Македонија
Во Гази Баба почна изградба на дневен центар за деца со интелектуална и телесна попреченост

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска приуствуваше на почнување градба на дневен центар за деца со интелектуална и телесна попреченост и центар за сензорна интеграција во населбата Железара, во општина Гази Баба.
„Процесот на деинституционализација продолжува преку вадење на корисниците од институциите и нивно згрижување во мали групни домови и згрижувачки семејства, со цел да им се овозможи атмосфера најблиска до семејната. Дополнително, ги децентрализираме социјалните услуги на локално ниво“, истакна Шахпаска.
Таа посочи дека дневните центри за лица со попреченост се модел како треба да се грижиме за овие лица.
Градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, посочи дека новиот дневен центар ќе работи како регионален центар за згрижување деца од целиот град, со поддршка на три општини – Гази Баба, Бутел и Илинден.
Центарот за сензорна интеграција, пак, е наменет за децата со посебни образовни потреби од детските градинки и основни училишта од општина Гази Баба.
Шахпаска заедно со градоначалникот Георгиевски ја посети и детската градинка „Детска радост“, објект „Калинка“, каде што во тек е реконструкција на кујната, која во согласност со проектот го проширува својот капацитет како централна кујна за подготовка на повеќе од 1.000 оброци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Најмногу дожд во изминатото деноноќие во Тетово, Претор и Куманово

Најмногу дожд во изминатите 24 часа до 08:00 часот се наврнати во Тетово – 19 литри на метар квадратен, потоа во Претор 11 и Куманово 10, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Потоа следи Пожаране со 9 литри на метар квадратен, 8 во Попова Шапка, по 6 во Крушево и Маврови Анови, 5 во Битола, по 4 во Крива Паланка и Лазарополе, по 3 во Скопје-Зајчев Рид, Велес и Охрид, 2 во Прилеп и еден литар на метар квадратен во Тополчани.
Во текот на денот не очекува претежно облачно со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни (над 20 l/m²), проследени со ретки грмежи. Ќе дува слаб со умерен ветер претежно од југоисточен правец, поизразен долж Повардарието.
Најниска температура утрово е измерена на Попова Шапка – шест степени Целзиусови. Во Берово, Крушево и Маврови Анови по 9, 10 во Лазарополе, по 11 во Крива Паланка и Претор, по 12 во Охрид, Прилеп и Струмица, по 13 во Тетово, Битола, Виница и Куманово, по 14 во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид и Велес, по 15 во Штип, Демир Капија, Кавадарци и Гевгелија.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сиљановска Давкова: Не сум се фотографирала со восочни фигури на Доналд и Меланија Трамп

Фотографијата објавена на моите официјални профили на социјалните мрежи, на којашто сум заедно со претседателот на САД, Доналд Трамп, е автентична и направена во Њујорк за време на свечениот традиционален прием организиран од претседателот Трамп и неговата сопруга, Меланија Трамп, реагираше претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова.
– Написите на одредени медиуми дека станува збор за фотографија со восочна фигура се целосно неточни, злонамерни и со јасна тенденција за дискредитација, вели таа.
Сиљановска – Давкова упати апел до медиумите за професионално, одговорно и чесно информирање на јавноста, со почитување на вистината како највисок демократски принцип.