Македонија
Во периодот што следи приоритет за вакцинирање ќе имаат хронично болните
Во периодот што следи приоритет ќе се даде на вакцинирање на возрасните гупи и хронично болните, а сосема мал дел од капацитетите ќе биде наменет за вакцинирање на критичната инфраструктура, најави министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој кажа дека здравствените работници почнале да ги контактираат лицата со хронични болести за да бидат вакцинирани.
„Во однос на хронично болните се прават контакти. Се подготвуваат списоци. Врвен приоритет се лицата со трансплантации и оние кои одат на дијализа. Очекувам таа постапка да заврши викендов. Останатите ќе одат по систем на пријавување“, рече министерот Филипче.
Лицата со други хронични болести треба да се пријават на vakcinacija.mk и да чекаат термин согласно возрасните групи. Министерот Филипче вели дека во периодот што следи приоритет ќе се даде на вакцинирање на возрасните гупи и хронично болните, а сосема мал дел од капацитетите ќе биде наменет за вакцинирање на критичната инфраструктура, односно вработените во институциите неопходни за функционирање на државата.
Тој денес веќе извести дека термини за вакцинирање добиле сите министри оти Владата одлучила да се вакцинира веднаш по вакцинирањето на Собранието.
Вакцинацијата кај нас почна на 17 февруари со вакцинирање на здравствените работници од ковид-центрите. Доега се дадени 104.000 дози вакцини, а околу 24.000 граѓани веќе ги добиле двете дози од вакцината за заштита од Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Изменет сообраќаен режим поради Задушница
Поради верскиот празник Задушница денеска од 6:00 часот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје информираат дека сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока, односно кружно. Сите возила ќе се упатуваат по улица „Бутелска”, лево по улица „Александар Урдаревски”, лево по улица „Боца Иванова” и десно до влезот на гробиштата Бутел. За излез, возилата ќе се движат десно по улица „Боца Иванова”, до кружниот тек на улица „Бутелска”, па лево по улица „Бутелска” и десно по улица „Кемал Сејфула”.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Денес е Задушница – спомен за починатите
Православните христијани денеска ја одбележуваат Задушница во знак на сеќавање на починатите.
Оваа Задушница секогаш се паѓа в сабота пред месопусната недела во пресрет на велигденскиот пост и празникот Прочка.
Црквата пропишала посебни денови во годината – задушници, кога верниците се молат за покој на душите на починатите. Задушница е секогаш в сабота, ден кој црквата го одредила за помен и молитва за упокоените.
На задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. На Задушница верните им даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.
Македонија
Променливо облачно со дожд и засилен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно, а во попладневните часови и во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни и ќе надминат 20 литри на метар квадратен.
Како што соопштуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), ќе дува засилен, повремено силен ветер од југоисточен правец, кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, попладне и во текот на ноќта со врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Според најавите од УХМР, под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса утре попладне, во текот на ноќта и во недела ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни и ќе надминат 25 литри на метар квадратен. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер.
Во понеделник во текот на ноќта и во вторник се очекува заладување со нови пообилни врнежи, кои на планините ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Стабилизирање на времето се очекува од средината на следната седмица.

