Македонија
Во последното деноноќие имало вкупно 23 пожари на отворено, 19 се изгаснати, а три се активни

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имало вкупно 23 пожари на отворен простор, од коишто три се уште се активни, еден е под контрола, а 19 се изгаснати.
За гаснење на пожар во атарот на село Тажево – повеќенаменското подрачје „Јасен“, општина Македонски Брод се дејствуваше во текот на вчерашниот ден на неколку преостанати краци од пожарот со 23 лица од единицата ЕБР со сопствени моторни возила и 3 пожарникари од ТППЕ – Македонски Брод и 10 лица од Јавно претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје „Јасен“. Во попладневните часови во негово гаснење интервенираше 1 хеликоптер на Армијата.
Пожарот кај село Плаќе (Илинска Планина) каде што беше опожарена рудина и сува трева зафаќаше предел од три општини (Охрид – Ресен – Демир Хисар) е под контрола, но, на места од ветерот повторно има избувнато пламен. На терен, ПП силите се уште вршат проверка и обиколка и го држат под контрола – четири лица од ЈП „Национални шуми“ – подружница „Галичица“.
На пожарот на Илинска Планина, што започна во утринските часови на 26-ти овој месец се интервенираше во текот на целиот ден, а вчера во 12:00 часот беше добиена информација од терен од вработените на ЈП НШ подружница „Бигла“ од Демир Хисар дека во утринските часови пожарот е ставен под контрола односно истиот е изгаснат и на одредени места се гледа слаб чад. Екипата од ТППЕ Демир Хисар во 11:30 часот била повлечена од терен. На терен останале 12 вработени од ЈП НШ подружница „Бигла“ од Демир Хисар кои го контролирале опожареното подрачје до 19.00 часот. Во текот на денешниот ден екипа од ЈП НШ подружница Бигла од Демир Хисар повторно ќе изврши контрола на терен за да не дојде до повторно активирање односно препалување на пожарот.
Пожарот на потегот од село Хаџи Хамзали кон село Црешка е се уште активен и покрај тоа што на него е интервенирано со воздухоплови во неколку наврати. Екипите на ТППЕ Штип – три пожарникари со едно теренско возило, ДЗС, ЈП „национални шуми“ и членови на ловното друштво денеска интервенираа на шумски пожар од запалени смреки и грмушки во атарите на село Хаџи Хамзали и село Црешка. На истиот е интервенирано седум пати од воздух со два воздухоплова. Пожарот е активен и поголем дел од него се наоѓа на територијата на армискиот полигон Криволак. Екипите синоќа се повлечени, а од утрово се повторно на терен.
Вчера во 15:22 часот беше започнат пожар на шума во атар на село Татомир, Општина Кратово. Во гаснењето на пожарот интервенираа девет пожарникари со две цистерни, екипа од Јавно комунално претпријатие од Кратово и месното население. Пожарот е се уште активен.
„Инаку, во последното деноноќие се изгаснати 19 пожари на отворено, во Општина Струмица, кај село Водоча (каде што горела нискостеблеста шума); Општина Струмица, село Браилово (ниска вегетација); Општина Старо Нагоричане, село Макреш (ниска вегетација); Општина Куманово, село Канарево (ниска вегетација); Општина Куманово, кај село Студена Бара кон Ново Село (ниска вегетација); Општина Сарај, село Кондово (мешана шума); Општина Бутел, покрај ул.„Боца Иванов“ (ниска вегетација и ѓубриште); Општина Илинден, населба „Илинден“ (ниска вегетација); Општина Арачиново, село Арачиново (ѓубре); Општина Демир Хисар, покрај ул.„Маршал Тито“ (ниска вегетација); Општина Прилеп: село Дебреште, село Лажани (стрниште); Општина Прилеп, Покрај Регионален пат Прилеп-Битола, бензинска Саида Петрол (ниска вегетација); Општина Крушево, село Селце (ниска вегетација); Општина Охрид, депонија Мауцкер (ѓубриште); Општина Желино, село Палатица и село Сиричино (депонија, гуми); Општина Тетово, во близина на бензинска Цедо Петрол (ниска вегетација); Општина Гостивар, село Балиндол (ниска вегетација); Општина Кочани: село Мојанци (стрниште) и во Општина Делчево, кај село Црквенец (каде што горела ниска вегетација)“, информираат денеска од ЦУК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.