Македонија
„Во 2026 година ново рекордно зголемување на буџетот за научно – истражувачка дејност“: МОН го честита Светскиот ден на науката за мир и развој
Науката во Македонија се актуелизира не само како тема за дискусија, туку и како поле на делување. Ова го потврдува и последниот извештај на Европската комисија за напредокот на државата во областа на науката, а претставува резултат на ефективни национални политики и на значително зголемениот буџет за поддршка на научно – истражувачката дејност. Од 380 милиони денари во 2024 година на 680 милиони денари во 2025 година, а за следната 2026 предвиден е рекорден буџет од 773 милиони денари за наука, велат од МОН
Министерството за образование и наука оваа календарска година преку три повици за распределба на средства ја стимулираше реализацијата на научно – истражувачки проекти на јавните универзитети, факултети и научни установи, на МАНУ и бизнис заедницата, кои се во корелација со целите од Стратегијата за паметна специјализација на Македонија. Проектите успешно се реализираат.
„Науката е столб на општествениот развој и затоа во 2026 година буџетот за наука ќе изнесува 773 милиони денари со кои продолжува финансирањето на научно – истражувачки проекти, за развој на лабораториските ресурси, за учество на меѓународни научни конференции и организирање на домашни, објавување на научни трудови во списанија со импакт фактор, доделување стипендии за млади научници, стипендии за втор и трет циклус на студии во државата, како и организирање на научни и студиски престои во странство.
Посебно радува зголемениот интерес кај младите да се занимаваат со наука и иновации, што се огледува преку искористување на мерките кои МОН ги става на располагање, така што, заедно со другите надлежни владини институции продолжуваме да ги поддржуваме во реализација на личните амбиции.
Развојни политики добиваат континуитет, затоа што секој влог во науката се исплати и на средства и труд во овој сегмент, не треба да се штеди. Честит 10 Ноември – Светски ден на науката!“, се додава во соопштението на МОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нема скандал, ниту криминал, а во тоа да не се вмешани Заев и Филипче
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека постои поврзаност меѓу Венко Филипче и сопственикот на компанијата „ЦБД Медплант“, Тони Котев, во врска со случајот со запленета дрога.
Од партијата велат дека во јавноста се појавиле фотографии на кои двајцата се заедно, што, според нив, ги демантира изјавите на Филипче дека не ги познава лицата поврзани со фирмата.
„Откако со денови СДСМ се обидува да ја релативизира аферата со запленетата дрога, вистината излезе на виделина. Филипче тврдеше дека нема никаква врска со вистинскиот сопственик на фирмата, но фотографиите покажуваат поинаку“, се наведува во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ прашува зошто, како што велат, владејачката партија реагира на случајот со запленети над 30 тони дрога и дали постои поврзаност со поранешни функционери.
Од партијата повикуваат Јавното обвинителство да ја испита можната поврзаност на Филипче со случајот.
Македонија
Најмногу снег на Попова Шапка
Најстудено утрово е во Берово -4 степени, на Попова Шапка се измерени -2, додека во Крива Паланка, Претор, Битола, Струмица, Mаврови Анови се измерени 0 Целзиусови степени. Над нулата е во Тетово, Прилеп, Штип, Kрушево каде се измерени еден степен, Скопје-Петровец, Велес, Демир Капија, Виница по два, Скопје-Зајчев Рид, Охрид, Кавадарци по 3 и Гевгелија пет Целзиусови степени, информира УХМР.
Најмногу снег има на Попова Шапка, каде висината на снежната покрива изнесува 62 сантиметри.
За изминатите 24 часа до 07 часот во најмногу врнежи имало во Охрид и Претор каде се измерени 2 l/m2.
Времето денеска ќе биде променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Врнежите ќе бидат пообилни во северозападните делови (локално над 25 l/m²). Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 14 степени.
Македонија
Хуманост на дело, за само шест часа собрани 3,1 милиони денари за лекувањето на малата Ана
Кампањата за лекување на осумгодишната Ана Јованчева официјално е затворена, откако за само шест часа беа собрани 3,1 милиони денари, објави доктор Ненад Лазаров.
Станува збор за една од најбрзите и најмасовни хуманитарни акции во последниот период, со што целосно се обезбедени средствата потребни за хируршката интервенција и лекувањето во странство. Со ова, како што посочи Лазаров, семејството на Ана е барем финансиски растоварено во најтешкиот период од нивниот живот.
Ана има дијагностициран редок и исклучително агресивен тумор на синусите – Tu Foss pterygopalatina Sinus sphenodalis lat dex et orbitae lat dex, со зафатена орбита. Дијагнозата е потврдена во Хрватска, каде што се бара специјализиран хирург за изведување на сложената и деликатна операција.
Болеста е сериозна и со висок ризик, а времето беше клучен фактор, поради што кампањата беше означена како најитна досега. Масовниот одѕив на граѓаните за неколку часа покажа силна солидарност и сплотеност кога е во прашање животот на дете.
„Секоја среќа ти посакуваме, Ана. Цела држава стана за тебе“, порача Лазаров, додавајќи дека поддршката за девојчето и нејзините родители ќе продолжи и во наредниот период.

