Македонија
Во болницата „Плодност“ во Битола двајца доктори и една медицинска сестра позитивни на Ковид-19

Двајца доктори, еден анестезиолог и еден гинеколог, и една медицинска сестра од приватната болница „Плодност“ во Битола се позитивни на коронавирусот. Од болницата велат дека сите тројца се чувствуваат добро.
Директорот на болницата, Таше Трпчевски, вели дека побарал од Институтот за јавно здравје да им се направат тестови на сите вработени. Трпчевски смета дека е потребно помасовно тестирање на пациентите за да се откријат асимптоматските носители на вирусот.
„Така ќе се створи малку поголема паника, но ќе го спречиме ширењето на вирусот“, вели тој.
Во продолжение е објавата на докторот на „Фејсбук“:
„Бевме и ќе останеме транспарентни. Да нема дилеми. Не уште двајца, туку тројца од персоналот се позитивни на коронавирусот во болницата ‘Плодност’. Двајца доктори, еден анестезиолог и еден гинеколог, и една медицинска сестра. Анестезиологот и медицинската анестезиолошка сестра пред три дена, само еден ден имаа температура и блага кашлица. Јас побарав да им се земат брисови. Побарав да се земат брисови и од неколку вработени, кои кивнале. Сакам да се земат брисови од сите вработени. Институтот за јавно здравје прави процена и не сака да им земе на сите. Анестезиологот и медицинската сестра само еден ден беа фебрилни, сега се здрави и немаат ништо. Барав за гинекологот, кој е од Прилеп, а кај нас е вработен, затоа што има епидемиолошка анамнеза. Тој е позитивен (вчера попладне ми ја даде информацијата). Тој е асимптоматски носител. Тие се најопасните, како и сите вие што не знаете дали можеби сте носител на вирусот.
Оттука, апелирам до министерот да ги остави препорките на СЗО и побогатите држави да се тестираат само симптоматските пациенти и оние со позитивн епидемиолошка анамнеза.
Министре, оставете ги препораките на СЗО и побогатите држави да се тестираат само симптомтските пациенти и оние со позитивна епидемиолошка анамнеза.
Можеби така ќе се создаде паника (паниката е состојба на исклучителен страв од вистинска или претпоставена опасност за живот), но ќе се добие друг ефект… изолација, а тоа е многу битно бидејќи ако имаме помасовно тестирање, ќе имаме помасовна самоизолација и изолација.
Тие се големи држави, многумилионски. Ние сме само 2 милиона народ (помалата популација ќе се испаничи). На тој начин ќе се намали бројот на асимптоматските носители на вирусот, кои сега слободно шетаат во градот и се потенцијални вирусоносители.
Тие се најопасните за околината. Многу полесно е кога ќе го откриете заразениот. Има многу повеќе заразени во Македонија отколку што се детектирани. Ни недостига тестирање. Не знам зошто немаме масовно тестирање. Самоизолација, земање витамини и имуносупортивна терапија, изолација на оние што биле во најблизок контакт и бројот на заболени полека ќе стивнува.
Гледате што се случува, умира медицински персонал, доктори, сестри техничари и друг персонал. Ние здравствените лица сме на првата борбена линија на фронтот и немаме право да заминеме, да се повлечеме од фронтот. На иста опасност се изложени во продавниците и супермаркетите, но тие може да си одат дома. Ние сме први што се заразуваат. Вработените во супермаркетите имаат право да си заминат, ние не, бидејки нашата етика е и морал да им помагаме на луѓето.
Вината е и во пациентите, не дека се носители и ќе ни го донесат вирусот, туку дека се неискрени.
Ние имавме направено епидемиолошки прашалник според СЗО-критериуми. Интенцијата ни беше уште пред еден месец да влегува секој пациент на тријажното одделение за да му направиме епидемиолошка анкета (по 13.4.2020 задолжително ќе поминат низ тој тријажен дел сите оние што ќе дојдат во болницата, ќе потпишат формулар за веродостојноста и ќе одговраат кривично ако излажале).
Но, заклучокот беше дека нашите пациенти не се доволно искрени, кријат, не сакаат да кажат дека имале некој од симптомите на коронавирусот, ниту дека биле со сомнително лице во контакт, а кое дошло од друга високоризична држава на Ковид-19. Нашите граѓани, особено битолчани, се плашат да кажат дек имаат температура, треска, слабост, болки во грлото и не бараат да се тестират на коронавирусот плашејќи се од тоа да не бидат анатемисани, жигосани и непожелни да живеат во оваа средина (Битола), а не се плашат од последиците и компликациите на ова инфективно заболување.
„Битолчани, седете дома и умирајте, никому не кажувајте му дека имате симптоми на коронавирусот затоа што ако ве дознаат, ќе ве жигосат“, напиша една сограѓанка на својот фејсбук-профил.
Затоа, почитуван г. министре, мислам дека е потребно помасовно тестирање на пациентите за да ги откриеме асимптоматските носители на вирусот. Така ќе се створи малку поголема паника, но ќе го спречиме ширењето на вирусот. Сè уште не е доцна, имаме уште малку време сè додека не се скрши здравствениот систем, кога возот ќе замине низ брдо, а ќе треба секојдневно да објавувате повеќе смртни случаеви од новозаболени.
Со голема почит за вас министрем д-р Венко Филипче, прифатете го мојот совет. Направете увоз на тестови. Веќе фармацевстката индустрија ги работи наголемо и не е тешко да се набават, а и не се скапи (барем овие што се на база антиген – антитело). Иако тие не покажуваат точно присуство на вирусот, ќе направат скрининг, кои се за ПЦР-методата. Што се однесува до точноста на тестовите за докажување Ковид-19, и самите фармацевтски фирми објаснуваат дека се многу сензитивни иако има и најмало нарушување на морфологијата на вирусот, во 50 отсто дава лажно позитивни резултати (ние на наша кожа тоа најдобро го осетивме и немаме веродостојни информации дали Христијан е позитивен или негативен, а немаме клиничка слика за постоење на виросот).
Христијан со мала симптомологија бараше да се тестира на коронавирусот. Ќе поминеше сè како една грипозна настинка. Истото тоа се случува и со другите наши врботени. Сега немаат никакви симптоми. Можевме да не бараме да се тестираат и сè ќе поминеше како да е обична настинка.
Рескирав, драги мои битолчани, да докажам дека може да сме носители на таков вирус (затоа што некој ни го донесол), во името на безбедноста, сигурноста и грижата на пациентите, рескирав и ја затворив болницата, а вие уште фрлате отровни стрели. Каде згрешивме? Вршите притисок во МВР дека Христијан пред еден месец, 15 дена итн. си дошол од Копаоник, Банско, па од Тирол, Австрија, за да станеме предмет на вештачење на секторот за криминал од МВР. Тие имаат сознание дали Христијан ја напуштил и кога ја напуштил границата и дали бил на тие места, а сите вие што тврдите на ‘Фејсбук’ дека д-р Христијан Трпчевски беше во едно од споменатите места во последните два месеца, напишете го тоа, ама на вистински, не на лажен профил. Е, тоа ќе треба да го докажете и на суд, ама и ќе си ги сносите последиците од тоа судење.
Ќе ви дојде дома вирусот, седете со температура и кашлица, да не дознае некој друг оти ќе ве сатанизират битолчани од најградскиот град на конзулите. Е, па, битолчани: ‘Ова е мојата Битола, најуба на светот’“, напиша Трпчевски на „Фејсбук“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.