Македонија
Во пресрет на грејната сезона: инспектори од еден град ќе вршат надзор на еколошките дозволи на компаниите во други градови
Државниот инспекторат за животна средина ќе тргне во акциска контрола на издадените еколошки дозволи, пред сè, на производните капацитети на територијата на целата држава. Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, најави новитет во контролите пред почетокот на новата грејна сезона.
„Новина во инспекциските надзори ќе бидат мешовити тимови. Инспекторите од еден град ќе вршат надзори во други градови. На надзорите ќе присуствуваат и вработени од Министерството за животна средина и просторно планирање“, рече директорката Гиновска.
Министерот за животна средина, Изет Меџити, најави дека ќе почнат со надзорот од Скопскиот Регион.
„Иницијално, ќе се почне со контрола на производните капацитети. Заедно со Инспекторатот ќе бидат посетени најголемите индустриски капацитети во државата почнувајќи од Скопскиот Регион. Работните тимови ќе спроведат увиди на терен, односно надзор на издадените интегрирани еколошки дозволи, со цел да се контролира усогласеноста на условите во дозволата со работата на инсталацијата на терен. Овие активности, покрај тоа што имаат цел контрола на усогласеноста на спроведувањето на националното законодавство, исто така имаат цел да обезбедат кооперативност и подигнување на јавната свест кај сите засегнати страни дека во претстојната сезона мора навремено и континуирано да се дејствува“, рече министерот Меџити.
Прашањето за квалитет на амбиенталниот воздух, според Меџити, е предизвик со кој државата со години се соочува, па затоа сакаат навреме да почнат со активности за ублажување на последиците, иако нагласува дека квалитетот на воздухот не е локален проблем и не е проблем на едно министерство. Министерството и Инспекторатот ќе настојуваат активностите за подобрување на состојбата со аерозагадувањето „да бидат инклузивни, да се споделуваат и да се координираат со сите релевантни институции“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Народната банка објавува повик за пријавување трудови за 57 сесија на Клубот на истражувачите
На 27 март 2026 година (петок), со почеток во 13 часот, во просториите на Народната банка ќе се одржи 57. сесија на Клубот на истражувачите.
„Доколку сакате да презентирате Ваш работен материјал на оваа сесија на Клубот на истражувачите, Ве покануваме да се пријавите со доставување на материјалот на е-адресата: [email protected], најдоцна до 18 март 2025 година (среда).
Трудовите треба да бидат изработени согласно со трендовите и стандардите на современите истражувања, што подразбира емпириска анализа, како и систематизирани заклучоци од истражувањето.
На сесиите на Клубот како платформа за дискусија и размена на стручни мислења, може да се презентираат резултати и сознанија и од истражување/труд во работна верзија“.
Клубот на истражувачите на Народната банка е отворена платформа за презентација и дискусија на научноистражувачки трудови, особено во доменот на монетарната политика и макроекономијата. Зачленувањето во Клубот на истражувачите е од отворен карактер, за што можете да видите подетални информации на веб-страницата на Народната банка www.nbrm.mk, во делот Клуб на истражувачи.
Македонија
Герасимовски: Реконструкција на улицата ,,Светозар Марковиќ”, нов асфалт, тротоари и канализација
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, изврши увид во активностите за реконструкција на улицата „Светозар Марковиќ“ во населбата Ново Маало.
Реконструкцијата на улицата опфаќа површина од 1.310 м² и должина од 210 метри. Во моментот на терен се поставува нов асфалт.
„Во Центар се реализираат конкретни проекти, со стандарди што граѓаните ги заслужуваат. Секоја уредена улица е чекор поблиску кон поразвиена и побезбедна општина. Реконструкцијата на улицата ,,Светозар Марковиќ„ ќе овозможи полесно движење за граѓаните и безбеден сообраќај, воедно ќе придонесе за поуреден изглед на населбата“, посочи Герасимовски.
Реконструкцијата предвидува проширување на улицата, нови рабници и тротоари, ново улично осветлување и поставување атмосферска и фекална канализација.
„Во Општина Центар активно се работи на подобрување на инфраструктурата.Во тек е реконструкција на улицата „Мирослав Крлежа“ во Дебар Маало, а наскоро ќе а започнат градежните работи за реконструирање на вториот дел од улицата „Ленинова“
Македонија
Што ќе рече генералниот секретар на НАТО Марк Руте за Адамовиќ, Стоиљковиќ и врските со Русија, прашуваат од СДСМ
Со своите државнички политики СДСМ ја внесе Македонија во НАТО, преку една од најбрзите пристапни постапки во историјата на Алијансата – за помалку од две години. Со тоа обезбедивме трајна безбедност и сигурност за државата и граѓаните, истакнуваат од опозициската партија.
„Благодарение на таа посветеност и сериозна политика што ја води СДСМ, денес во овие тешки времиња што го погодија светот, граѓаните на Македонија се помирни, побезбедни и побезгрижни.
Генералениот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска доаѓа во посета на Македонија.
Прашањето е што ќе рече генералниот секретар на НАТО за назначувањето на почесниот конзул Душан Адамовиќ и за најблискиот соработник на Мицкоски- вицепремиерот Иван Стоиљковиќ кои имаат блиски врски со Русија“.
Прашуваат дали е тоа соодветно за земја членка на НАТО?
„Со денови прашуваме и нема одговор од Мицкоски за неговите врски со Душан Адамовиќ и по кои критериуми на седница на Влада го избра својот пријател за почесен конзул на Македонија во Србија.
За неговите ставови дека „Српска Македонија“ била окупирана, за бројните криминални афери со кои се поврзува, за неговите високи позиции во СНС – сестринската партија на ВМРО како и за неговите врски со Русија.
Нема одговори“.
Нема одговори, како што велат ниту за прославите на првиот соработник на Мицкоски во Владата, вицепремиерот Иван Стоиљковиќ, со „Ноќните волци“ блиски на Путин.
Дали ваквите кадри ја зајакнуваат или ја компромитираат нашата позиција во Алијансата и на меѓународен план“.

