Македонија
„Вреди“: ДУИ ја уништи секоја можност за напредок на Албанците во Скопје и пошироко

Секој пат кога Демократската унија за интеграција излегува во јавност и обвинува за наводна угнетеност на Албанците, пред нив се појавува коалицијата помеѓу Блерим Беџети – Данела Арсовска и Левица.
Оваа коалиција од интерес и емоции продолжува да биде функционална во корист на Беџети, Арсовска и Левица, а на штета на Албанците и сите граѓани. Доказ за тоа е продолжувањето на изградбата на споменикот на Андон Лазов Ќосето – познат како „Касапот“, на кружниот тек кај трговскиот центар „Ест гејт мол“, велат од „Вреди“.
Според оваа коалиција, Беџети и најнепосакуваната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, отидоа уште подалеку.
Како што додаваат, во нивната алчност за власт по секоја цена, ДУИ прават сѐ за да ја „деалбанизираат“ градската администрација на Скопје.
„Благодарение на нив Албанците, кои сочинуваат повеќе од 22% од населението на градот, се целосно исклучени од локалната власт. Дополнително, од 92 раководни позиции во администрацијата, само 8 се пополнети со Албанци.
Ситуацијата е уште позагрижувачка во јавните претпријатија на Град Скопје. Освен во Јавното претпријатие „Комунална хигиена,“ каде Албанците имаат минимална застапеност, во шест клучни претпријатија како што се ЈП “Паркови и зеленило”, ЈП “Водовод и канализација”, ЈП “Јавното сообраќајно претпријатие”, ЈП “Градски паркинг”, ЈП “Улици и патишта”, ЈП “Дрисла”, Албанците заземаат само 5,5% од раководните позиции.
За 22 години, ДУИ ја уништи секоја можност за напредок на Албанците во Скопје и пошироко. Оваа криминална власт, која го игнорираше нашиот народ со децении, го претвори нашиот град и нашите населби во нивната верзија на „Лас Вегас,“ каде што само тие профитираат, додека Албанците остануваат пред затворените врати на власта“, истакнуваат во реакцијата.
Коалицијата „Вреди“ како што посочуваат, е посветена на борбата против овие неправди.
„Нема да дозволиме овој вид дискриминација да продолжи и ве уверуваме дека секоја неправда ќе биде откриена и со решителност ќе се спротивставиме. Албанците во Скопје заслужуваат претставување и можности кои им се ускратени“, нагласуваат од „Вреди“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.