санитарни инспектори во соработка со епидемиолог и екипа од Центарот за јавно здравје (Скопје) и инспектори од Агенција за храна и ветеринарство, денеска извршиле вонреден инспекциски надзор во подружницата Галакујна, односно во присуство на управителот извршиле увид во документацијата при што е констатирано дека санитарните книшки за 7 вработени се со уредно извршени здравствено-хигиенски прегледи, превентивна ДДД од страна на овластено правно лице е извршена на 18.06 годинава и постои решение за работа од АХВ, како и решение од Централен регистар.
Во тек на надзорот земени се материјали за бактериолошки мониторинг, односно брисеви од нежива природа и мостри од храна.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат веднаш ги затворил објектите со цел прекинување на понатамошно јавување на заболени со знаци за акутно труење со храна, при што на вратите е поставена и службена лента.
Забраната ќе трае до обезбедување на наредените противепидемсики мерки: генерално механичко чистење на просторот и опремата, дезинфекција од страна на овластена здравствена установа, вонредни санитарно-хигиенски прегледи на вработените, како и контролни брисеви од работни површини и опрема. По добивањето на резултатите од земените брисеви, доколку има потреба, ДСЗИ ќе наложи и други противепидемиски мерки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Министерството за пацинетот кој почина на Онкологија: Не е вистина дека документацијата му била изгубена

Министерството за здравство реагира на случајот со починатиот пациент на Клиниката за онкологија и радиотерапија, по објавите дека неговата медицинска историја била изгубена и пронајдена дури откако починал.
Од Министерството информираат дека пациентот бил донесен во исклучително тешка состојба, со четврта фаза на метастази на коски, дијагностицирани пред една година. Веднаш по приемот бил инициран процес за обезбедување крвен дериват, но за жал пациентот починал додека траела процедурата, и покрај сите преземени мерки.
Семејството, како што додаваат од институцијата, одбило да се изврши обдукција, а целата медицинска документација е уредно предадена. Министерството нагласува дека наводите за изгубена медицинска историја се неточни и немаат никаква поврзаност со третманот на пациентот.
Во соопштението се упатува и апел за почитување на интегритетот и професионалноста на лекарите и здравствените работници. „Вербални и физички закани не смеат да бидат дел од општеството кое се стреми кон хуманост и грижа за здравјето,“ наведуваат од Министерството.
„Лекарите се сојузници на пациентите и нивните семејства. Само преку заемна доверба и почит можеме да изградиме здравствен систем кој обезбедува хуман и безбеден третман за сите,“ се додава во реакцијата.
Македонија
Да се лоцираат и отстранат сите диви депонии, им препорача Меџити на општините

На барање на министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити до општините е испратена препорака за спроведување детаљни контроли и идентификација на сите диви депонии и нерегистрирани локации за отпад, како и изготвување планови за нивно систематско отстранување.
Министерството соопшти дека од општините очекува мерки за унапредување на управувањето со отпад и заштита на животната средина, а од Државниот инспекторат за животна средина итни активности за контрола и управување со депониите.
Препораките предвидуваат формирање работни тимови за теренска проверка и геолокациско мапирање, соработка со инспекциските служби, подготовка на извештај за состојбата со дивите депонии, кој во рок од 60 дена ќе биде доставен до Министерството, како и информативни кампањи за подигање на јавната свест кај граѓаните.
Истовремено, Државниот инспекторат за животна средина ќе спроведе вонредни контроли на сите постојни и нерегистрирани депонии. Контролата ќе опфати проверка на усогласеност со дозволите и со еколошките стандарди, откривање незаконско депонирање и преземање мерки за санација и санкционирање при прекршувања.
Македонија
Јас не сум од вчера во политиката, Левицата фрли гума за спасување на ДУИ со кандидатите во Струга, Гостивар и во Тетово, вели Мицкоски

Партијата Левица предложи кандидати за градоначалници во Струга, Гостивар и во Тетово само за да ги раслои анти-ДУИ гласовите во овие општини, во кои е јасно дека нема да победат. Вака премиерот Христијан Мицкоски денес го објасни од каде му е ставот дека има коалиција меѓу партијата Левица и ДУИ.
„Јас не сум од вчера во политиката. Потегот на партијата Левица да извади свои кандидати во општините Гостивар, Тетово и Струга и тоа да го брендира дека не ја заборавиле западна Македонија, а притоа да не извади свои кандидати, на пример, еве овде во Јегуновце, Теарце и во другите општини, бидејќи западна Македонија не е Струга, Тетово и Гостивар, има и други општини, доволно говори дека нивната цел е координирана со ДУИ за да дојде до раслојување на анти-ДУИ гласовите во овие општини затоа што ДУИ сфаќа дека во овие општини не може да победи и разбира дека ќе биде поразена на овие избори, односно ќе има мал незначителен број градоначалници и единствениот сојузник што во моментот се обидува да фрли гума за спасување е токму политичката партија Левица“, вели премиерот Мицкоски.
Неговиот став е дека шансите да победи кандидатот на партијата Левица во Тетово, Гостивар или Струга не се ни теоретски, но шансите за победа на нивниот кандидат во Велес или во Штип се на ниво на теорија.
„Вистинското прашање е еве зошто во родниот град на претседателот на Левицата немаме кандидат, зошто во Штип, кој е роден град на уште еден член на раководството на Левицата, нема кандидат за градоначалник, туку токму во општините Тетово, Гостивар и Струга, каде што е јасно дека кандидатите за градоначалници на ДУИ ќе бидат поразени бидејќи огромното мнозинство и сентиментот и расположението кај жителите во овие општини е анти-ДУИ. Нормално, својот стар коалициски партнер со кој функционираат и во Собранието одвреме-навреме, но и во Град Скопје, го повикаа на помош, а тој е секогаш тука да фрли гума за спасување токму тогаш кога на Али Ахмети и на другарчињата тоа им е потребно“, рече премиерот Мицкоски.
Партијата Левица е единствена од македонскиот блок политички партии што истакна свои кандидати за градоначалници во Струга, Тетово и во Гостивар.
Во Струга нивна кандидатка за градоначалничка е актуелната пратеничка и генерална секретарка на партијата, Јована Мојсоска. Во Тетово ја предлагаат Катка Божиновска, професорка на Државниот универзитет во Тетово, а во Гостивар ИТ-специјалистот Дарко Грујоски.