Македонија
Во државава е поевтино да се облечеш, отколку да се храниш
Државниот завод за статистика (ДЗС) објави дека во октомври индексот на трошоците на живот забележал мала дефлација од 0,2% во споредба со септември. Тоа се должи на поевтинувањето на транспортот за 6,1%, мебелот и одржувањето на домаќинствата за 0,3%, како и на образование и култура за 0,1%. Индексот на цените на мало бележи слично благо намалување, на 98,7 поени.
Сепак, ова благо месечно намалување не го менува годишниот тренд. Во однос на октомври 2024 година, индексот на трошоците на живот пораснал за 4,5%, а индексот на цените на мало за 2,8%, што покажува дека граѓаните сè уште се соочуваат со висок инфлаторен притисок.
Највидливо поскапување е регистрирано кај храна и безалкохолни пијалаци, кои за една година се зголемиле за 7%, како и кај алкохолни пијалаци и тутун (+6,7%) и облека и обувки (+2,8%). Мали месечни зголемувања има и кај домувањето, вода, електрична енергија и гас, како и ресторани и хотели, со раст од околу 0,2%.
Минималната синдикална кошница во октомври пораснала за 467 денари, а за просечно четиричлено семејство месечните трошоци изнесувале 65.544 денари. Најмногу се зголемиле трошоците за храна и пијалоци, кои во октомври достигнале 23.772 денари, што е раст од 378 денари за еден месец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Две недели без одговор како 5 тони дрога поминале преку граница, бараме одговорност од Мицкоски
СДСМ обвинува дека и по 14 дена нема одговор од институциите за, како што велат, „најголемиот нарко-скандал во регионот“, поврзан со транспорт на пет тони дрога преку државната граница.
Од партијата посочуваат дека молчат премиерот Христијан Мицкоски, како и повеќе функционери, оценувајќи дека тоа отвора сомнежи за одговорност на власта.
„Овој гласен молк е најсилна потврда дека скандалот води до врвот на Владата“, се наведува во соопштението.
СДСМ реагира и на изјавите дека биле запленети 100 тони марихуана, оценувајќи дека доколку постоело толкаво производство, тоа претставува сериозен пропуст на институциите.
Според нив, за такво количество би била потребна површина од над 30 хектари, поради што прашуваат дали биле извршени контроли од надлежните служби, вклучително и полицијата, инспекторатите и безбедносните агенции.
Партијата дополнително прашува како пет тони дрога биле транспортирани со товарни возила покрај системите за надзор, камерите и граничните контроли.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нема скандал, ниту криминал, а во тоа да не се вмешани Заев и Филипче
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека постои поврзаност меѓу Венко Филипче и сопственикот на компанијата „ЦБД Медплант“, Тони Котев, во врска со случајот со запленета дрога.
Од партијата велат дека во јавноста се појавиле фотографии на кои двајцата се заедно, што, според нив, ги демантира изјавите на Филипче дека не ги познава лицата поврзани со фирмата.
„Откако со денови СДСМ се обидува да ја релативизира аферата со запленетата дрога, вистината излезе на виделина. Филипче тврдеше дека нема никаква врска со вистинскиот сопственик на фирмата, но фотографиите покажуваат поинаку“, се наведува во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ прашува зошто, како што велат, владејачката партија реагира на случајот со запленети над 30 тони дрога и дали постои поврзаност со поранешни функционери.
Од партијата повикуваат Јавното обвинителство да ја испита можната поврзаност на Филипче со случајот.
Македонија
Најмногу снег на Попова Шапка
Најстудено утрово е во Берово -4 степени, на Попова Шапка се измерени -2, додека во Крива Паланка, Претор, Битола, Струмица, Mаврови Анови се измерени 0 Целзиусови степени. Над нулата е во Тетово, Прилеп, Штип, Kрушево каде се измерени еден степен, Скопје-Петровец, Велес, Демир Капија, Виница по два, Скопје-Зајчев Рид, Охрид, Кавадарци по 3 и Гевгелија пет Целзиусови степени, информира УХМР.
Најмногу снег има на Попова Шапка, каде висината на снежната покрива изнесува 62 сантиметри.
За изминатите 24 часа до 07 часот во најмногу врнежи имало во Охрид и Претор каде се измерени 2 l/m2.
Времето денеска ќе биде променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Врнежите ќе бидат пообилни во северозападните делови (локално над 25 l/m²). Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 14 степени.

