Македонија
Во Македонија хоспитализирани се вкупно 134 ковид-пациенти, 51 од нив се во Скопје

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 134 и има околу 515 празни болнички кревети во ковид-центрите, информираат од Министерството за здравство.
Од таму потсетуваат дека поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид-пациенти.
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците низ земјава, со исклучок во главниот град, е пријавено дека се лекуваат вкупно 83 пациенти позитивни и суспектни на вирусот.
Во болниците во Скопје тој број изнесува 51 пациент, од кои тројца биле примени во последните 24 часа. Во изминатото деноноќие дома биле пуштени 7 оздравени пациенти.
„Во болницата во Битола се хоспитализирани 12 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 10 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 4 пациенти, во Велес се лекуваат 8 болни, а во Куманово 15 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид има хоспитализирано 7 пациенти, во Прилеп 6, во ковид-центарот во Гостивар 3, а во Струга 5 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 8 пациенти, во Кичево 4, а во Кавадарци и во Гевгелија нема хоспитализирани лица позитивни или суспектни на вирусот“, се наведува во соопштението од ресорното министерство од каде додаваат дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти.
Исто така се нагласува дека во скопските ковид-центри бројот на приеми во изминативе денови се намалува и утрово до 8 часот имало 90 слободни места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ахмети од Тетово: Мицкоски гледал војна само на телевизија

Мицкоски гледал војна само на телевизија, рече претседателот на ДУИ, Али Ахмети од Тетово, откако претходно првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ од него побара да каже колку стотици милиони евра добила неговата фамилија на сметка на жртвите од војната во 2001.
Мицкоски истакна дека како доброволец во 2001 година го немал тоа чувство дека Али Ахмети е победник во таа војна, на што Ахмети возврати дека Мицкоски воопшто не бил во војна.
„Јас не се занимавам со Христијан Мицкоски кој ми зборува за војна, тој не бил во војна, тоа го гледал само на телевизија, па јас сум молчел затоа што тишината е лек. 20 години градевме стратегии за да работиме и да ги реализираме нашите цели и сме ценети од нашите гласачи. Само со повеќе работа можеме да бидеме силни не само 20 години туку и повеќе. Поминаа 20 години, затоа што ги планиравме работите во секоја фаза, како ќе одат. Постапувавме во тешки времиња, во многу деликатни околности, иако на доброто му нема крај, има уште многу работа“, рече Ахмети.
Претседателот на ДУИ синоќа во Тетово почрача и дека уставните измени мора да се направат, а повика и на веринг на политичарите.
„Уставните измени мора да се направат бидејќи тоа е задолжителен респектабилен договор. Ова ќе се случи за два-три месеци, но мора да се случи, бидејќи тоа е во интерес на граѓаните на оваа држава. Тоа е заедничка мисија на сите нас бидејќи доброто што ќе дојде нема да дојде само за Албанците туку за сите граѓани. Мора да направиме ветинг, почнувајќи од политичарите, извршната власт, градоначалниците бидејќи тоа е за доброто на државата. Оваа проверка треба да ја направат странски специјалисти, бидејќи кредибилитетот може да се оспори. Потребно ни е проверено судство и политичар за да се има доверба во развојот на процесот“, рече Ахмети.
Македонија
Променливо облачно и студено време

Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, на места со провејување на слаб снег.
Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 0 до 7 степени.
Во Скопје променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Македонија
(Видео) Ковачевски: Почитта кон различностите нѐ прави да бидеме обединети во заедничката идеја за мир и единство

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски вечерва имаше обраќање на свечената академија, која се одржа по повод одбележувањето на Св. Сава – националниот празник на српската заедница во Република Северна Македонија.
На свеченоста присуствуваа Милош Вучевиќ, заменик-претседателот на Владата на Република Србија и министер за одбрана на Република Србија, Славјанка Петровска, министерка за одбрана на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот кор, претставници на политички партии, граѓански организации, здруженија, како и бројни гости од земјава и од странство.
Премиерот Димитар Ковачевски упати најсрдечни честитки по повод празникот Св. Сава, со желба за долговечно чествување.
„Одбележувањето на Св. Сава, националниот ден на српската заедница, за нас и за нашата држава значи негување на сите вредности по кои духовниот и интелектуалниот творец на идејата за српската државотворност ќе остане запаметен во историјата на народите на овие простори. Валоризацијата на овие вредности и негувањето на почитта кон другите и почитта кон различностите нѐ прави да бидеме обединети во заедничката идеја за мир и единство. Само така, обединети во различностите, можеме да одиме напред како општество, но и заеднички, како народи кои живеат во регион, преполн со предизвици.Нашите врати, вратите на Република Северна Македонија секогаш ќе бидат отворени за сите народи кои се пријателски, а еден од тие народи е и нашиот братски, српски народ. Нашата заедничка иднина зависи од сите нас. Без разлика колку и да сме различни, сепак, имаме една цел кон која сите се стремиме – просперитетен, отворен и современ Балкан, ослободен од предрасуди, омраза и непријателства”, рече Ковачевски.