Македонија
Во чест на загинатите во Пулс во Кочани се возеа велосипеди

Над 300 велосипедисти, рекреативци, спортисти и граѓани учествуваа на велосипедската тура „По патеката на оризот“ во чест на трагично загинатите во клубот Пулс, што заеднички ја организираа нивните семејства и Општина Кочани.
Учесниците, меѓу кои имаше деца и родители на жртвите, возеа на кружна патека во должина од 15 километри во правец на селата Грдовци, Мојанци и Горни Подлог, а на местото на трагедијата им беше оддадена едноминутна почит на настраданите.
-Заедно возиме велосипеди во чест на нашите трагично загинати деца и потсетуваме дека на 4 мај 1903 година во борба загина Гоце Делчев и животот го даде за Македонија да биде слободна. Денеска, на 4 мај 2025 година Македонија е заробена држава, заробена на авторитет што е сконцентриран во еден центар на моќ. Без контрола и баланс, ни го донесе педесеттиот ден од нашата болка, празнина, тежина и само тишина и молк. Кочани е во жалост, имаме колективна траума и тага, нема некој што не е допрен од трагедијата и бараме начин да искажеме почит кон трагично починатите, истакнаа во обраќањето родителите на настраданите.
Родителите упатија прашање дали треба да се случуваат трагедии за да си подадеме рака и да се сплотиме, да дадеме поддршка и заедно да се молиме за побрзо оздравување на повредените. Порачаа дека нема да се откажат од борбата да го добијат одговорот за виновниците за трагедијата, заради правда за загинатите.
Во организацијата на велосипедската тура придонес дадоа и волонтерите од Црвен крст, членовите на Територијалната противпожарна единица и Доброволното противпожарно друштво, како и вработени во Полициската станица и Општата болница од Кочани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сообраќајка го затвори патниот правец Дебар-Струга

Сообраќајот на патниот правец Дебар – Струга е во прекин во двата правци поради сообраќајна несреќа.
Како што информираат од Автомото сојузот на Македонија, сообраќајот е во прекин од 14.30 часот.
Македонија
Сиљановска Давкова: Делчев беше и ќе биде дел од нас, од нашата историја, сегашност и иднина

Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова денеска положи цвеќе во црквата „Св. Спас“ по повод 122-годишнината од смртта на великанот Гоце Делчев, но и на својот фејсбук профил искажа почит кон македонскиот револуционер.
Како што наведува Сиљановска Давкова, Делчев беше и ќе биде дел од нас, од нашата историја, сегашност и иднина.
-Со длабока почит, по повод 122-годишнината од смртта на великанот Гоце Делчев, положив свежо цвеќе на неговиот вечен дом во дворот на црквата „Св. Спас“.
Денот на смртта на најмаркантната и најсветлата фигура на македонското револуционерно национално дело, втемелувачот на македонскиот републиканизам, апостолот на ВМРО, учителот Гоце Делчев, нè потсетува на жртвата којашто нашите предци ја дале за македонскиот народ да живее во сопствена држава за да може културно да се натпреварува со другите народи. Тој не случајно почива тука, во дворот на прекрасната црква „Св. Спас“, на македонска почва и под македонското небо, туку по сопствен аманет да биде закопан во независната македонска држава. Гоце Делчев беше и ќе биде дел од нас, од нашата историја, сегашност и иднина, пишува претседателката.
Македонија
Инвестиција од неколку десетици милиони евра и над 200 вработени најави Мицкоски

Нова инвестиција од неколку десетици милиони евра и над 200 вработени, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Како што изјави, стартот на инвестиција се очекува за една до две недели.
Одговорајќи на новинарски прашања по одбележувањето 122 години од смртта на Гоце Делчев, Мицкоски повтори дека една од примарните цели на Владата е номиналниот БДП да биде над 20 милијарди долари или 10.500 долари по глава на жител, како и намалување на јавниот и државниот долг под 50, односно 40 проценти.
-Минатата година ја завршивме со историски рекорд кога станува збор за странските инвестиции, една милијарда и 255 милиони евра. Само во последниот квартал е повеќе од 400 милиони евра. Како ќе биде годинава, ги чекаме податоците од првиот квартал. Се надевам дека ќе биде подеднакво успешна. Можам да најавам дека за недела – две од денеска почнуваме со нова инвестиција од неколку десетици милиони евра и повеќе од 200 вработени, која ќе учествува значително во БДП, рече премиерот.