Македонија
Во Охрид посебен сообраќаен режим за претстојниот викенд поради средбата Вучиќ – Курти
Од Секторот за внатрешни работи Охрид известуваат дека поради средбата меѓу српскиот претседател и косовскиот премиер што викендов ќе се одржи во Охрид, на подрачјето на СВР Охрид се преземаат соодветни безбедносни мерки.
Активностите, како што информираат, се насочени кон физичко и сообраќајно обезбедување на сообраќајниците и други објекти за што се веќе остварени контакти и координација со службите од локалната самоуправа, како и со сите правни субјекти одговорни за одржување на патиштата и улиците во градот, со Фондот за комунални дејности, сообраќај и улици при Општина Охрид, со јавните претпријатија, како и со други релевантни субјекти.
Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид, додаваат од таму, интензивно презема мерки за сообраќајно обезбедување, контрола и регулирање на сообраќајот, пред сè, на булеварот Туристичка, но и на другите патишта и сообраќајници каде што не е дозволено запирање или паркирање моторни возила и каде што е предвидено да се врши непречено пропуштање на возилата со приоритет на минување.
Сообраќајното обезбедување ги опфаќа и другите магистрални, регионални и локални патишта, како и заштитниот појас на патиштата, заедно со улиците во населените места и паркиралиштата.
Апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците и на другите подрачја, со цел подигнување на степенот на сигурност за време на овој настан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Агресивен карцином кај 10 годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со е бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.

