Македонија
Во наградниот предизвик на „НЛБ Банка“ училиштата собраа речиси 10 тони пластична амбалажа за рециклирање

Во наградниот предизвик за собирање пластична амбалажа за рециклирање, кој НЛБ Банка Скопје го организираше по повод „Месецот на штедење“, основните училишта ширум земјата собраа речиси 10 тони пластика која понатаму е испратена на рециклирање.
Во едномесечната акција на НЛБ Банка Скопје, која се одвиваше од 27 септември до 25 октомври 2021, се вклучија вкупно 70 училишта на територијата на целата земја, од кои 34 во Скопје, а 36 во останатите градови ширум државата. Акцијата во Скопје се реализираше во соработка со Пакомак, а во градовите низ земјата со поддршка на локални постапувачи со отпад и јавните комунални претпријатија кои беа задолжени за мерење на собраниот отпад и транспорт до колективните центри за складирање и рециклажа.
Трите основни училишта кои во текот на акцијата собраа најмногу пластичен отпад, НЛБ Банка Скопје ги наградува со парични средства наменети за унапредување на условите во училиштето и наставно-образовниот процес. Согласно евиденцијата на количина собрана пластика, првата награда во висина од 3.000 евра ја доби ОУ „Кирил и Методиј“ од Кочани, со собрани 930 кг, втората награда од 2.000 евра ја доби ОУ „Тошо Велков Пепето“ од Кавадарци, со собрани 705 кг, а третата награда од 1.000 евра е доделена на ОУ „Блаже Коневски“ од Велес, со собрани 584 кг пластика.
Годинава, НЛБ Банка одбележа 10 години од отпочнување на проектот „НЛБ Месец на штедење“, посветувајќи го јубилејот на темата „Да ја сочуваме нашата планета“, што во целост кореспондира со заложбите и активностите на Банката за општествено одговорно делување, заштита на животна средина и одржлив развој. Една од целите во годинешната акција беше да се сврти вниманието на јавноста колку е важно децата уште од најрана возраст да научат да селектираат отпад и да рециклираат и на тој начин да придонесат кон зачувување на животната средина и природните ресурси.
НЛБ Банка Скопје изразува благодарност до сите основни училишта и учениците кои се вклучија во акцијата и со својот придонес помогнаа во остварување на овој извонреден резултат – селектирани и рециклирани речиси 10 тони пластика. За илустрација, се проценува дека со рециклирање на еден тон пластика се заштедуваат 7.200 киловат часови електрична енергија, што е доволно за нормално функционирање на едно просечно домаќинство цели седум месеци. Инаку, според статистиките, во светот на годишно ниво се генерираат околу 30 милиони пластичен отпад, што претставува повеќе од 12% од целокупното количество цврст отпад, а за да се разгради пластиката, потребни се од 500 до 1000 години. Со рециклирање на пластика се заштедува 80% од вкупната енергија која се користи за производството на нови пластични производи, процес кој е еколошки штетен заради употребата на нафта и други фосилни горива.
Списокот на основните училишта и резултатите од акцијата се објавени на веб-страницата на НЛБ Банка Скопје.
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.