Македонија
Царовска: Во прво и четврто одделение од есен ќе се учи медиумска писменост

Образованието треба да создава граѓани што се отпорни на лажни вести. Токму затоа со новата Концепција за основно образование, од наредната учебна година во прво и во четврто одделение започнува да се учи медиумската писменост и критичното размислување. Тие ќе бидат интегрирани во сите предмети, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во обраќањето на онлајн конференција на тема „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност“, во организација на Фондацијата „Метаморфозис“ и „Евротинк“. Проектот е финансиски поддржан од Европската Унија, а настанот е кофинансиран и од Фондацијата за слободата „Фридрих Неуман“.
„Не може да се справиме наеднаш со феноменот со кој се бори целиот свет, но сметаме, како Влада и како МОН, заедно со нашите партнери, дека ако создадеме генерации коишто имаат повеќе знаења и алатки за справување со лажни вести ќе бидеме поподготвени за битка со лажните вести и за превенција на кризни ситуации креирани со лажни вести“, нагласи Царовска.
Со вклучувањето на медиумската писменост во формалното образование учениците уште од најрана возраст ќе учат да пребаруваат, издвојуваат и користат информации од медиумите, но и да ги проверуваат и откриваат лажните вести, велат од МОН.
Царовска рече дека освен на нови наставни програми, МОН интензивно работи и на подготовка на наставниците да знаат да го пренесат критичкото размислување кај учениците. Заедно со Светска банка, во наредниот период ќе се работи и на јакнење на наставните студиски програми на педагошките факултети, кои ќе образуваат наставници подготвени за реализирање на новите наставни програми.
Ставовите за тековните состојби поврзани со спротивставување на напливот на дезинформации и медиумски манипулации преку иницијативи за развој на медиумската писменост, критичкото мислење, проверката на факти и промоција на новинарската етика и стандардите за добро владеење, на денешната конференција ги споделија и амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија Дејвид Гир, како и повеќе експерти, активисти и новинари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце и Пелинце се чека околу еден час на Богородица околу 40 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
На ГП Богородица времето на чекање за излез од државата е околу 40 минути.
На ГП Табановце и ГП Пелинце се чека околу 1 часа за влез и излез од државата. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 09.08.2022 до 20.08.2022 на патниот правец раскрсница Маврово – Галичник Р- 2238 поради изведување градежни работи (асфалтирање) сообраќајот е во прекин помеѓу 10:00 и 16:00 часот. Работите се изведуваат само во работни денови.
Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица е отворен за сообраќај до 01.10.2022 за возила со вкупна маса до 3,5 тони.
Македонија
Променливо облачно и свежо, на повеќе места нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер

Денеска се очекува променливо облачно и свежо време, на повеќе места нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Локално ќе има појава на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер, електрични празнења и услови за појава на град.
На места ќе наврне поголема количина на воден талог. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 21 до 28 степени. УВ=6
Во Скопје променливо облачно со повремен пороен дожд, грмежи и засилен ветер, во делови од котлината со пообилни врнежи. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Од понеделник ќе настапи постепено стабилизирање на времето со брз пораст на дневните температури.
Македонија
(Видео) Силно невреме го зафати Кавадарци, паднати дрва, поплавени улици и подруми

Силно невреме проследено со интензивен пороен дожд, силен ветер и електрични празнења вечерва го зафати Кавадарци, пишува на социјалните мрежи градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев.
„Според првичните информации, до повикувачкиот центар во општината, се пристигнати дваесетина пријави за поплавени подрумски простории.
Екипи на ТППЕ Кавадарци, ЈП Комуналец и “Мој општинар” се на терен.
За половина час наврнале 40 литри/м2. На улица ,”Беласица” се отстранува паднато дрво од силниот ветер, а се расчистуваат и наноси од кал“, информира Јанчев.
Од силниот дожд вода има навлезено и во зградата на општина Кавадарци.
Од општина Кавадарци ги известуваат сите граѓани кои имаат
било каков проблем да се јават во Кол Центарот на општината на бројот 13 300.
За невремето информираат и од Центарот за управување со кризи.
„Вечерва подрачјето на Кавадарци го зафати невреме проследено со обилни врнежи на дожд. Од невремето поплавени се десетина подруми од куќи, како и средишниот дел од главната ул.7-ми Септември на која во моментот 3 екипи со механизација работат на расчистување, а за испумпување на водата од поплавените подруми на терен се екипи од пожарната од Кавадарци со 2 пумпи и екипа од Комуналец од Кавадарци со две пумпи“, стои во објавата на фејсбук од страна на ЦУК.