Македонија
Во скопските болници хоспитализирани нови 54 пациенти поради компликации од Ковид-19

Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализрани 54 нови пациенти поради компликации од коронавирусот, информираат од Министерството за здравство.
Од таму додаваат дека во болниците низ главниот град се сместени вкупно 549 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19.
Во последното деноноќие дома биле пуштени 31 оздравен пациент.
Од вкупниот број од 549 ковид-пациенти во болниците во главниот град, голем дел се на кислородна поддршка.
Од ресорното министерство посочуваат дека бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и утрово до 8 часот имало 90 слободни места. Сепак, се очекува во текот на денот, по направените исписи на оздравените пациенти, да се ослободат и дополнителни места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почна реконструкцијата и изградбата на шест спортски терени во Гостивар

Општина Гостивар започна со реконструкција и изградба на 6 спортски терени, од кои 4 се спортски терени, еден парк со спортски терен и едно спортско игралиште, на различни населени места во градот.
Од нив, 3 постоечки терени ќе бидат реновирани и опремени со модерна опрема и тартан подлога, додека 3 нови терени ќе се изградат од почеток, според најсовремените стандарди за безбедност, квалитет и функционалност.
„Нашата цел е јасна: да создадеме простори каде што младите ќе поминуваат квалитетно време, ќе се занимаваат со спорт и ќе растат здрави. Овие инвестиции се инвестиции за иднината на нашите генерации,“ – истакна градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани.
Македонија
Злоупотреби со регистрација на половни возила: 11 осомничени, меѓу нив и вработена во МВР

Секторот за внатрешни работи Куманово, во соработка со Одделот за внатрешна контрола и криминалистички истраги при МВР, поднесе кривични пријави против 11 лица поради повеќе кривични дела поврзани со плаќање давачки за увоз и регистрација на половни моторни возила.
Меѓу пријавените е и 43-годишна вработена во МВР – Одделение за управни работи Куманово, осомничена за „злоупотреба на службена положба и овластување“. Пријавен е и 29-годишен контролор во станица за технички прегледи поради „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“. Останатите лица се сомничат за „прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама“ и „давање лажен исказ“.
Според МВР, во текот на 2024 година дел од пријавените договарале сопственици на возила со странски таблици, кои за половина од законските давачки за увоз, добивале регистрација без да ги платат потребните трошоци. Во електронскиот систем биле внесувани податоци за возила без платени царини, такси и надоместоци за регистрација.
Пријавениот контролор во станица за технички прегледи изготвувал и фалсификувани електронски табели налик на оние што ги издава Бирото за метрологија за хомологација на возила.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за понатамошно расчистување на случајот.
Македонија
Касами: Тетово ќе биде пример за соживот и меѓуетничка хармонија

Во Општина Тетово денеска се одржа седница на Општинскиот совет за превенција, на која беа избрани членовите на Локалниот совет за превенција. На овој состанок присуствуваа претставници од државните институции, верските заедници и други релевантни организации.
Градоначалникот на Општина Тетово, Биљал Касами, во своето обраќање потенцира дека овој совет е клучен за превенција на појави кои ја загрозуваат општествената кохезија.
„Како град и како мултиетничка и мултиконфесионална држава, имаме обврска да испраќаме обединувачки пораки и да ја зајакнеме културата на соживот. Само на тој начин ќе обезбедиме стабилност и посигурна иднина за нашите граѓани,“ истакна Касами.
Тој додаде дека Општина Тетово, во тесна соработка со полицијата, обвинителството, социјалните центри, училиштата и верските лидери, ќе преземе конкретни чекори за граѓаните да живеат во мир, хармонија и заемна почит.
„Нашиот заеднички ангажман е гаранција дека граѓаните на Тетово ќе се чувствуваат заштитени, почитувани и еднакви, без разлика на нивната етничка или верска припадност. Само преку соработка можеме да изградиме поправедно и посилно општество,“ нагласи градоначалникот Касами.