Македонија
Во Брисел имало обид да се нанесе удар на македонскиот јазик, Мицкоски рече дека успеале да амортизираат
Премиерот Христијан Мицкоски добил вознемирувачки информации во насока на тоа дека одредени политичари од ЕУ се обидуваат да нанесат нов удар на македонскиот јазик и идентитет. Тој рече дека успеал да стапи во контакт со сите од Брисел, па успешно на некој начин бил амортизиран ударот.
„Некој повторно сакаше да нанесе удар врз македонскиот идентитет и јазик, доформулирајќи го, дообјаснувајќи го со модерен или сегашен македонски јазик, само да се обидат да креираат некоја нова нација, а со тоа да го нарушат и кредибилитетот на самата ЕУ“, изјави Мицкоски, додавајќи дека Македонија повеќе нема да молчи за вистината.
За жал, вели премиерот, постојат и такви членови на Европскиот парламент, но среќа за нас е што огромното мнозинство таму, застануваат зад нашите аргументи.
„Ние се бориме да ја кажеме нашата вистина за Македонија, вистина која што ја чувствуваат граѓаните, без разлика дали е тоа во Берлин, Брисел, Лондон или Вашингтон“, додаде премиерот кој денес присуствуваше на свеченото пуштање на патниот правец Гевгелија-Богданци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЗНАМ до СДСМ: Димитриевски нема „златни визи“, не е вмешан во скандали и не оди на журки во Дубаи
Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија обвини дека СДСМ со нападите врз Максим Димитриевски и партијата се обидува да ја дефокусира јавноста од сопствената политичка и економска катастрофа. Во соопштението, ЗНАМ ги нарекува обвинувањата на СДСМ „политичка манипулација и замајување“, оценувајќи ги како „неосновани, тенденциозни и без докази“.
Од партијата велат дека Димитриевски има лична и професионална кариера надвор од политиката и дека не бил поврзан со корупциски скандали.
„За разлика од двоецот Заев-Филипче кој ги троши народните пари по луксузни јахти низ светот, тој не поседува ‘златни визи’ и не оди на журки во Дубаи“, се наведува во соопштението.
Според ЗНАМ, сите јавни набавки и финансиски постапки се спроведуваат законски и под надзор, а партијата останува доследна на принципите на отчетност и јавна одговорност. „Политиката за нас не е приватен бизнис, туку јавна одговорност во интерес на граѓаните“, велат од движењето.
Македонија
Хоџа: И во 2026 обезбедивме средства за Националните паркови кои се клучен столб во заштитата на природното наследство
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на работен состанок со директорите на националните паркови Пелистер, Маврово, Галичица и Шар Планина, ја потврди силната и континуирана поддршка на Министерството за нивниот развој, заштита на прирдоните вредности и одржливо управување.
„Со особено задоволство можам да истакнам дека и во 2026 година, Министерството во својот Буџет обезбеди наменски средства за понатамошен активности за заштита и промоција на националните паркови, што претставува јасен сигнал за долгорочната посветеност на државата кон заштитата на природата и одржливиот развој“, истакна министерот Хоџа.
На средбата беше нагласено дека националните паркови се клучен столб во заштитата на природното наследство, но и важен двигател на одржливиот туризам и локалниот економски развој.
Министерот Хоџа истакна дека Министерството ќе продолжи со поддршка на активностите на националните паркови преку подобрување на законската регулатива, обезбедување стабилна финансиска поддршка од државниот буџет, како и преку координација и мобилизација на средства од ПОНТ, ЕУ ЛИФЕ програмата и други меѓународни партнери. Со тоа ќе се зајакне управувањето, ќе се унапреди заштитата на биолошката разновидност и ќе се развива зелена инфраструктура во националните паркови.
Националните паркови, како што беше нагласено на средбата, денес претставуваат не само заштитени подрачја, туку и значајни двигатели на одржливиот развој, атрактивни еко-туристички дестинации и позитивен пример за одговорно управување со природните ресурси.
Македонија
Нови авиолинии, повеќе туризам, посилна трговија: Николоски и амбасадорот на Црна Гора за поблиски врски меѓу двете земји
Заменик претседателот на Владата и министерот за транспорт Александар Николоски оствари работна средба со амбасадорот на Црна Гора во Република Македонија, Зоран Миљаниќ.
На средбата се разговараше за актуелните состојби во двете земји, притоа акцент се стави за можноста за воспоставување на нови авиолинии и подобро поврзување на врските меѓу двете земји.
Вицепремиерот го запозна амбасадорот Миљаниќ со инфраструктурните проекти како и со реформските процеси што се спроведуваат во насока на исполнување на европската агенда, притоа беше истакната силната инвестициска активност во изградба и модернизација на меѓународните коридори, кои имаат силно влијание врз регионалниот развој и соработка.
На средбата се разговараше и за зголемување на економската соработка, трговската размена како и соработката во туризмот.
„Со амбасадорот разговаравме за подобрување на билатералните односи особено за можноста за воспоставување на авио поврзување меѓу двете земји. Исто така отворивме теми и за унапредување на трговската соработка, туризмот и се што е во интерес на двете земји. Црна Гора е наша пријателска земја и очекуваме дека во име на таквиот партнерски однос, соработката меѓу двете земји ќе продолжи и во наредниот период”, истакна вицепремиерот Николоски.
Двајцата соговорници се согласија на интензивирање на понатамошната соработка, посебно во делот на зголемување на економските односи меѓу Македонија и Црна Гора.

