Македонија
Вратени на старите функции 14 раководни лица во МВР

Министерството за внатрешни работи соопшти дека од денеска во согласност со постојните законски одредби за функционирањето на т.н. техничка влада повторно се вратени на старите раководни функции 14 раководни лица на исто толку организациски единици во Министерството, кои беа на овие позиции и пред формирањето на техничката влада.
На раководни позиции се враќаат следниве раководители:
1. Тони Јакимовски – началник на Секторот за внатрешни работи – Скопје во Бирото за јавна безбедност
2. Сашо Смилески – началник на Секторот за внатрешни работи – Охрид во Бирото за јавна безбедност
3. Марјан Коцев – началник на Секторот за внатрешни работи – Штип во Бирото за јавна безбедност
4. Славко Јованоски – началник на Секторот за внатрешни работи – Битола во Бирото за јавна безбедност
5. Игор Каравилоски – началник на Одделението за внатрешни работи – Прилеп во СВР Битола во Бирото за јавна безбедност
6. Злате Јаневски – началник на СВР Велес во Бирото за јавна безбедност
7. Танчо Пројковски – началник на Секторот за внатрешни работи – Струмица во Бирото за јавна безбедност
8. Стојанче Величковиќ – началник на Секторот за внатрешни работи – Куманово во Бирото за јавна безбедност
9. Дејан Андонов – помошник на министерот на одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди
10. Бранко Трајановски – началник на одделот за специјални полициски операции во Бирото за јавна безбедност
11. Митко Даневски – командант на единицата за специјални задачи во одделот за специјални полициски операции во Бирото за јавна безбедност
12. Лазо Велковски – началник во одделот за сузбивање сериозен и организиран криминал во Бирото за јавна безбедност
13. Примислав Димовски – началник на единицата за интервентна полиција во Секторот за внатрешни работи – Скопје во Бирото за јавна безбедност
14. Марјан Здравковски – помошник на министерот на одделот за информатика и телекомуникации
Ревидирани се и составите на телата и комисиите при МВР. За раководител во Битола е именуван Африм Шабани, во Куманово Севадил Џафери, во Охрид Хамди Емини, во Скопје Мемедали Мухареми и во Тетово Јетмир Абази.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.