Македонија
Во Македонија 1.275 нови случаи на Ковид-19, 13 лица починале

Во последните 24 часа во Македонија се потврдени 1.275 нови случаи на коронавирус, 13 лица починаа, а 502 оздравеа, соопшти Министерството за здравство.
Направени се 3.331 тестирање. Најголем број случаи се потврдени во Скопје-519, Тетово-85, Прилеп-75 и Куманово-70.
Во Штип се потврдени 36 нови случаи, Струга-30, Велес-47, Битола-69, Охрид-24, Кавадарци-40, Гостивар-55, Гевгелија-22, Струмица-39, Крива Паланка-7, Радовиш-15, Крушево-2, Кочани-20, Пробиштип-13, Демир Хисар-2, Македонски Брод-5, Берово-6, Валандово-2, Виница-8, Делчево-7, Кратово-12, Свети Николе-6, Кичево-34, Ресен-6, Неготино-19.
Денеска, Институтот за јавно здравје регистрира 502 оздравени пациенти, и тоа од: Скопје-306, Куманово-25, Штип-17, Прилеп-12, Тетово-12, Струга-9, Велес-12, Битола-14, Охрид-28, Кавадарци-6, Гевгелија-12, Струмица-17, Крива Паланка-1, Радовиш-3, Кочани-11, Пробиштип-4, Демир Хисар-1, Македонски Брод-1, Свети Николе-2, Кичево-5, Ресен-3 и Неготино-1.
Починати се 13 лица – еден пациент од Скопје (86), еден од Штип (87), четврорица пациенти од Прилеп (50, 65, 75 и 73), еден од Тетово (71), еден од Струга (31), еден пациент од Битола (65), еден од Охрид (82), еден од Струмица (82), еден од Кочани (72) и еден пациент од Берово (76). Од нив еден пациент е починат вон, другите се починати во болнички услови.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 36.372, бројката на оздравени пациенти е 22.526, на починати е 1.084, а бројот на активни случаи изнесува 12.762.
На Инфективната клиника во изминатите 24 часа примени се седум пациенти. Вкупно се хоспитализирани 158 пациенти. На кислородна поддршка се 131 пациент, нема пациенти на механичка вентилација.
Во болницата во Козле хоспитализирани се осум позитивни и едно дете суспектно на Ковид-19 и 23 возрасни пациенти позитивни и суспектни на вирусот.
Во ГОБ „8 Септември“ има девет приеми, а вкупно хоспитализирани се 79 пациенти. На респиратор се 13 пациенти.
Во Институтот за ТБЦ хоспитализирани се 44 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19.
Во болницата во Битола хоспитализирани се 71, а во болницата во Штип – 52 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга, Кочани, Гевгелија, Кичево и во Кавадарци хоспитализирани се 452 позитивни и сомнителни на Ковид-19.
Активни случаи по општини во Скопје денеска (по завршување на епидемиолошките анкети, може да има измена во дистрибуцијата по општини во Скопје)
• Чаир – 338
• Гази Баба – 781
• Аеродром – 950
• Карпош – 834
• Центар – 791
• Кисела Вода – 716
• Ѓорче Петров – 483
• Бутел – 319
• Шуто Оризари – 78
• Студеничани – 29
• Сарај – 57
• Арачиново – 13
• Илинден – 135
• Сопиште – 49
• Чучер Сандево – 38
• Петровец –54
• Зелениково -26
• Странец – 72
• Нераспределен – 117
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Посакувам среќа да се победи во барем една општина: Костадинов до СДСМ откако најави ново делување

Aктуелниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, објави на социјалните мрежи дека поради тешката состојба на неговата партија ќе започне со ново интерпартиско делување.
„Свесен за тешката состојба во која се наоѓа мојата партија, од безидејноста, сакам да помогнам за жал нема како. Во следните месеци, ќе започнам со креирање на ново интерпартиско делување, кое ќе биде презентирано по завршувањето на локалните избори“, пишува Костадинов.
Се повикува на целосно прецизна стратегија, доволно мотивирачка за да обедини, како што вели, авторитети што ѝ недостигаат на СДСМ, „тешки за да бидат непривлечни за политичките авантуристи, и доволно забавни за да се пронајдат младите“.
„Мојата стратешко политичка одлука за делување во СДСМ или можеби надвор од СДСМ ќе биде јавно кажана во два дела. Првата ќе биде септември, конечната по завршување на овие локални избори. До тогаш посакувам среќа да се победи во барем една општина“, додава тој.
Македонија
ДУИ: „Влен“ покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив

„Процесот на вработувања во државните институции се одвива селективно и дискриминаторски, при што Албанците остануваат целосно непретставени. Секојдневно, нивното исклучување станува редовна пракса на оваа Влада“, велат од ДУИ.
„Наместо да се зајакне правичната застапеност, Владата предлага замена на постојниот законски механизам (балансерот) со нефункционална комисија која еднаш годишно ќе подготвува „анализи“. Таквиот модел не гарантира ниту застапеност, ниту фер примена на законот, ниту основна еднаквост.
Дури и овој навредлив предлог-закон не се испраќа во Собранието, што укажува на понижувањето и недостаток на капацитет од страна на остатоците на ВЛЕН.
„Влен“ досега покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив ангажирајќи ја Каракамишева да изготви навредлив закон, кој потоа и самите не се осмелуваат да го достават до Собранието.
ДУИ бара од надлежните институции и од меѓународниот фактор внимателно да ја следат оваа ситуација и да реагираат на назадувањето на правичната застапеност на Албанците во јавните институции“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
Муцунски од Мала Преспа: Преку конкретни проекти ќе продолжиме да ја јакнеме врската со дијаспората

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и министерот за култура, Зоран Љутков, вчера ја посетија Мала Преспа и општина Пустец – домот на македонското малцинство во Албанија. Во рамки на посетата, министрите остварија топли и конструктивни средби со локалното население и присуствуваа на свеченото отворање на фестивалот „Македонско културно лето“, каде настап имаше Велешкиот театар.
„Мала Преспа и Пустец се жив доказ дека етничката и културната разноликост не разделува, туку обединува. Благодарение на официјалниот статус на македонскиот јазик, двојазичното образование, активната дипломатска и прекугранична поддршка од нашата Влада – заедно со посветеноста и ангажманот на локалното население – македонската заедница во Албанија успева да ја зачува својата уникатност, да ја негува врската со матичната земја и да гради мостови на пријателство меѓу двете држави“, истакна министерот Муцунски во својата објава на социјалните мрежи.
На средбите со Македонците од Албанија, министерот ги сослуша нивните предизвици и се обврза дека поддршката од државата нема да остане само на декларативно ниво.
„Преку конкретни проекти и активности, ќе продолжиме да ги јакнеме врските на дијаспората со татковината. Само така ќе ја чуваме и пренесуваме македонската историја, култура и традиција во овој значаен дел од Балканот“, порача Муцунски.
Министерот упати искрена благодарност за поканата и срдечниот пречек и истакна дека секогаш со задоволство ќе се враќа во Пустец – помеѓу Македонците во Албанија.