Македонија
Во Козле, во „8 Септември“ или во странство ќе одат на рехабилитација пациентите со потешки повреди, кои следната недела ќе почнат да се враќаат

Во текот на оваа недела од лекување во странство најавено е дека ќе се враќаат пациентите што се целосно закрепнати, но од следната недела ќе почнат да се враќаат и оние со потешки повреди за кои ќе треба рехабилитација. Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека разгледуваат повеќе можности за продолжување на нивното лекување по враќањето од болниците во кои беа прифатени за досегашниот третман.
„Оваа недела очекуваме полесните пациенти да се враќаат, тие што се рехабилитирани комплетно. За потешките пациенти ќе разговараме од идната недела. Имаме неколку опции, да го адаптираме ковид-центарот во ‘8 Септември’, Центарот за рехабилитација во Козле исто така е подготвен со повеќе кревети, меѓутоа имаме понуди и за надвор од државата за оние што би биле рехабилитирани подолгорочно, се разбира, без трошоци за државата. За тоа ќе зборуваме од идната недела кога ќе се најавуваат потешките пациенти“, рече министерот Таравари.
Тој утрово извести дека од вкупно 193 повредни во пожарот во дискотеката во Кочани, досега 93 пациенти закрепнаа и заминаа на домашно лекување, а во болниците кај нас и во странство се лекуваат уште 100 пациенти. Од нив, 20 се во болниците кај нас, а 80 сè уште се на лекување во странство.
Денес, за враќање дома се најавени двајца пациенти, еден од Полска и еден од Белгија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Урбаните џентлмени возеа низ Скопје за машкото здравје

Стотици урбани моторџии облечени во костуми, палта, вратоврски и елегантни чевли денеска по десетти пат продефилираа низ улиците на Скопје во рамки на глобалната акција The Distinguished Gentleman’s Ride, посветена на подигање на свеста за машкото здравје и борбата против ракот на простатата.
Со задолжителна кацига на глава и на класични мотори, учесниците беа дел од светско движење што годинава се одржа во 108 држави и собра над илјада учесници.
Скопје за првпат стана дел од оваа урбана и хуманитарна мото-приказна во 2016 година, благодарение на иницијаторите Игор Стефановски и Благоја Петровски, кои успеаја низ годините да го задржат ентузијазмот и интересот за ова уникатно дружење со хуманитарна цел.
Како и претходните години, собраните донации ќе бидат уплатени на сметката на фондацијата „Мовембер“ во Лондон, од каде потоа се распределуваат кон болници и институции кои се борат за подобрување на машкото здравје и заштита од рак на простатата.
Македонија
Таравари: Горд сум на Алијансата за Албанците, ќе победиме на локалните избори

Лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, преку статус на Фејсбук изрази гордост за одлуката на партијата да ја напушти Владата, истакнувајќи дека, и покрај обидите да се прикаже како поделена, АА е посилна од кога било.
„Горд сум на секој од вас што е дел од Алијансата за Албанците, горд сум на сите вас што цврсто стоевте при нашето излегување од Владата“, напиша Таравари.
Тој им порача на критичарите дека обидите да се создаде слика за разединетост не успеале.
„На оние кои се обидуваат да нè прикажат како поделени, ви велам – вашата серија не е успешна. Гордо сме посилни од кога било“, истакна лидерот на АА.
Таравари заврши со порака дека партијата ќе излезе како победник на претстојните локални избори во октомври.
Македонија
СДСМ: Владата на Мицкоски направи хаос и задолжи три генерации

Опозициската СДСМ денеска со реакција на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека неговото признание за слабостите на Владата доаѓа предоцна и дека за десет месеци владеење, ВМРО-ДПМНЕ направила „непоправливи штети“ во државата.
„Касно е признанието на Мицкоски дека Владата му е катастрофа. Штетите што ги направи за неполна година се непоправливи, а иднината на граѓаните и нивниот стандард се уништени“, наведуваат од СДСМ во соопштението.
Оттаму обвинуваат дека Владата за краток период „ја уништила економијата, го срозала стандардот и ги закопала перспективите“, без да реализира ниту еден сопствен проект.
„Сѐ што направија е што се шетаа со приватни авиони и бизнис-класи, јадеа манго и папаја, и ја задолжија државата за три генерации. Денес гордо се сликаат пред инвестиции што ги започна СДСМ“, велат од партијата.
Според нив, во јавноста постои „огромно незадоволство“ од политиките на Владата, што, како што посочуваат, ќе се одрази на следните избори.
„Мицкоски не е ни свесен за гневот меѓу граѓаните. Затоа сега најавува победи – затоа што знае дека задоволството од неговата работа паѓа од ден на ден“, стои во реакцијата на СДСМ.