Македонија
Во Кабинетот на Сиљановска-Давкова се одржа дебата на тема „Предизвиците со интеграцијата на Ромите низ призма на младите“

Во пресрет на 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите, вчера во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се одржа дебата на тема „Предизвиците со интеграцијата на Ромите низ призма на младите“.
Учесници во дебатата беа ученици и студенти, припадници на ромската заедница. Дебатата ја водеше Доан Сулејмановски, директор на средното училиште „Шаип Јусуф“, член на Советот за млади и член на Комисијата за помилување.
Честитајќи им го претстојниот Меѓународен ден на Ромите, претседателката Сиљановска-Давкова на младите Роми им порача дека Кабинетот, како заеднички граѓански дом е соодветно место за одбележување на овој најзначаен ромски празник.
Таа им порача на присутните да бидат горди на својата етничка припадност, со оглед на докажаната креативност, скромност, способност и адаптибилност, што ги прави посебни, се наведува во соопштението од кабинетот на Претседателката.
„Ги охрабри да дадат свој придонес во натпреварот на сите полиња, посочувајќи примери на успешни Роми, со цел да креираат автентична слика за нив, оти, наративот на другите за Ромите се темели на нивната перцепција, што не е имуна на непознавање, конструкција, па и предрасуди.
Најважно, според неа е, најдобрите Роми да се најдат на соодветните позиции, како доказ дека знаењето, умот и посветеноста се наградуваат без оглед на припадноста по било кој основ. Се разбира, таа потсети дека афирмативната акција во случајот на Ромите е особено важна со оглед на изразената ранливост на оваа категорија македонски граѓани.
Се разви жива дебата во која учествуваа мнозина студенти и ученици. Импресионираше нивната критичка мисла и самосвест. Тие посочија низа примери на дискриминација на Ромите по сите основи, ги детектираа најголемите проблеми со кои се соочуваат, предложија излезни решенија.
Кога е во прашање решавањето на ромското прашање, сепак, претседателката, но и некои дискутанти ја посочија нашата држава како позитивен пример, навраќајќи се на уставниот статус на Ромите, формирањето општина со доминантно ромско население во кое ромскиот јазик е службен јазик, политичкиот ангажман на Ромите преку формирање ромски политички партии, стекнувањето градоначалнички, пратенички и други функции, вложување во образованието и културата, стимулирањето на граѓанскиот центар.
Се разбира, се укажа на многу предизвици, како проблемот со изучувањето на ромскиот јазик како мајчин јазик и како уставно загарантирано право. За претседатеката, формирањето на Катедра за ромски јазик ќе придонесе за создавање педагошки кадар за ромски јазик.
Се укажа и на потребата од основање на Ромски културен дом, пристоен здравствен дом, културно- уметнички и спортски друштва, библиотека.
Младите го посочија се уште актуелниот проблем со лицата „фантоми“, односно луѓето коишто се уште немаат лични документи и се оневозможени во остварувањето на правото на образование и здравствена заштита, а се соочени и со низа административни пречки во секојдневното функционирање.
За гостите, нискиот квалитет на здравствените услуги коишто ги добиваат Ромите, со оглед на хроничниот недостиг на медицински кадар во Шуто Оризари е загрижувачки.
Во дебата се актуелизираше потребата од итно формирање на Интерпартиската парламентарна група за правата на Ромите, како и запазување на застапеноста на Ромите во Комитетот за односи меѓу заедниците преку што поскоро именување членови од редот на заедниците што немаат пратеници во Собранието од страна на Народниот правовобранител.
Според претседателката, нашиот модел на решавање на статусот на Ромите во државата може да биде наш цивилизациски придонес кон ЕУ“, се додава во соопштението од кабинетот на Претседателката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
38 санкции при акциска контрола на СВР Скопје и Државниот инспекторат за транспорт

Денеска (16.04.2025) во периодот од 06 до 10 часот, полициски службеници од СВР Скопје во заедничка акција со Државниот инспекторат за транспорт при Министерството за транспорт и врски, на подрачјето на Скопје спроведоа контрола за спроведување на законските регулативи и транспортот на патничките и товарните моторни возила, а со цел обезбедување поголема безбедност и законитост во областа на транспортот.
Притоа, од страна на полициските службеници од СВР Скопје беа преземени девет мерки и беа поднесени девет платни налози и записници за сторени прекршоци според Законот за безбедност на патниот сообраќај и според Законот за возила.
Додека, од Државниот инспекторат за транспорт беа констатирани вкупно 29 мерки според Законот за превоз во патниот сообраќај и според Законот за работно време на работниците.
Македонија
Таравари тајно преговарал со Ахмети, Меџити вели дека не го исклучиле од коалицијата туку тој се самоисклучил

Не е веќе тајна бидејќи коалицијата „Вреди“ одамна забележа дека постојат преговори меѓу Таравари и Ахмети со вмешаност на одредени личности од олигархијата, истакна на прес-конференција Изет Меџити од „Вреди“, по завршувањето на состанокот во коалицијата.
Преговорите како што рече Меџити, се воделе веќе неколку месеци.
„Јасно е дека преговорите имале за цел разединување на коалицијата „Вреди“ и враќање од клиничка смрт на ДУИ. Колкава била цената на оваа операција и дали вредело сето тоа, ќе се дознае многу брзо“ нагласи Меџити.
Резимираше, дека тие не го исклучиле Таравари од коалицијата, туку тој се самоисклучил.
Како што истакна, од нивната коалиција оцениле дека синоќешната одлука на Таравари откако биле исцрпени сите аргументи и понуди за да остане во заедничката изборна трка, нема поддршка од искрените гласачи на Алијансата за Албанците, ниту од партиските функционери, кои пред помалку од една година како што рече, ја подржале правилната одлука на таа партија за прекинување на соработката со партијата „која веќе тоне и повлекува со себе многу жртви“.
„ДУИ нема да се спаси без оглед на гумите кои ќе ги фрлат различните политички актери“, подвлече Меџити.
Коалицијата „Вреди“ оценува дека одлуката за настапи со одделни листи за советници, кога како што вели Меџити таа тема веќе била договорена, не се базира на ставовите на партиската база.
Тоа, според Меџити, е одлука донесена во интерес на ДУИ, и за која Таравари ќе мора да даде објаснување пред Албанците, но и пред гласачите на „Вреди“.
„И покрај сето тоа, коалицијата „Вреди“ денес одлучи да настапи заеднички на изборите и со советнички листи и со кандидати за градоначалници, а во наредните денови ќе се формираат и заеднички изборни штабови на „Вреди“ за заеднички настап на претстојните локални избори“, информира Меџити.
Македонија
Муцунски: Посетата на ОАЕ носи конкретни бенефити за граѓаните

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ја продолжува работната посета на Обединетите Арапски Емирати, како дел од владината делегација предводена од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Во текот на денешниот ден, беа остварени повеќе средби со претставници на стопанските комори, инвестициски фондови, како и со поединечни претставници на големи корпорации кои изразија интерес за потенцијални инвестиции во државата. Разговорите се фокусираа на можности за инвестиции во инфраструктурата, туризмот, како и во рамки на технолошко-индустриските развојни зони.
„Нашата цел е јасна – повеќе, но и подобро платени работни места во нашата држава. Во наредните денови ќе објавиме една исклучително позитивна вест, која ќе значи многу за секој наш граѓанин, за економијата, трговијата и туризмот“, изјави министерот Муцунски.
Тој додаде дека посетата носи конкретни и опипливи резултати и дека Владата продолжува со истата динамика и посветеност во следните денови од посетата.