Македонија
Во јавните набавки има корупција, која е последица на политичките интереси, во цените има големи разлики, покажува извештајот на Центарот за граѓански комуникации
Центарот за граѓански комуникации денеска ги објави извештајот од редовниот мониторинг на јавните набавки, кој вклучува и анкети со фирмите и со претставниците на државните институции; Индексот на рационалност, каде што се споредени цените по кои разни институции набавувале сосема исти производи или услуги и анализа, и базата на податоци за јавните набавки на општините за 2023 година.
Клучните наоди од овие истражувања, како што информираат од Центарот, покажуваат дека јавните набавки во 2023 година достигнаа рекордно висока вредност и рекордно ниска конкуренција во последните 10 години. Склучени се договори за јавни набавки во вкупна вредност од 1,5 милијарда евра, што е 35 % повеќе од претходната година.
Според мониторингот на јавни набавки, просечниот број понуди од тендер изнесувал 2,7. Во една третина од тендерите е добиена само по една понуда. Отсуството на конкуренција е последица на фаворизирачки тендерски документации и загубена доверба на бизнис-секторот во фер натпревар на набавките.
„41 % од лицата за јавни набавки по државните институции сметаат дека во набавките често има корупција. Повеќето од нив велат дека најприсутна е корупцијата како последица на политичките интереси и дека поголем генератор на корупција се фирмите отколку луѓето во институциите. И 51 % од фирмите што учествуваат во јавните набавки сметаат во набавките има корупција, а со неа лично се соочиле 23 % од компаниите вклучени во истражувањето. Индексот на рационалност открива големи разлики во цените по кои институциите купуваат исти производи и услуги. Така, на пример, исти лиценци за компјутерски софтвер се купувани по цени од 6.185 до 23.100 денари. Базата на податоци за јавните набавки на општините, пак, открива дека во 2023 година општините за набавки потрошиле 40 % повеќе пари од претходната година и дека само десет фирми добиле 25 % од вредноста на сите тендери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

